Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

34-ти пролетен маратон : Богомила - Солунска Глава - Водно (Скопје) - 25-27 април 2014

Кога би имала голема меморија не би раскажувала со свои зборови и реченици. Така барем мислев. Би цитирала цело време, цитати од филмови, песни, поеми, сказни, вицеви, пријатели па дури и од некоја книга. Оние цитати за обичните луѓе и нивните животи. Луѓе како Амелија и јас. Обични луѓе што тргнуваат на пат. И така и мислев да прераскажам. Но излезе дека не можам да раскажам сопствен пат со туѓи зборови и цитати, колку и да се трудам. Бидејќи е мој. А секој пат е различен, уникатен и оргинален до бескрај.

Мојот почнува на железничката станица во Скопје. Всушност малку поодамна, но тоа е веќе друга приказна . Некој пат ќе ја раскажам и таа.

Значи железничка станица. Скопје. Петок 25.04.14. Саатот е 14.20. Трчам по возот. Многу познато чувство. Различно е само што сега имам возен билет. Амелија ги купи 15 минути претходно. До Богомила во еден правец. Стигнувам на перонот знаејќи дека Амелија е во паника. Не претпоставувам, како некоја интуиција, или телепатија што си ја пренесуваат блиските луѓе еден на друг. Туку совршено пластично знам, бидејќи пред еден саат ми се јави и ми рече: “Јас не знам дали ќе дојдам! Ранецот ми е камен! Колешките се прашуваат како ќе го носам на грб по цел пат! И ќе врне!!! Нели не требаше да врне?!”

Но тука е. На перон три. Со карти. За Богомила во еден правец. И јас сум на перон три. И додека се трудам да ја здогледам пријатно лице ме прашува: “ За мара тонот сте од Богомила?” И некој свикува: “Тоа е маратон?????” Добро е, ја најдов Амелија !

Во 14.30 возот поаѓа. Се немам возено од факултет. Многу сакам возови. Порано не ги сакав толку.

После неколку станици, разговори, длабоки филозофии, сендвич, непознати ликови на сопатници и бесења на главата низ прозор да проверам дали останало убаво чувството додека те тепа ветерот по лице, стигнавме во Село Согле. Но не се симнавме. Но бидејќи безброј пати прашав најразлични луѓе после кое село е село Богомила, и добив одговор секој пат, ред е да го споменам.

Значи Согле па Богомила. Претходно Теово, Чашка, Велес, Рајко, Зелениково и Драчево и уште некои помеѓу. Но ко што споменав на почеток не стојам баш баш со меморија.

Да се вратам на Богомила и поништениот билет во еден правец.. Дојдовме со воз до Богомила. Се враќаме пешки до Скопје, врв Крстовар на Водно, како учесници на 34-тиот планинарскиот поход Богомила-планинарски дом Чеплес-Солунска Глава-планинарски дом Караџица-Водно во организација на ПСК Бистра.

И да, и јас бев во паника. Но, сум страшно кул. Мада падам на форе. Но, да го оставиме Бајага и да се качиме во колата што ќе не однесе до село Папрадиште за да скратиме околу пет километри претворени во саат време пешачење.

Се возиме. Имаме убави села. Само ги изгубиле луѓето. А со тоа и духот. А тоа е последното нешто што било кој треба да го изгуби. Посебно кога ќе се симнеш во Папрадиште, ставиш ранец тежок сто килограми (читај, многу) и тргнеш по калливиот пат нагоре. Накај планинарскиот дом Чеплес. Кон Чеплес водат две патеки. Одлично маркирани. Дури ни јас не би се изгубила кога би тргнала сама. Е сега како се викаат не сум баш сигурна, но ние тргнавме по кружната. Така проценија двајцата искусни планинари со кои се возевме до Папрадиште. Едниот по име Буран се има искачено осумсто и милион пати на Солунска Глава, врвот на планинскиот масив Јакупица, на надморска висина од 2540м. Оди на илјада. За да го заокружи својот пат.

Магливо, но се чувствува дека маглата крие неверојатни глетки во далечина. Влажен е воздухот, но не врне. Засега. Потребни се два часа да се стигне до Чеплес. Буран не погледнува од глава до пети вклучувајќи и ранци и дава уште половина час. Од карти. После половина час лабаво пешачење почнува да врне дожд. Нема да запре во следните два дена. Но ние тоа тогаш не го знаеме.

Во 18.30 пристигнуваме на Чеплес на 1450мнв за час и четириесет и пет минути. Не ги искористивме трите од карти. Не пречекуваат водичот Благоја, домарите односно домаќинот и домарот (имало разлика, но тогаш не знаев) на планинарскиот дом Чеплес, и дел од учесниците на походот стигнати порано истиот ден. Брзо после нас стигнуваат уште пет соборци. Спремни да одат до крајот на светот пешки, по дожд, снег, пак дожд, метеори, а не па до Водно. И да врне и да вее. Без престан цели два дена. Но се разбира тоа уште не го знаеме. Знаеме дека сме тука, на Чеплес, суви, сместени и затоплени. Атмосферата е срдечна па пријатна па топла. Ние најадени. Прејадени. Од почеток мислев дека сите делат храна и јадат за да им олеснат ранците за следните два дена по примерот на Амелија. Како резервата да е полесно да ја носиш во стомакот отколку на грб. Но не беше тоа. Делеа храна и место и насмевки и допири и ракија за да се сплотат. За да дадат и примат енергија и таа енергија да стане едно. Оти не можат неповрзани и сами да минат таков поход на такви временски услови. Но тоа уште не го знаеме.

Домот нуди добри услови за сместување. Добро како тројка. Може подобро секогаш. Но суво и топло е. Иако нема топла вода. Компензираат топлите ќебиња и удобните кревети, за да се наспиеш убаво иако кратко до моментот кога го слушаш свирежот. Благоја има свирче. И го употребува премногу ако јас се прашувам, но сепак со виц не може да те разбуди во 05.00 во сабота на 26.04 на Чеплес. Спремање.05.50 задолжително сликање. Не е селфи, али такав је ред.

06.00. Пребројување. Осумнаесет души поаѓаат накај планинарскиот дом Караџица, преку врвот Солунска Глава. Петнаесет мажи и три жени. Не врне дожд. Минеме низ висока шума. Убаво е. Влажен воздух и магла, но пријатно. Долна Бабина дупка. Чешма со пивка вода, одмор, поаѓање. Интересно е со природните предели. Каде и да си мислиш дека е најубавото место што некогаш си го видел. Барем јас така. И затоа фотографирам. Да не ги заборавам. Скоро на секој чекор. Сеуште не врне дожд. Кога ќе почне за некое време нема да можам да фотографирам од толку многу дожд, снег и ветар. Но тоа уште не го знам.

Пристигнуваме на Горна Бабина дупка покриени со кабаници, уште еден слој облека, завиткани и стуткани во ракавици и капи. Почна да врне околу 08.00. Не престана долго време потоа.

Продолжуваме да се качуваме накај Солунска Глава. Молчешкум. Дали од врнежливото и ладно (не)време, дали од причина што некои беа веќе мокри, дали од потсетувањето на четирите загинати алпинисти во '98 покрај чии спомен шипки стоевме една минута , во потполна тишина разбирајќи ја причината и желбата поради која биле тука кога ги затекнала голема несреќа. Поради иста таа причина и ние сме на ова место сега. На дожд со примеси на снег и повремен ветер. Не знам баш точно да ја кажам, нити објаснам, и тоа дали е една или повеќе, но се надевам дека сама ќе се искристализира некогаш. Барем се надевам.

И така секој со своите мисли се искачи на Солунска. Почнаа да разговараат меѓусебно кога ги слушнаа како лаат кучињата од војната база на врвот. Претходно само прашања уште колку дрвени стапови се останати до врв упатени до Буран. Мислам дека сите ги броеа, ама сепак на секој одминат стап го прашуваа. Изгледа во надеж дека испуштиле некој во маглата, дождот, снегот и ветерот. Буран ги местел тие дрвени стапови. Вкупно се единаесет до врв. Не прашав точно на кое од 800 и милионте качувања на Солунска, но секој пат го знаеше точниот број на преостанати стапови. Кога завршија стаповите имаше чај. Изгледа бевме на врвот Солунска Глава на 2540мнв. Не би знаела. Околу мене имаше снег, многу магла, веќе споени имиња со ликовите на моите водени и смрзнати соборци, неверојатна енергија на успех и мирис на чај. Не сум сигурна за часот, но мислам дека беше нешто после 11.00.

Не очекував дека симнувањето ќе биде толку потешко од качувањето. Всушност мислам дека никој не очекуваше. Дури ни Благоја. Оној со свирчето. Јак човек. За почит. Многу го употребува свирчето и кажува многу лоши вицеви, но сам го проби снегот се до Бегово поле. Сам. За да остатокот од групата помине позади него. На нозе или по алтернативен и далеку позабавен начин, санкање без реквизити. Кај куќарката во подножјето од другата страна на Солунска Глава мокрите соборци решија да се пресоблечат, и искористат последните суви алишта, и земат здив пред да се упатат кон Бегово поле . Во надеж дека нема да ги намократ и овие последни суви залихи и дека можеби снегот и дождот ќе престане да паѓа. Тогаш не знаеа дека нема.

Дел пропаѓање, дел санкање, размуабетени во ситни групи, водени, гладни, наврнати и насмеани застанавме на Бегово поле. Отсекогаш сум сакала доцни појадоци од нога, па и на дожд. Дава некој шмек дождот. Посебно кога не е престанат од 08.00 утрото, а сега е околу 13.00.

До месноста Дуње кружевме и пропаѓавме. Кога стигнавме во Дуње на 1750мнв дождот се засили и застанувањето за одмор немаше баш некоја смисла и по прав пат продолживме накај планинарскиот дом Караџица. Позади нас милиони невидени глетки и слики сокриени од магла и дожд. Пред нас исто. Плус многу кал и барички. Мислам дека никогаш порано немам газено низ толку многу кал и барички и дека нема ни да газам. Но тогаш не знаев. А пак ми беше најубавиот дел од патот. Амелија не се согласи дека е убаво. Реши да не се предаде на моментот и со чадорот луто се затрча накај домот.

Ја се предадов. Комплетно. Го изгустирав дождот скроз. Се смеев, пеев, пак се смеев, дури и заиграв низ баричките, разговарав, разговарав, разговарав, долго, долго, па молчев долго, долго. Дури бледо покрај мене помина и раскажуваниот споменик во чест на руските пилоти. Долг пат ама преубав, но да не се повторувам. Можеби надреално е покомплетен збор за целата ситуација.

Ја сретнавме и Амелија нешто пред домот, мокра, уморна од брзање и малку помирена после нејзината кавга со дождот. Или дождот ја победи или она му попушти. Но повеќе не се скара со дождот до крајот на нејзиниот пат.

Меѓу 16.00 и 17.00 часот бевме во суви алишта во планинарскиот дом Караџица на 1450мнв. Во 17.00 престана дождот. Околу 18.00 ракометарите на Вардар изгубија од Германците, а ние добивме уште тројца планинари кои во саботата наутро тргнаа од Скопје за да се придружат на нашиот поход. Да бидат дел од него, на моја голема радост. Сега броиме 21 човек.

Топла вечер во планинарскиот дом Караџица. Но не од топлата вода со која располага домот, нити од јорганите и ќебињата по средените чисти соби. Ниту пак од разгореното ќумбе на дрва во трпезаријата околу кое беа распослани обувките, облеката и опремата на планинарите накисната од дождот. И убава вечер. Но не од глетката покриена со магла и дожд кој повторно почна да паѓа. Опуштено и полно со гордост во воздухот. Како да е единственото место на светот на кое треба да бидеме баш во тој момент. Совршено.

Благоја свиреше во 05.00 следното дождливо утро на 27.04, недела. Тргнавме половина час порано од претходниот ден, во 05.30. Како да претпоставуваше дека не чека уште еден многу напорен и тежок ден. Но не знаеше до која мера.

До село Алдинци, преку мостот од дрвени облици преку Кадина река, групата се упати кон успонот према Празна торба. Не и требаше повеќе храна, лекови, вода или песни до касно во ноќта за да се поврзат. Беа поврзани. Ниту многу муабет. Многу е убаво и комотно кога тишината не е непријатна туку ослободувачка. Енергијата комплетна. Позитивна. Дури и дождот запре. А пределот и глетката чудесни. Најубави досега. Во далечината, магла.

После успонот, 20 минутен одмор, доручек, муабет и чешма со пивка вода. Часот е околу 10.00. Следна станица Марков манастир. Кал, кал, кал, кал кал, кал, кал, уште една чешма со питка вода, разговори, и кал, кал, малку дожд, и кал, кал, кал и наеднаш изгреа сонце и пред мене излезе глетка од која застанува здивот. Ми рекоа дека поубави глетки биле себично сокриени од маглата по патот. Ама мене и оваа ми беше сосем доволна. Прекрасна. Дури заборавив да ја сликам. Но ја запомнив сликата. Понекогаш имам и слободна меморија за нешто.

Започна спуштањето накај Марков манастир, по кал, кал, кал, кал, кал, кал, кал и така траеше цел еден век што и до некаде ми се допадна бидејќи знаев дека на некои од планинарите учесници на походот кај Марков манастир им завршува патувањето. А ја сакав да трае. И траеше. До 13.00 часот. Дури победоносно, суви, исполнети, затоплени од сонцето, моите прегласни соборци, дел од еуфорија, дел од залутување по многуте патеки пристигнуваа кон преминот на реката кај Марков манастир. И јас се разбира една од нив. Сува, горда, насмеана, каллива до колена, грациозна но стамена со стабилен чекор згазнувам цврсто на клупата, импровизиран мост преку Маркова река, ја промашувам средината каде е тежиштето, се лизнувам и паѓам во водата, скоро цела. И таман да станам и да се поздравам културно додека ми излегува вода од кондурата, ранецот ми натежнува и губејќи рамнотежа уште еднаш ја чувствувам реката, а и клупата. Било многу смешно ми велат. Се надевам дека ќе ја добијам сликата.

Ракување, честитки за изминатиот пат, кафе, чај, ракија и подршка да издржиме уште малку не пречека на Марков. Тоа, и превоз за ранците на женските учесници на походот до Горно Соње. За тројцата планинари кои ни се придружија во саботата во планинарскиот дом Караџица ова беше крајот на патот. Како што реков на почетокот, секој си го оди својот пат. Само што недостигаа во мојот.

Ние продолжуваме кон Долно Соње низ калливиот пат меѓу обработени лозја. Незначителен дожд, сонце и неверојатно тешко пробивање низ калта. Никогаш не би помислила дека некогаш ќе го употребам глаголот пробивам, кога зборувам за кал, но ете. Тогаш не сум знаела. После долги тричасовни разговори колку и траеше борбата со калта, со тешки налепени кондури, соборците се собраа пред црквата Св. Никола во Горно Соње. Од прилика е 16.00 часот.

Во комплетна воена опрема, вратен ентузијазам и дух, да не заборавам кратка пауза и чешма со вода, продолжуваме кон врвот Крстовар на Водно. Дури чудно брзо се движиме. Некоја сила пред крај. Живописен е пределот од Горно Соње до врв. Убава висока иглолисна шума. Те боцка кога минеш покрај како да те задева за да ти честита за успехот.

Еден од учесниците на походот на тргање од Марков манастир го развиори македонското знаме и го носеше до врвот. Како да ранецот не му беше доволен, помислив, но тоа беше неговиот пат. И само што заврши густата шума токму позади тоа знаме се исправи крстот на врвот што создаде една многу интересна слика. Да бев во друго место и во друго време или само набљудувач на целата слика, а не учесник, сигурно ќе се зезав и ќе им пеев некоја партизанска песна. Но овој пат се сетив на една друга песна употребена за едно видео за една друга планинарска акција. Еден стих. We can be heroes just for one day. И во моите очи бевме. А се чинеше дека сме и во очите на оние кои не пречекаа во домот Даре Џамбаз под истиот крст нешто пред 17.00 часот на 1066мнв. И само тој еден стих цело време, додека си честитавме, бакнувавме, прегрнувавме и радувавме. Ко што реков, слаба сум на меморија, но мислам дека досега немам осетено толкава радост.

Ова беше мојот пат. Се симнав во село Богомила во петок, 25.04.2014 околу 16.15 часот, стигнав пешки на врв Крстовар на Водно на 27.04.2014 во 16.45 часот. Го поделив со уште 20 прекрасни луѓе. Освен што се смени датумот се сменивме и ние, на ваков или онаков начин.

И реков дека нема да употребувам туѓи цитати , но приказна не е приказна без Бајага и Bowie,па така не можам да раскажувам за пат без цитат од Robert Frost и The road not taken.

Па каже:

Two roads diverged in a wood, and I, I took the one less traveled by, and that has made all the difference.

 

Автор: Ирена Диков

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje