Шар Планина : Тренинг на техники за движење по снег - 3 јуни 2012
Традиционалната акција за искачување на Титов Врв оваа година беше закажана подоцна од вообичаениот термин - крајот на месец мај - причина за тоа беа остатоците од снег - оваа година снегот во големи количини се задржа на нашите планини. Бидејќи веќе се ближи летниот период - време во кое дел од нашите планинари се упатуваат во правец на Алпите, сметавме дека овие услови на нашите планини можеме да ги искористиме како тренинг ситуација за увежбување на техниките за движење по снег и глечери - какви што се на Алпите. Се организиравме, ја прибравме потребната опрема и - во недела рано наутро поаѓаме од Скопје кон Попова Шапка.
на поаѓање од Попова Шапка
остатоци од снег по патот
На Шапка стигнуваме во предвиденото време за поаѓање од организаторите на акцијата - во 6:30 ги ставаме ранците на нас и поаѓаме полека - ја следиме долгата колона на планинари кои се движат во правец на Вакафски бачила. Времето сончево, уште од рано почнува да пече сонцето. По патот на неколку места наидуваме на снежни јазици кои со уживање ги минуваме забивајќи ги чевлите во стврднатиот снег.
близу Вакафски бачила
прв мал тренинг - одење по снежна падина
На потокот кај Вакаф правиме мала пауза. Погледнуваме надолу кон потокот и гледаме дека има неколку убави останати снежни јазици кои го следат потокот - тврд снег со убав нагиб - подзацрнет од материјалот што го нанел ветрот - исто како да сме на глечер. Тука го правиме првиот тренинг - објаснуваме како се оди по снежна падина, како се држи и користи цепин, како се кочи во случај на пролизгување - self arrest. Сите пробуваат по неколку пати. Потоа продолжуваме со остатокот од планинарите уште нагоре - до следната станица - платото на Карабунар - местото каде што планираме да го направиме главниот тренинг за денес.
на платото каде го правевме тренигот - Карабунар
Дел од нашите планинари кои сакаа да го искачат Титов Врв си продолжија нагоре со групата, додека ние - група од седум планинарки и планинари - се одвоивме и се упативме кон почетокот на една поголема снежна површина - која зафаќаше делови од неколку кулоари во правец на Бакардан. Ги спуштивме ранците, одморивме малку и почнавме да ја вадиме и да ја подготвуваме опремата : јажиња, појаси, кациги, дерези, карабинери... требаше се да се провери пред да почнеме со тренингот.
Повторно теоретско-практичен дел во кој се објаснува (повторува) начинот на врзување на јаже кога се оди во наврска - како се врзуваат тие што се на крај, како тој што е во средина. Потоа како се прави "кратење" на јажето за да се постигне саканото растојание помеѓу членовите во наврската. Па кажавме како да се врши осигурување помеѓу членовите на наврската кога се минува некој покритичен дел, одоносно ако некој од наврската се лизне. Сите пробаа и сами се врзаа во наврска. Се формираа две наврски со по три члена во наврска - јас одев соло и ги фотографирав од разни агли.
одење во наврска
Се создава одлична работна атмосфера - сите се заинтересирани што подобро да ја совладаат техниката - за месец дена можеби животот ќе им зависи од она што сега го вежбаат. Сите работи се повторуваат повеќе пати - се движиме нагоре, право, надолу, па пак... од еден до друг кулоар - избираме поблаги и пострмни нагиби. Одвреме - навреме некој "случајно" ќе се лизне - а другите реагираат и кочат со цепините за да го задржат. И така десет, дваесет пати. Наврските бргу се уиграа - и движењето и спасувањето го правеа добро и синхронизирано.
лизгање на еден член од наврската - друите реагираат за да го спасат
движење во наврска
На едно место застануваме, наврските се одврзуваат од јаже - јажињата ги оставаме на еден дел со трева. Сега следеше период на вебање на само-спасување при лизгање - со цепин. Повеќе пати се качуваат нагоре по пострмна падина, па лизгај се надолу и - кочи со цепинот. По неколку повторувања почнаа лизгања со главата надолу, па паѓање со тркалање... разни варијанти... им стана дури многу интересно. За жал топлото време го имаше загреано горниот дел од снегот кој инаку беше доста тврд, па наскоро сите беа намокрени. Но направија одличен тренинг.
вежбање на само-спасување со цепин
Потоа пак сите се наврзаа во своите наврски и се упативме назад - кон местото каде ги имавме оставено ранците. Таму ја оставивме опремата да се потсуши на сонцето. На едно место им демонстриравме правење на сидриште во снег со помош на цепин и замка или гуртна - нешто што би било потребно доколку некој од групата попадне во процеп во глечер и ќе треба да се извлекува од страна на тие што ќе останат горе.
враќање на наврските кон "базниот логор"
Задоволни од добриот тренинг и од извонредното време што ни се погоди - малку сонце - малку облаци - неколку членови на екипата преминаа кон следната фаза предвидена за денес - сецкање на пиперки, патлиџани, кромид, краставица, сирење... т.н. "операција шопска" - имаше и едно мало шишенце ракија кое сврте кругче-две помеѓу присутните. Во меѓувреме ни се придружија уште двајца од нашите пријатели планинари со кои појдовме утрината. Околу 15 часот појдовме надолу кон Попова Шапка. Кратка пауза во Конакот и потоа на пат кон Скопје. Учесниците на акцијата - тренингот, се вратија многу посигурни во себе и во членовите на своите наврски - направија неопходен тренинг пред да се упатат ова лето кон европските Алпи.
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/SarPlaninaSnowTraining#
Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Тања Манчева, Петар Герасимов, Радосав Тасевски, Трајче Панковски
|