Необично топлото и јасно сончево време денот го направија за паметење. А горе на Попова Шапка не пречека прав зимски амбиент. Снег имаше доволно на сите ски-лифтови, работеше седешницата за Церипашина. Пристигнавме меѓу првите посетители околу 9 ч. на големиот паркинг. Скијачите се упатија кон ски-лифтовите, групата за шетање се упати кон хотелите и населбата а групата од петмина планинари тргна по бандерите нагоре кон Церипашина и антените.
До 2000м немаше ветар, пропаѓањето во снегот беше незначително. Го следевме трагот од ратраците кои правеа тури со фрирајдери (скијачи со даски). Сонцето не топлеше феноменално, пешачевме без виндјакни.
Но како што се качувавме повисоко ветерот се засилуваше и на Церипашина правеше облаци од прашина од снег. На врвот над кукичката од жичарата ветерот буткаше – можеби 100км/час. Храбрата група од четворица планинари продолжи кон антените и успешно се искачија.
Спуштањето надолу беше покрај ски-патеката. До половина од патеката беше доста заледено така што спуштањето воопшто не беше лесно.
Свративме на чај во Смрека а потоа слеговме на одлична телешка чорба во војниот ресторан. И останатите излетници ни се пофалија дека убаво прошетале низ населбата, до црквата и по снежните терени. Некои беа убаво поцрвенети од сонцето.
Навистина тоа беше прекрасен излет на чист планински воздух. Вредеше да се искористи можноста. Ве охрабруваме да дојдете идните викенди, донесете ги децата да уживаат.
Автор : Никола Доновски
Фотографии : Петар Герасимов, Бојан Славковиќ и Никола Доновски