Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Низ Средна Европа - 12-22 април 2012


„Прекорачили сте брзину“ - гласот од патниот навигатор, постојано не предупредуваше дека возиме побрзо отколку што треба. Тоа беше една од ретките работи кои не нервираа на ова интересно патување. А, поминавме околу 3 3 00 км, тргнувајќи од Македонија, преку Србија, Унгарија, Словачка, Полска, Чешката Република, Австрија и назад, преку Унгарија. Планинарење, истражување на таинствени клисури, лавиринтски карпи и рудник, и попатна посета на убави градови. Патување во организација на ПСД Макпетрол – Скопје и ПК Балкан од Белград.

Во Унгарија бевме во Будимпешта и во Сентандреја. Будимпешта е убава гледана од секој агол. Од птичја перспектива, од Цитаделата, и од пешачка перспектива, одејќи покрај старите згради, Парламентот, Плоштадот на хероите, ...

    
Од Цитаделата                                                                                     Сентандреја

Го посетивме и местото Сентандреја, мало мирно место на Дунав, на 20-тина км од Будимпешта, со долга православна историја. Тесни улички, цркви, музеј на марципанот и шегаџии. Еден шегаџија си искинал ливче од тетратката со коцки, си напишал 2-3 реченици на унгарски јазик, допишал 20.000 форинти и го закачил ливчето на нашиот минибус. Демек, казна за погрешно паркирање. Ха, можеби во неговиот свет.

Во Словачка спиевме во местото Терхова, опкружено со високи планини и длабоки клисури, со уредени планинарски и ски патеки, жичарница и скилифтови. Планот беше да искачиме 2 врва одејќи преку највисокиот срт во Националниот парк Мала Фатра. Но, поради силниот и ладен ветер се искачивме само на највисокиот врв, Велики Криван (1.709 метри). На врвот, поради силниот ветер, кој како што ни кажаа словачките планинари, постојано дува, не останал снег. Од врвот се гледаа и Мал Криван. Додека ние се искачувавме кон врвот, околу нас ранобудните словаци се подготвуваа за скијање. На враќање од врвот, нагоре се искачуваа и други планинари, некои со турно скии и со „снегохотки“.


Поглед кон Велики Криван


Поглед од Велики кон Мал Криван

После слегувањето од врвот влеговме во клисурата Јаношикове Дјери, во чии тесни процепи, пештери и високи врвови се криел Јаношик (словачкиот Робин Худ). Денеска клисурата е испресечена со метални премини и скали над разлутената вода и е магнет за авантуристи. Миха и Луција, насмеани, млади луѓе од Братислава, сместени во истиот хотел во Терхова, се понудија да ни прават друштво и на врвот Велики Криван и низ клисурата. Без нив немаше да ги видиме скриените убавини на клисурата Дјери.

    
Низ клисурата Дјери                                                         Нагоре по металните скали

Во Полска бевме сместени во Вјеличка ( Wielicka) , во близината на Краков, каде на 300 метри од нашиот хотел се наоѓаше Рудникот на сол. Од 13-от век до 1996 година, рударите ваделе сол од рудникот кој има 9 подземни нивоа (како во Пеколот на Данте Алигиери) и 300 км тунели. Но, овој „Пекол“ изгледа фасцинантно. Се спуштивме по скали на длабочина од 135 метри каде водичката Дорота, една по друга, ни ги откриваше атракциите на рудникот. Капелата од сол, концертната сала од сол, споменици на кралеви и папи во сол, рељефни слики во сол, ... Тоа што во солта го имаат направено рударите, уметници – аматери, е неверојатно. Да можеле да ги прикажат нивните скулптури надвор, пред поширока публика, а не само пред колегите-рудари, би ги вброиле меѓу врвните скулптори. Нагоре излеговме со лифт. Денес се достапни 3 подземни нивоа; првите две нивоа за туристи, а третото ниво за болни од астма. Испешачивме околу 5 км подземни ходници и се изнадишавме од воздухот, кој велат дека е многу здрав.


Кралицата Кинга и пронајдениот прстен – од сол

    
Сол по ѕидовите                                                         „Тајната вечера“ и подот од сол

А, низ Краков шетавме по дожд. По најголемиот средновековен плоштад во Европа, низ Дворецот и Катедралата Вавел, по улиците на старото еврејско мало каде фасадите на старите згради ги чистеа со силен млаз вода.


Дворецот Вавел

Концентрационите логори Аушвиц (Oswiecim) и Аушвиц-Биркенау (Brzezinka) , денес музеи, се места кои секој нормален човек треба да ги посети. Да види до каде може да оди човековата лудост, суровост, изживување,...., но и издржливост во нехумани услови. Поминувавме без зборови покрај гасните комори, крематориумите, ѕидовите за стрелање, ќелиите за стоење и ќелиите за задушување, и се прашувавме во себе како е можно во непрегледните, мирни, зелени рамници на Полска, нацистите да направат вистински „фабрики на смртта“ во кои, како во црна дупка, исчезнувале милиони луѓе носени од цела Европа. Од Родос, од Лисабон, од Киев, од Париз. Со нас беше и Б. Т. која 4 години преживувала во опколеното Сараево. Кога ја виде просторијата со исечена коса, почна да и недостасува воздух, а кога ги виде стотиците куфери и илјадниците чевли на убиените во логорите, почна да се гуши во солзи. И не можеше повеќе да ги гледа материјалните остатоци од милион и пол луѓе убиени во двата логори. Дента беше дождливо и многу ладно, но, поинакво време не ги личи логорите. Не фасцинираше што и по такво време и во работен ден камповите беа посетени од илјадници луѓе од цел свет, а најмногу млади.


Аушвиц - Работата ослободува

Вистинска авантура беше прошетката низ Тепличко-Адршпаските карпи, најголемата групација на лавиринтски карпи во Европа. Високи карпи во разни форми, изделкани од времето и водата, споени и оддалечени, со тесни ходници меѓунив. Карпите до средината на 18 век биле многу мистично место во Чешка и луѓето се плашеле да влезат вонив. Но, денес тие се вистинска туристичка атракција. Ние дента, работен ден, шетавме сами меѓу карпите. Како да влеговме во маѓепсана територија во која низ тесните ходници меѓу карпите и жолтеникавите потоци шетаат скаменети луѓе, коњи, желки, орли, .... Скаменети се и младенци, како и еден градоначалник и неговата сопруга. Прошетавме и низ „Сибир“, 300 метри долг, тесен и темен ходник меѓу карпите, сиот во снег и мраз.

Во регионот со карпи влеговме во местото Теплице над Метуји и после поминати 15-тина км и искачени и симнати 2000 дрвени скали излеговме во местото Долни Адршпах, низ тесен процеп во карпата, широк само 50 см ( покрупните, СТОЈ!!).

    
Низ Сибир                                                         Илјадници скали

    
Скаменети младенци                                                         50 см

Но, една мистерија остана нерешена. Покрај патеката видовме расфрлени пердуви. Дали тоа беше пролетно пресоблекување или нечиј доручек?


Пердуви на сите страни

Инаку, високите, мазни карпи се рај за искачувачите на карпи од цел свет. Може да се сместат во блискиот замок Bischofstein , каде што бевме сместени и ние, и да вежбаат рамнотежа во широкиот двор на замокот одејќи по тенките ленти оптегнати меѓу дрвата во дворот.


Рамнотежа

Во Прага видовме „300 чуда“: наутро чекоревме по празниот Карлов мост, шетавме низ градината на Wallenstein ( Чешкиот Сенат), влегувавме во барокните и готските цркви, шетавме низ широките плоштади. Од ридот над Влтава, седнати под Метрономот (голем соц-реалистички споменик), во тишина го гледавме градот кој во својата убавина се протегаше по хоризонтот.


Мостовите на Влтава


Часовникот на главниот плоштад

И покрај тоа што уште во Македонија ги прочитавме „Десетте златни правила за менување на пари во Чешката Република“, сепак ја направивме основната грешка; без размислување разменивме пари по неповолен курс. Но, разочарувањето го потопивме во кригли точено пиво.

Дневната доза пешачење низ Прага ни беше околу 5-10 км, по улиците, меѓу спомениците, низ парковите. Посетивме и изложба на Салвадор Дали. „Единствената разлика меѓу мене и луд човек е што јас не сум луд“, рекол Дали и го нацртал слонот со тенки, високи нозе. А, изложбата Human Body Exhibition не внесе во светот на човечката анатомијата. Како изгледаат сите крвни садови во човечкото тело? Од далеку, како црвена волна. Како изгледаат нервите? Како низа тенки и дебели шпагети. Како изгледа фетус од 10 недели? Мал. Како изгледа орган заболен од рак? Страшно. Како изгледа преполовено тело? Фасцинантно.

    
Дали                                                         Тело

Во Чешке Будејовице, или на германски Budweiss , полека го шетавме стариот дел на градот, со широк плоштад и разиграна фонтана.


Градот Budweiss

Сите што слушнаа дека ќе го посетиме градот Чешки Крумлов, веднаш воздивнуваа и велеа: „Ах, најубавото гратче во Чешката Република“. И навистина. Чешки Крумлов, град под заштита на УНЕСКО, изгледа како да е загрнат во силна прегратка од Влтава, која се извива околу стариот дел на градот. Старите куќи, цркви и тврдина, како да се направени само за фотографирање.


 
Чешки Крумлов


Чешки Крумлов – уште еднаш

На крај од патувањето поминавме и низ Виена.

На нашето 10-дневно патување низ Средна Европа на кое не следеше убаво време искачивме врвови, пешачевме низ тесни клисури и широки плоштади, го видовме Аушвиц, го истражувавме и подземјето (рудникот). Одлична комбинација за активен одмор.


Автор: Горан Николоски, ПСД МАКПЕТРОЛ – Скопје.
Слики: Горан Николоски, Миланка Арсиќ, Анета Ангелкова

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje