Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Јакупица : Салаковски езера од село Цветово - 25 декември 2010

Променливите временски прилики во изминатиот период и прецизната временска прогноза од нашиот верен пријател - норвешкиот сајт за временска прогноза - не натераа да испланираме акција на овој терен. На Шара видовме дека ќе биде врнежливо и со силен ветар, па не сакавме пак да имаме неуспешен обид како минатиот викенд со екипата од Белград. Во меѓувреме се слушнавме со Жика (Жикица Ивановски) од Штип - наш пријател, алпинист, велосипедист на долги стази и маратонец, кој најави дека сака да се придружи на некоја наша акција. Прашањето беше дали да трчаме - на пример Скопје - Водно - Матка, но таа варијанта ја отфрлив бидејќи претпоставив дека ќе има многу кал на патеката и нема баш многу да се изнатрчаме. Затоа, во договор со Васко и Перо, се одлучивме за пат до Салаковски езера од село Цветово. Однапред знаевме дека е ова долга тура и дека ќе бара максимално залагање за да успешно се реализира. Жико ни најави дека ќе дојде засилен со уште двајца пријатели од Штип - алпинистот Боби и Ангел. И Марин се согласи да дојде, по напорната работна недела, така да сите коцкици си дојдоа на свое место и чекавме да дојде сабота рано утро за да почне реализацијата на идејата.

Според договорот - во саботата рано наутро - во 5:30 се сретнавме двете групи (двете возила) во близината на фабриката "Охис". Оттука по патот кон Драчево, па десно во правец на Марков манастир. Малку пред манастирот (околу 700 метри пред манастирот) се одвојува (малку надолу) асфалтен пат. Веднаш се преминува бетонско мовче преку Маркова река и потоа патот продолжува нагоре во правец на село Цветово. Патот е тесен, но е во добра состојба и дозволува разминување на возила. Околу 6:15 стигнуваме во селото кое полека се буди. Има веќе некои рабудени жители кои ги прашавме каде е најдобро да ги оставиме возилата. На една ширина во близина на "реката" која е цевка над која има насипано шљунак ги оставаме нашите возила и со челни лампи се подготвуваме за поаѓање. Околу 6:25 поаѓаме од селото. Цветово е едно многу убаво село поставено на доста стрмен терен, на висина од околу 820-850 m надморска височина.


селото Цветово - прекрасна позиција и одличен поглед кон Скопје, Водно, Матка...

Со разденувањето веќе сме над селото. По патеката по која појдовме наскоро наидовме на каллив терен, но ние храбро се уцапавме во него и продолживме натаму. Времето изгледаше одлично, баш како што беше прогнозирано и ние никако не сакавме да го пропуштиме овој ден.

Наскоро излегуваме на главниот шумски пат над селото кој исто така одвреме-навреме не наградува со длабока кал, но тоа е сосема нормално со оглед на обилните врнежи претходните денови. По некое време се појави едно многу убаво виножито чиј еден крај беше кај село Елово, а другиот на самиот врв на Водно - прекрасна глетка.


виножито над врвот на Водно

По патот наидуваме на некоку убави ливади - првата кај месноста Планинче, потоа минуваме низ месноста Темна Бука, па под врвчето Бајрак - до месноста Празна Торба - познато место кога се оди од Солунска Глава преку домот Караџица кон Скопје. Убава ливада на која има чешма и која во летни услови е прекрасно место за подолг одмор.


утринските зраци го осветлуваат гребенот на Пепељак


расположената екипа

Наскоро по Празна Торба не стигнува една Лада Нива во која има ловџии. На делот од патот каде што има снег на Ладата и беше малку тешко да се искачи, па помогнавме со туркање. Затоа погоре, на порамен терен ловците застанаа и со нив накратко поразговаравме и тие ни кажаа дека има многу убав пат за кон Салаковски езера (само лево...) Така и беше. Наскоро се одвоивме лево од главниот пат. Веднаш - на околу 50 метри од скршнувањето на патот видовме траги од средно голема мечка.


трагите од мечката на патот

По тесното патче сега се движиме по долината на Салаковска река. На висина од околу 1550 метри ја минуваме реката - еднаш, па уште еднаш, што подоцна сфативме и дека не било неопходно - го послушавме советот на ловџиите кои се движат со теренско возило и си ги кажуваат работите видени низ нивна призма - ние како слободни суштества на две нозе можеме да имаме и подобри решенија. Преминот на реката беше интересна загатка која малку ни ги активираше сетилата и вијугите во мозокот, па полека, еден-по-еден, ја минавме реката.


премин преку Салаковска река

По преминот на реката се искачуваме на едно седло на картата означено како Бразда - во правец на селото Црн Врв. Таму има бачило и прекрасни камени блокови. Не одушеви убавината на местото и си рековме дека мора да дојдеме друг пат тука на подолг престој.


седлото Бразда

Одиме понатаму, по Драчевски рид па потоа скршнуваме малку во лево за да влеземе пак во долината на Салаковска река. Сега веќе почнува посилен ветар, заладува, а наидуваме се почесто на снег, кој на некои места е доста цврст. Застануваме за да некои од нас се пресоблечат во облека за зимски услови и продолжуваме натаму кон месноста Езериња, каде летно време има повеќе мали езерца меѓу кои во многу искршен тек тече Салаковска река. Сега тоа беше делумно покриено со снег, само на некои места можеше да се види водата од реката како тече под нас.


по падините на Драчевски рид


премин по снег преку реката


по мешан терен - снег и смрека

Одиме уште натаму, по терен покриен со снег и со грмушки смрека. Пред самите езера има поголема стрмнина, што ни беше повод да ги спакуваме стаповите и да ги пробаме новокупените цепини. Околу 12:20 стигнуваме до двете замрзнати езера, по скоро 6 часа качување и изминати 16 km.


тестирање на цепини


Салаковски езера (поголемото), нашата група и Васко (десно) на тестирање на бајлите


групна фотографија пред езерата


штипската група: Ангел, Боби и Жико

Правиме подолга пауза, за да ручаме нешто, да се одмориме. Времето е ладно, па многу одмор не може да се направи. Мора да се цупка лево-десно, да се одржи телесната температура. Некој со цепините шеташе по замрзнатото езеро, а Васко со двете бајли појде нагоре по снежната падина за да види како "лежат во рака".

Но времето минува и мораме да се враќаме назад. Полека одиме до месноста Езериња по истиот пат. На некои места снегот е толку смрзнат што без дерези почнуваме да се лизгаме па мораме да го бараме најбезбедниот пат надолу.

Потоа го фаќаме десниот крак, кој кога се искачувавме го гледавме и ни се виде подобар, па решивме оттаму да се враќаме. Така и испадна - многу пологично се спушташе патот до местото каде требаше да ја минеме реката. Таму веќе снегот е помек и пак се пресоблекувам во облека со која понатаму треба да се гази калливиот пат.


Перо во прелет преку Салаковска река

Назад патот е веќе познат, но мора да се изоди. Неколку пати се менува времето - малку прска снег, па дува, па престанува, подоцна пак заладува. Веќе почнува да се смрачува. Пред селото веќе е темно, ставаме челни лампи. Од желба да не газиме кал како на почетокот, одиме по главниот пат. Но наместо да скршнеме на вистинското место и да се симнеме во селото, ние појдовме по најобиколниот пат, па во еден момент си помисливме дали патот вистина оди во селото. Излеговме од патот, па пак појдовме "по наше" директно кон селото. Се најдовме во дворот на едни домаќини кои излегоа, се поздравија со нас и потоа не придружуваа пеесетина метри подолу каде што излеговме на асфалтниот пат пред селото. Кај колите бевме во 17:12.

Турата беше напорна, но екипата беше одлично кондиционо подготвена и прилично усогласена, така што немаше одвојување и чекање, сите функциониравме како еден. На крајот се поздравивме со пријателите од Штип и се договоривме следниот пат да направиме акција "на нивен терен".

Со тоа успешно ги завршивме акциите во оваа навистина интересна и успешна 2010 година.

 

Технички податоци :

Должина на патеката : 33 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1600 m
Најниска точка : 815 m
Највисока точка: 2208 m



3D GPS-регистрирана патека


профил на патеката

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
http://picasaweb.google.com/117320863135421357287/CvetovoSalEzera25Dec2010#

GPS записот можете да го симнете од :
http://www.stazeibogaze.info/2010/12/27/jakupica-s-cvetovo-salakovska-jezera/

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Марин Стојановски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje