Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Јакупица : Солунска Глава - 30-31 март 2013

Најавите за временските услови за викендот беа навистина лоши, но ние како и многу пати до сега, со намера да избегаме од секојдневието, подалеку од градскиот метеж и со голема желба за дружење во планински услови, решивме, наспроти добронамерните сугестии на нашите пријатели планинари, сепак да ја изведеме нашата традиционална клубска акција во зимски услови на Солунска Глава.

9 члена екипа во состав: Климентина, Јани, Буце, Тања М., Тања Г., Данчо, Александра, Јоцо и Перо во 16 ч. во сабота со две возила се упативме кон Папрадиште каде пристигнавме на стемнување, ги паркиравме возилата и по кратко спремање тргнавме кон планинарскиот дом Чеплес по сеча, шумската патека која најкратко и најбрзо води до домот. За жал, движењето во ноќни услови не ни дозволи да уживаме во убавините на неколку столетната дабова шума. Поради топлото време во овој период од годината и топењето на снеговите, напредувањето ни беше прилично отежнато, скоро цело време газевме во кал и прерипувавме надојдени поголеми и помали потоци, на места доста критично, имавме и несакани инциденти-пролизгувања и падови со мали повреди по нозете и рацете.

За околу два часа бевме во домот. Нашите клубски пријатели: Коле-Макпетрол и Миланка од Белград со својата група, кои тргнаа сабајлето во саботата, веќе се беа сместиле во домот.

Недела, будење во 6 ч. кратки припреми и тргнување накај Солунска. Времето, како што беше предвидено, облачно, само што не заврнало, со ветер и сосема нормална реакција на скоро половината кои тој викенд се најдоа на Чеплес, да не тргнуваат туку да си останат во домот, да се дружат и да ги дочекаат назад оние кои сепак решиле да си поиграат со судбината тој ден.

Две групи тргнаа тоа сабајле, едната по летната а нашата 5 члена група по зимската патека, вкупно 20-ина. Еден член на самиот почеток ни се откажа поради болка во коленото. Продолживме по сртот кој води према Горна Бабина. Кога ја напуштивме шумата почнаа проблемите. Почна да врне замрзнат дожд носен од силен ветер. Кога се најдовме пред Горна Бабина веќе бевме целосно мокри од ракавици па дури на двајца од нас ни прокиснаа и високогорските кондури најверојатно од дотраеност. Тука, по кратко консултирање дојдовме до заеднички заклучок дека не е баш паметно да се продолжува понатаму па решивме ја прекинеме акцијата.

Во тој момент одоздола под нас се појави групата што пред нас тргна од домот по летната патека, се сретнавме, повторно консултации што да се прави, дел од нив исто така реши да се враќа а некои пак сакаа да продолжат уште малку со надеж дека сепак ке има некакви теоретски шанси - услови да се реализира до крај акцијата. Така и јас решив да појдам уште малку нагоре да видиме што ќе се случи, се поздравивме со останатите, тие ни посакаа “мирно море” и фативме секој по својот пат. Ја поминавме Горна Бабина, тука за момент ветрот како да стивна малку, ни даде лажна надеж и ние продолживме уште малку натаму и ... веќе се аклиматизиравме, ако можам така да кажам, или еуфоријата и предизвикот да се качи Солунска по вакви услови не совладаа па така, не ни остана ништо друго освен да дадеме се од себе и да ја завршиме “агонијата” како што се изрази една планинарка од српската група. Врвот не дочека во својот полн сјај, невидена снежна виулица, ветерот дуваше од сите страни, едноставно немаше начин како човек да се одбрани од замрзнатите иглици кои од сите страни влегуваа и не боцкаа и ги замрзнуваа оголените делови од лицето и очите. Дојдовме до војниот објект и за миг се појави еден војник. Луѓето беа премрзнати па војникот вети дека ке оди да го замоли командирот да не пушти малку во објектот да се загрееме. Неколкуте минути додека го чекавме нема да се обидам да ги опишам бидејќи не можам да пронајдам соодветни зборови. Конечно се појави војникот со две шишиња чај и сфативме дека нашиот обид да влеземе малку во објектот ни пропадна. Јас со уште неколкумина решивме веднаш да се упатиме назад, по пат се разминувавме со последните од групата кои како зомби се движеа нагоре. После во разговор со другите во домот разбрав дека командирот на војниот објект сепак попуштил пред шармот на женската група која пристигна на врвот после мене и им дозволил и покрај строгите војнички правила, на кратко да се загреат и да се пресоблечат во објектот. Враќањето не беше воопшто полесно од искачувањето, сега се соочивме со директен ветер во лице во горните делови а подоле со многу мек раскашавен снег со многу пропаѓања и пролизгувања, при што движењето ни беше прилично отежнато. Во домот се вратив потполно наводенет, буквално од глава до петици.

Ова беше едно многу убаво и поучно искуство, му го препорачувам на секој млад високогорец како пракса по успешно помината теоретска обука, психофизички тест и проверка на опремата. Јас по ова искуство, дефинитивно морам да размислувам за нови високогорски кондури.

 

Текст: Петар Герасимов
Фотографии: Јани Беака, Тања Манчева


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje