Скијање во Саалбах-Хинтерглем, Австрија (8-15 јануари 2011)
Додека во автобусот се подготвувавме за долго возење кон Македонија, задоволни од прошетката низ Салцбург, Никола го зеде микрофонот и почна: „Со Миланка и со Горан се потрудивме да подготвиме убав зимски одмор во Саалбах. Скијавме на одлични стази, видовме многу места, Цел ам Зее, Саалфелден, Капрун, имавме убаво време, пешачевме,.... “. И таман кога рече дека планот е исполнет 102,3%, автобусот почна да крчи и да забавува, за конечно да застане во 1 часот наутро на 10-тина км до Грац во Австрија.
Патешествието кон Македонија е посебна приказна, но престојот во ски центарот Саалбах беше многу интересен.
Ски центарот Саалбах-Хинтерглем е прогласен за „Најдобро поврзан ски центар во Австрија“. Тоа е ски центар со 200 км скијачки стази (сини, црвени и црни) со 55 жичарници и скилифтови, со 42 „бачила“ за одмор во текот на скијањето, и со многу Appre ski барови (за забава после скијањето).
Маскота на ски центарот Саалбах
Подготовките за скијањето во Австрија во планинарското друштво „Макпетрол“ ги почнавме уште во август 2010 година. Преговаравме за цените, за сместувањето, луѓе се пријавуваа, па се откажуваа. Конечно, кон крајот на декември 2010 година се собравме 20 луѓе од Македонија и од Србија и на 7 јануари 2011 година тргнавме кон Саалбах на 1250 км од Скопје.
Преку Белград, Загреб и Љубљана на 8 јануари 2011, вечерта, стигнавме во селото Фиехофен ( Viehhofen), на 9 км пред Саалбах, каде што не пречекаа љубезните Анита Бшелингер и Розвита Митервурцер во чии удобни апартмани се сместивме. Во апартманите имаше се: и удобни кревети и кујни со сите уреди, телевизори, тоалети, бањи, ..... живи кучиња и препарирани лисици по ѕидовите.
Интернет страните на апартманите: http://www.sbg.at/appartement.anita/ и www.sbg.at/haus-andre
Пред куќата на Анита Бшелингер
Спална соба Кујна
Анита и Розвита ни кажаа детали за ски бусот, за изнајмување на опремата со попуст, за продавниците, за временската прогноза. Ни го кажаа и куќниот ред: рециклирање на сметот, сушење на ски опремата после скијањето во подрумот, ...
„Сушална“ за скии и скијачки чизми
9 јануари 2011 (недела)
Осамна убав, сончев ден. Неколкумина од групата изнајмија опрема (80-100 евра за 6 дена) и веќе околу 10 часот бевме пред билетарницата на жичарницата Schoenleitenbahn. Има разни типови ски билети: еднодневни и повеќедневни (6-дневен ски билет чини 197 евра вон главна сезона), билети со поени, сончеви билети. Некој зеде вакви, некој такви, но сите решија да скијаат. Дел од луѓето скијаа околу Саалбах, други кон Леоганг, трети решија да пешачат, а нашата мала група (Јасна, Ирина, Кристина, Стефан и јас) брзо се качивме во гондолите кои не искачија на 2000 метри надморска височина. Оттаму се гледаше целиот ски центар. Стоевме воодушевени од глетката. Многу стази, жичарници, два града (Саалбах и Хинтерглем), многу снежни врвови.
Долината на Саалбах и Хинтерглем
До пладне поминавме по многу стази 65, 56, 62, 61, 57, 52, ... сини и црвени стази. Стигнавме со скии и до Саалбах и повторно се качивме горе.
На пат кон Саалбах
Ги споредувавме овие стази со стазите на Шапка, Маврово, Банско. Но, нема споредба. Овие стази се „сон на секој скијач“. Широки, мазни, обележани и празни. По некои од нив бевме првите што утрото се спуштиле. Сите скијачи по стазите се внимателни и љубезни и скоро 90% од нив носат ски шлемови.
За ручек застанавме во едно од „бачилата“ во кого работеа Милан од Босна и Наум од Струга. Меѓу многуте јазици се слушнаа и македонскиот и српскиот јазик. Околу 16 часот се спуштивме по најдолгата стаза број 68 во ски центарот долга 7,5 км, стазата број 68. Нашата мала група дента помина на скии маратонски 46 км.
Ски статистика за 9 јануари 2011
А, како се проверува „ски-километражата“? Бројот од скијачкиот билет се става на Интернет страната на ски центарот и се појавува детална дневна ски статистика: време на почеток на скијање, користени ски лифтови, висинска разлика, број на километри на скии, крај на скијањето.
Интернет страна за ски статистиката: http://www.skiline.cc/ticket/skicircus
Иако изморени, вечерта не ни беше тешко да запееме со гитарата на Никола. Со чаша вино во раката Анита Бшелингер заинтересирано не гледаше додека ние пеевме и се шегувавме.
10 јануари 2011 (понеделник)
По препорака од докторот Владимир Георгиев и од Мирче Данаиловски нашата група се упати кон Леоганг. Стазите беа одлично подготвени и долги. Околината беше феноменална. Високи алпски врвови, длабоки долини, најсовремени жичарници и рој луѓе кои уживаа во скијањето. Јасна од Белград потпевнуваше додека скијаше. Иако нозете ни трепереа од умор, никој од нас не сакаше да заостане.
Сончеви врвови
Околу пладне застанавме во „бачилото“ Alte Schmiede, кое ни го препорачаа нашинците Милан и Наум. И имаше што да видиме. Однадвор објектот личеше на стара воденица, а внатре имаше 3 спрата преполни со луѓе кои уживаа во храната и во амбиентот. Неверојатно убав објект. Внимавале на секој детал. По ѕидовите имаше стари слики, по таванот стари скии, а тоалетите беа мали музеи во кои не знаеш дали попрво „да се олесниш“ или да сликаш. За ручек пробавме полнет кромпир, салати, Keiserschmarren (исечкани палачинки), Germknoedel (тестенина со слива во сос од ванила), пиевме освежувачки Radler (50% пиво + 50% лимонада). Убавото јадење „беше виновно“ што дента направивме само 33 км на скии. Но, задоволството беше големо.
Кон Леоганг
А каде беа другите луѓе од групата? Никола, Сунчица Недева, Миланка Арсиќ, Маја Белопета и Јана Брдароска го разгледуваа Саалбах и околината. Тихо, Марга и Дона Николовски скијаа над Саалбах. Вања Чингаровски веќе втор ден скија сам и како што вели, ужива. И Благоја Марков од Штип, исто така.
Миланка, Зоран, Сани на скии Стефан, Кристина, Јасна, Горан во „бачилото“ Hecherhuette
Пред крај на денот од Леоганг се вративме во „нашата“ долина и се спуштивме по најдолгата стаза (бр. 68) и го откривме Appre ski „бачилото“ Hecherhuette со убава музика и забава. (Appre ski значи после скијање). Пиевме пиво и врело вино.
Нема крај на забавите во ски центарот. После вечерата отидовме во Саалбах во „Пеколот“ (во Appre ski барот Inferno). А, таму, навистина беше пеколно. Многу луѓе од цел свет, сите со пијалок в рака играа и се забавуваа на „заразните“ германски песни : „Eins, zwei, drei “, „Stark wie ein Tigar, hoch wie eine Girafe“ ,… . Пиевме и “Flying deer” (Ред бул со Јегермајстер), но ноќта едвај заспавме од него.
Забава во Appre ski барот „Пеколот“ (Inferno) Вештиот келнер
11 јануари (вторник)
Прекрасен, сончев ден. Денес за „мојата“ група (Јасна, Кристина Коловска и Стефан, а Ирина Петличкова остана дома да се одмори) подготвив комплексна програма. Да скијаме до скијачки најдалечното „бачило“ гледано од Фиехофен, на терените над Хинтерглем. Прво се качивме на врвот над левата страна од долината, скијавме до Саалбах, преминавме со жичарница на врвовите на десната страна од долината и со уште 10-на жичарници и стази стигнавме до целта, „бачило“ Елмауалм. Моите „соскијачи“ ја гледаа мапата и не можеа да поверуваат каде сме стигнале. „Па како ќе се вратиме дома?“ праша Кристина. „Се е лесно кога е добро поврзано“ им велев.
Најдалечното „бачило“ Elmaualm
Скијавме на одлично подготвени сини и црвени стази, а поминавме и покрај црната стаза по која скијале на некое минато Светско првенство. Се одморивме во најдалечното „бачило“ и околу 14:30 часот тргнавме кон Фиехофен. Од една стаза на друга, од една жичарница на друга и околу 15:45 стигнавме на врвот на стазата 68. Застанавме во „нашето“ Appre ski „бачило“ во кое веќе се одомаќивме. Занесени од забавата, не приметивме дека паднал мрак. По мрак внимателно скијавме кон селото. Некои скијачи со лампа на челото брзо се пробиваа меѓу нас. Дента, покажа ски статистиката сме поминале 51 км и сме се возеле на 21 жичарница.
Возачот Зоран од Прилеп пешачејќи од Саалбах кон Фиехофен се приближил до една рамнина, сета од мраз, како лизгалиште. И по тој мраз 15-тина најнови црвени Ауди возила јуреле со голема брзина. Секој заинтересиран може да изнајми Ауди и да вози по мразот со совозач – експерт.
Со Ауди по мраз
11-годишната Дона Николовска со ски учителот Мартин брзо ги совладуваше скијачките вештини. Лесно се спушташе по стазите и имаше предност при качување на седешниците. А нејзините родители, Марга и Тихо уживаа скијајќи кон Леоганг и кон Саалбах.
Дона со нејзините другари и ски учителот Мартин
Ни изгледаше како Мирче и докторот Владо да го имаа донесено „пола Веро“ со нив. Сувомеснати производи, сирења, вина, тестенини, ориз, ... Вечерите со нив беа вистинско кулинарско и раскажувачко доживување. Го прошетале светот и уживаа раскажувајќи за далечните патувања. А, Јасна Ивковиќ од Белград? Јасна е неверојатно интересна жена. Скијачка, планинарка, виолинистка, кајакарка, бициклистка, стоматолог, .... Додека се возевме по жичарниците со отворени усти ги слушавме нејзините доживувања. „Веслала сам кајаком по снегу“, „Бициклом сам возила од Будимпеште до Београда“, “Јели смо ..... у Јорданској пустињи“. Секој момент очекуваме да ни каже е дека била на планетата Јупитер, но дека повеќе и се допаѓа на Марс. Оти било потопло.
Кристина Коловска воопшто не се трудеше да запамети по кои стази скијаме. Постојано во потрага по уште поубави стази, веднаш забораваше на претходните. А, нашата Сани (Сунчица Недева), во Саалбах донесе 3 пара чизми со високи потпетици (кои воопшто не ги облече). Но затоа скијаше и лудо се забавуваше во Саалбах.
Необлечените чизми на Сани
12 јануари 2011 (среда)
Денеска уживавме скијајќи по одлично подготвената црвена стаза број 61. Но, јас на кратко се одвоив и „тркнав“ 2-3 пати до Леоганг. Со тоа дента направив рекордни 55 км на скии. И моите „соскијачи“ беа добри и скијаа околу 40 км. Една од стазите кон Леоганг е поврзана со голема и нова 8-седешница. Сите седешници имаат греачи во седиштата и пластична хауба која штити од снег и ветер.
Под портокаловата хауба на седешницата за осумина
Не пропуштивме да се вратиме по омилената 68-ца и во нашето омилено „бачило“ на ред музика, ред пиво, ред играње. Веќе научивме делови од песните и пеевме и игравме заедно со гостите и со персоналот.
Вечерта во 20 часот сите отидовме во соседниот град Цел ам Зее (Zell am See), на 9 км од Фиехофен. „Freaks on snow“ изведуваа вратоломни скокови на скии и на ски даски. Претставата заврши со огномет, но и со повредени скијачи – учесници во програмата. Повторно се покажа дека е неопходно носење на ски шлемови.
„Freaks on snow “ во воздух
13 јануари 2011 (четврток)
Дождлив и облачен ден. Јас решив да видам каков е снегот и отидов на терените. Повеќемината од групата останаа дома. Снегот беше толку бавен и „тежок“ што ме закочуваше додека скијав. Немаше никакво задоволство во скијањето и се вратив дома.
Под хаубата безбедни од дождот Tauern Spa во Капрун
Додека се враќав од ски терените, една британска група скијачи се договараше каде ќе скијаат дента. Имале план (по дождот) да скијаат 36 км. Така им било кажано уште во Лондон, за толку платиле и толку ќе скијаат. За секој ден имаа планирана „километража“. Како во војска.
Поголем дел од нашата група реши да оди во 18 км оддалечениот Капрун, во Tauern Spa, новиот комплекс од затворени и отворени базени и сауни. 13 евра за 3 часа уживање во 34 степени топлата вода. Пливавме во отворен базен, а низ пареата се наѕираше високиот Кицштајнхорн (3200 м.). Седевме во топлата вода од која ни ѕиркаа само носот, очите и косата и заинтересирано ги посматравме Русите (деца и возрасни) кои влегуваа и излегуваа од базенот на снегот како да е среде лето.
Вечерта ја славевме Стара Нова Година. Отидовме во соседниот град Саалфелден, на 15 км од Фиехофен, во ресторанот La Piazza , чии сопственици се нашинците Ивица и Гордана (Македонка). Никола со гитарата направи одлична атмосфера и сите запеавме и заигравме. Ни се придружија дури и гостите Австријци и персоналот. Вртевме погача (во која готвачот Арап заборавил да стави паричка), пиевме вино, јадевме мешана скара, .... Се забавувавме скоро до 2 часот наутро.
Во потрага по паричката Забава за сите
14 јануари 2011 (петок)
Последен ден за скијање. Облачно утро кое за кратко време се промени во прекрасен сончев и топол ден. Дел од групата отидоа да скијаат на глечерот Капрун, на 3000 м. Мирче, докторот Владимир и Вања уживале скијајќи на глечерски снег, а Маја Белопета, Јана Брдароска уживале во околината и во вселенски уреденото „бачило“ со теписони и ростфрај на 3000 м.
Мирче, Владимир, Маја и Вања на Капрун
Поглед од 320 3 м ( Kitzsteinhorn) врз скијачките терени на глечерот Капрун
Миланка Арсиќ на врвот
Другите уживаа во сонцето над Саалбах, а трети скијаа кон Леоганг. Ние се сончавме излежувајќи се на лежалките пред „бачилото“ во кое работеше нашинецот Наум. За последен пат се спуштивме по омилената стаза број 68 и застанавме во омиленото Appre ski „бачило“ на музика, пиво и греано вино. Ах, вака би можеле цела зима. Ред скијање, ред сончање, ред Appre ski забави, ….
Вечерта ги подготвивме патните торби за утрешниот пат кон Салцбург и потоа кон Белград и Скопје. Тихо, Марга и Дона вечерта беа во Саалбах каде се одржувала трка на нордиски скијачи. Главната улица на Саалбах, била специјално покриена со снег, и по неа скијале нордиските скијачи.
Марга и Дона ги поздравуваат „супербрзите“ нордиски скијачи
Анита Бшелингер, сопственичката на една од куќите во кои бевме сместени, а воедно и раководителка на туристичкото биро во Фиехофех, ни подготви 3 пакети брошури за Фиехофен, Саалбах и околината. Јас за секој учесник во нашата акција направив по еден комплет од брошурите и им го дадов.
15 јануари 2011 (сабота)
Од Фиехофен, низ Саалфелден, преку Германија стигнавме во Салцбург.
Подготовки за пат кон Македонија
Салцбург и по дожд и по ладно време изгледа убаво. Го разгледавме стариот дел на градот, куќата на Моцарт, продавниците.
Салцбург
Во 15 часот од Салцбург тргнавме кон Скопје преку Грац. Патем, во автобусот, со шампањско го прославивме роденденот на Мирче Данаиловски. Дали тапата од шампањското го оштети автобусот или се случи нешто друго, не знаеме, но автобусот почна да забавува.
Мирче Данаиловски со шампањско во рацете
Традиционално, повеќедневните акции на планинарското друштво „Макпетрол“ се богати по содржина. И овојпат акцијата „Скијање во Саалбах 2011“ покрај скијањето беше збогатена со посета на градови, вечерни забави, запознавање со нови луѓе.
Она што организаторите на акцијата „Скијање во Саалбах 2011“ се надеваат е дека впечатоците од престојот во ски центарот Саалбах-Хинтерглем нема да бидат засенети од проблемите со превозот.
Следната скијачка сезона (2012) планинарското друштво „Макпетрол“ ќе се потруди да организира уште поинтересно патување. Можеби повторно во Австрија, можеби на Доломити во Италија, но сигурно со други превозници.
Две слики со срдечни поздрави од Саалбах
Ирина, Кристина, Јасна
Поздрав од Саалбах
Додаток
Зошто слики од ценовниците? Па, сите прашуваат колку чини ова или она. За да имаат прецизни информации ги сликав ценовниците во едно од „бачилата“.
Што може друго да се прави во Саалбах?
Може да одите нагоре по планината со (touring) скии, може да го шетате кучето, може да го разгледувате Саалбах, .... Може да уживате.
Нагоре по снегот Прошетка со кучето
Низ Саалбах
Автор: Горан Николоски
Слики: Горан Николоски, Маја Белопета, Маргарита Стевкова-Николовска, Јасна Ивковиќ, Ирина Петличкова
|