Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Sky Race - Соколов Пут, Србија - 10 мај 2014

Во сабота - 10 мај 2014 година - се одржа за прв пат планинската трка во близина на градот Ниш - од типот Sky Race - трки со значителна висинска разлика. По иницијатива на општината Ниш и под организација на "Udruzenje Freestylera" и нашиот пријател Марко Николиќ. Во петокот попладнето и вечерта се собравме натпреварувачите во Нишка Бања. Дел од нас бевме сместени во шатори на една убава ливада во близина на чешма, останатите беа или во приватни куќи или во еден голем балон што беше специјално наместен - за оние кои немаа шатори. Вечерта околу 21 часот започна делењето на стартните пакети. Наскоро заминавме на одмор дека следниот ден не чекаше напорна трка.


малиот логор во Нишка Бања

Од Скопје тргна мала екипа - Жикица Ивановски, Марјан Бонев и јас - Трајче Панковски. Во Нишка Бања сретнавме повеќе пријатели од претходните улични и планински трки од Србија, по некој од Хрватска... Ни се придружи и нашата Тања Стојановски.

Осамна облачно утро. Подоцна почна да се појавува и сонце. Се собравме сите на стартот во Нишка Бања. Убав широк простор. Точно во 8 часот старт. Имаше две категории - тркачи и планинари. За планинарите стартот беше веднаш по нашиот. Од самиот старт почна стрмен успон кој траеше некои 3 километри за да потоа малку зарамни, но не за долго. Оваа трка обилуваше со угорница, па пак угорница, со само неколку спуштања. На стартот имаше околу 90 трчачи и преку 100 планинари.


на стартот


малата македонска екипа

Се трчаше од почеток по малку каллив и лизгав терен. Потоа по шумска патека, па по трева и тоа на некои места и негазена. На места меѓу тревата имаше скриени лизгави камења и постоеше опасност од исчашување на зглоб. По првите две контролни точки, некаде од десеттиот километар - навлегуваме во област на камења и карпи и почнуваме да се движиме по сртот на планината - прво кон врвот Мосор, па потоа Соколов Камен и на крајот треба да се стигне до врвот Трем (1810 m) - највисоката точка на Сува Планина.


поглед кон Соколов камен и Мосор

Теренот е суров но прекрасен. Особено врвчето Мосор со своите карпи беше интересен за качување и спуштање, но бараше максимална концентрација и координација, а на некои места и помош со рацете, затоа што можеше да дојде од лизгање и паѓање.


Бонев при спуштање по карпите на Мосор

На врвот Мосор се сретнувам со организаторот на трката Марко кој ми кажува дека Марјан и Жико се во борба за првите места. Јас не се форсирам многу денес дека утре треба во Скопје да трчам полумаратон. Се движам но наоѓам време и да уживам во околината, да фотографирам. Следи мало слуштање до еден репетитор па потоа пак долго и стрмно искачување до убавиот врв Соколов Камен. Многу убава природа - измешани карпи, трева и шума. На гребенот почнува да дува ветар, на моменти посилен и тогаш застудува.


На пат кон Соколов Камен


искачување кон Соколов Камен - поглед наназад


поглед од Соколов Камен кон врвот Трем - седлото се вика Девојачки Гроб

Се спуштаме со трчање до седлото Девојачки Гроб - таму е последната станица каде има вода. Дополнуваме малку и почнуваме со долгиот успон кон врвот. Некаде на пола пат почнува силен и студен ветар. Облекувам шушкавец, капа, ракавици и продолжувам. За жал дел од натпреварувачите беа без подобра облека и им беше многу ладно. Некои од нив ги беа извадиле астро-фолиите но ветрот беше силен па тие почнаа да им се кинат. Како и да е - кога дошле до тука, собираат екстра сила да се искачат до врвот. Таму проверка од страна на контролорите и потоа бргу назад на помала височина за да се заштитиме од ветрот.


пред врвот Трем


пристигнување на целта

Се спуштам до Девојачки Гроб и тука на контролната точка се собираме помала група во која е и Тања Стојановски - инаку победничка во женска конкуренција. Одмараме кратко па продолжуваме со спуштање до месноста Бојанине Воде од каде треба да не земе автобус и да не транспортира до Нишка Бања. Се движиме по прекрасна шума. Почнува да роси, но тоа воопшо не ни пречи. За разлика од тука, во меѓувреме на врвот Трем почнал да паѓа град и затоа трката била прекината за еден дел од планинарите и сите биле пренасочени кон Бојанине Воде. Еден планинар кој не бил учесник на натпреварот паднал лошо и мислам дека поминал со скршеници, па спесителната служба му организирала транспорт на импровизирана носилка до Бојанине Воде. Се на се - планина со која нема играње - треба да се дојде спремен и добро опремен.


враќање на седлото Девојачки Гроб


мал одмор за групата натпреварувачи


спуштање по убавата шума кон Бојанине Воде

Во 18 часот во Нишка Бања се одржа прогласување на победниците. Нашите момци за малку не се искачија на подиум - Марјан Бонев беше четврти а Жикица Ивановски - петти. Но затоа сите бевме многу задоволни од патеката, од трката, од атмосферата и од пријателствата со кои се стекнавме. Се надеваме дека идната година пак ќе ја посетиме оваа убава планина.

Технички податоци за трката :
Должина - 22 km
Вкупна висинска разлика - 2200 m


профил на патеката


Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк - https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/SokolovPut2014

Автор: Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje