Шарпланинска трилогија - 21 март 2010
"What a perfect day". Утрово се разбудив во 5 часот - не можев да спијам - се уште бев под импресии од вчерашната акција. И додека им подготвував појадок на децата една мисла постојано ми беше во главата. "НЕ МОЖЕ ДА ИМАШ ПЕРФЕКТЕН ДЕН ВО ПЛАНИНА АКО НЕ ТИ Е ПЕРФЕКТНА ЕКИПАТА СО КОЈА ОДИШ". Вчера ја имавме таа среќа - сите коцкици се сложија и имавме навистина перфектен ден. Но, да почнеме од почеток.
Поаѓање од Скопје договоривме за 4:30. Немав во главата конкретен план, но сакав да имаве доволно време за разни комбинации. Во Тетово кај жичарницата го земаме Валдет Османи, со кој преку Facebook се договоривме дека ќе ни се придружи. Останати членови: Марин Стојановски, Васко Саздовски и јас - Трајче Панковски.
На Попова Шапка сме пред 6 часот. Се подготвуваме и во 6:05 поаѓаме кон Церипашина пратени од првите зраци сонце.
Попова Шапка со скијачките терени - во далечините Скопје се уште спие
Со добро темпо напредуваме нагоре - екипата е веќе уиграна, сега и Валдет се приклучува на нашиот ритам - наскоро функционираме како еден - без некој посебен договор се менуваме во водството напред, повремено застанувајќи само за да се улови некоја фотографија.
Антени и поглед кон Кобилица и Вртоп
Времето е малку облачно, ветерот слаб, на моменти малку посилен, но се е во рамките на нормалата за зимско искачување. Позади нас гледаме дека поаѓа уште една мала група планинари. Од Шапка со нас појде и едно куче. Иако Васко повеќе пати се обиде да го врати назад објаснувајќи му дека патот е тежок, тоа сепак не се откажа од нас и не следеше речиси цело време на одење и на враќање.
групна слика со кучето - нашиот водач
Без некој проблем се искачуваме на Бакардаи, се фотографираме и почнуваме да се спуштаме. Снегот не е многу тврд, а на места е издуван од ветрот па има трева и камења.
На седлото меѓу Бакардан и Титов Врв сме околу 10 часот. Таман си помислив (гледајќи го теренот) дека би било добро да појдеме прво на Мал Турчин, кога Васко ми кажува дека и Марин го дал истиот предлог. Немаше дилема: имавме доволно време, времето беше добро, ние бевме спремни - појдовме по сртот нагоре. Оддамна се спремаме да појдеме на Мал Турчин, ама или поради временските услови, или поради екипата со која сме оделе, реализацијата изостануваше. Сега полека - по убавата стрмнина - појдовме - чекор по чекор, уживајќи во снегот и во погледот на околината.
пред искачувањето на Мал Турчин
Васко на стрмната падина
во близина на врвот
Мал Турчин - Васко со новата јакна
Снежни стреи на Мал Турчин
поглед надолу - Трајче и Валдет
Марин на Мал Турчин (2702m)
на Мал Турчин (2702m) - Валдет, Васко, Трајче
На врвот Мал Турчин кратко се задржуваме за да се сликаме - ветрот на моменти е посилен, па почнаа да лета по некоја капа, ракавица - за среќа Валдет ја спаси ракавицата. Продолжуваме надолу кон седлото меѓу Мал Турчин и Титов Врв, држејќи се подалеку од сртот поради големите снежни стреи кои ги видовме при искачувањето. Од другата страна се отвора убав поглед кон Лешница, Џини Бег, Скакалица и другите досега сокриени делови на Шар Планина.
поглед кон Лешница
и Скакалица
Мал Турчин виден од патот меѓу него и Титов Врв
пред Титов Врв - овој пат од друга страна
на Титов Врв - планинари во јакни со разни бои
Во 11:30 стигнуваме на Тивов Врв. Таму веќе има една мала група планинари од Тетово. Се поздравуваме, разменуваме по некоја реченица, грицкаме на брзинка нешто, се сликаме заедно и - бидејќи ветрот засилува, поаѓаме надолу. Малку подолу, кај карпите сретуваме група од тројца словенци / италијани од Трст кои се качуваа со скии за турно скијање. Нешто подолу - близу седлото - уште тројца планинари од Македонија - познаници на Марин. На седлото правиме пауза за да јадеме малку, да се напиеме течности. Фативме завет и сонцето пријатно не грееше.
словенците со турно скии се искачуваат кон Титов Врв
поглед кон Мал Турчин и трагата од нашето искачување
идентификуван облачен објект над Бориславец
пауза на карпата на седлото
По кратката пауза, поаѓаме назад - почнува искачувањето на Бакардан. Поаѓаме нагоре по снегот, а не по камењата - искачувањето по снегот поради структурата на снегот ни се чинеше побрза. На горниот дел на искачувањето ветрот одеднаш почна да добива сериозни размери, занесувајќи не при одењето и понекогаш прави такви удари што мора да клекнеме на земја за да не не летне. Оттука, со променлива силина, ветрот ни е придружник се до Попова Шапка.
нагоре кон Бакардан
Бакардан - во позадина Бориславец, Враца, Трапезница
Средба со пријателите - Валдет со Лабинот и Бурим
ветрот се засилува и носи снежни иглички во очите и лицето
поглед кон Бакардан
снежна бура - ветрот го крева снегот правејќи виулица
На сртот на Бакардан ги среќаваме пријателите од Тетово Лабинот и Бурим кои подоцна тргнале. Се поздравуваме и правиме краток разговор, бидејќи ветрот не дозволува подолго да се задржиме. Следните час и половина ги поминуваме во неверојатна борба со ветрот на секој чекор, бидејќи тој станува оркански силен - јас во животот не сум доживеал посилен ветар - многупати легнуваме долу за да не не летне, па потоа собираме сили да се бориме со него чекор по чекор. Забораваме на се и во тие моменти само се грижиш за голата егзистенција, да не направиш погрешен чекор, дека лесно може да се случи ветрот да те дувне надолу по падината.
Битката трае до Антени, каде што решаваме да појдеме надолу кон Бобинова стена - ветрот е послаб, но и тука знае да изненади со по некој удар кој не исфрла од рамнотежа и предизвикува паѓање на лева или на десна страна - имено ветрот понекогаш знаеше да си поигра со нас па да нападне и од другата страна.
За среќа екипата навистина е физички добро спремна и немаше никаков проблем. По скијачката стаза на Церипашина се спуштаме надолу, повремено скијајќи на чевлите, а понекогаш пуштајќи се "на газ". Патем разговараме за сериозноста на ветрот и како ли е на високите планини над 7000 метри, што ако те фати таму таков ветар - таму нема мрдање - може да те заглави на едно место, за нашата ништожност во однос на моќта на природата.
Во 16 часот стигнуваме на Попова Шапка, по 10 часови поминати во дружење со планината. Пресреќни за добро исполнетитот ден, многу врвови, снег, ветар, сонце, адреналин... Се пресоблекуваме кај колата, каснуваме по некое залче храна и се враќаме назад. Ова беше прво пролетно искачување на Шарпланинската трилогија (Бакардан, Мал Турчин, Голем Турчин = Титов Врв, трите врвови на Шара повисоки од 2700m), но во вистински зимски услови. Доживување кое уште долго ќе остане во нашите сеќавања и кое многу тешко може да се опише со зборови.
стигнуваме на Попова Шапка
за поромантичните читатели - едно од многуте убави облачиња
автор : Трајче Панковски
|