Во саботата се собравме група од девет планинари и по многу убаво време се упативме кон Богомила и с.Папрадиште. Попатно застанавме кај манастирот Св. Архангел Михаил во с.Теово. Многу пријатно се изненадивме од прекрасно уредениот плац со малата црква и фантастичниот конак. Секоја чест за отец Стојко кој е ктитор на манастирот и кого го затекнавме како работи во дворот.
Околу 9.30 ч. тргнавме од с.Папрадиште кон пл. дом Чеплес. Патеката води кратко време низ селски полиња а потоа влегува во прекрасна букова шума испресечена на неколку места со потоци кои лесно ги поминавме. Околу 12 ч. пристигнавме во пл. дом Чеплес на 1450 мнв. Домот пристојно се одржува и се гледа дека новиот газда решил новиот дел убаво да го дотера. Освен домарот Стојанче затековме и неколку планинари кои дента се беа искачиле на врвот. Ни кажаа дека има доста снег во кој се пропаѓа. Си помисливме – тоа е како што очекувавме во тој период од годината.
Но, вечерта времето се смени, започна убаво да врне и врнеше цела ноќ до сабајлето до 5.30 ч.
Благоја кој дојде сам вечерта тргна сам нагоре а ние останатите 5 души (тројца се откажаа) тргнавме околу 6.15 ч. По кратко одење се одвоивме по зимската патека и иако постојано капеше по нас од снегот што се топеше на дрвјата без проблеми се искачивме на гребенот. Е таму веќе беше интересно : ноќта паднал убав нов снег – околу 30 – 40 см. Гребенот шпицест, израснале ниски борови на самиот гребен и пробивањето одеше бавно. Се спушти магла, Перо го вклучи GPS – от и тој ни беше сигурен водич. Започна и ситен снег кој по кратко време престана. На 2080 мнв свртевме десно и се спуштивме на околу 1900 мнв каде се споивме со летната маркација која тука завршува и нагоре се движевме по поставените дрвени колци кои да не беше GPS – от тешко дека ќе успевавме да ги здогледаме. Тука ни се придружи и газдата на пл. дом Љупчо. Густата магла не следеше до врвот! Снегот беше многу тежок, пропаѓавме по 30, 50, 80 см! Некаде на 2100м прв одмор, закрепнување со храна и потоа полека нагоре и нагоре, и нагоре.... Маглата многу заморува, едвај од десна страна се назира провалијата. Од 2300 мнв започна ветар кој се засилуваше се повеќе, така што на 2500 м веќе беше многу силен, те бутка, го гуши викањето, неможеш да се разбереш. На дваесетина метри до жицата го видовме крајот на искачувањето и се свртевме назад. Застанавме дури некаде на 2200 м во заветрина, краток одмор и потоа спуштање по зимската па по летната маркација до чешмата на Долна Бабина дупка. Оттаму уште еден час пешачење до домот.
Пресоблекување, ручек и повторно пешачење до с.Папрадиште. Арно ама потоците станале реки! Патеката на многу места со вода. Во мрак стасавме во с.Папрадиште. И потоа уште 2 часа возење до Скопје.
Се на се тоа беше тешко искачување кое ни одзеде многу повеќе време од очекуваното и повеќе не умори. Но тоа беше добар тренинг за искачување на поголеми височини.
Автор: Никола Доновски