Во еден неврзан разговор, повеќе на шала, Кире Наунчевски од Делта - а поттикнат од името на Ceripasina Vertical Kilometar - предложи да направиме едно трчање Skopje Horizontal. Бидејќи за слична патека веќе размислувавме со Јовица Јованчев и планиравме да си направиме тренинг, не ни беше потребно многу да ја договориме и реализираме целата работа. Претходниот викенд тројцата главни "виновници" : Јовица, Кире и јас - ја истрчавме целата патека и проверивме дека е сосема во ред. Добро е што се прави речиси цел круг околу Скопје, а имаме многу малку контакти со сообраќај. Пуштивме информација на Facebook групата за трчање - и - за пријатно изненадување - многу луѓе се пријавија дека ќе учествуваат.
Утрото беше приллично свежо, со температура под нулата. Но сепак кај мостот Близнак во 9 часот се собраа околу 20 девојки и момци и едно куче. Со оглед на временските услови ова беше повеќе од одличен одзив. Некој сега ја почнуваше новата сезона, некои си трчаат цела зима и ова им беше добра можност да се испробаат на нешто подолга патека. Оние на кои им беше многу 30 km можеа кога сакаат да си застанат, да се вратат назад. Апсолутна слобода.
на стартот кај мост Близнак
За околу половина час го минуваме центарот на градот со задолжително влегување во цивилизација поради ископините што се прават по Кејот веќе подолго време. Кај "Жабар" ни се приклучуваат Софија и Тања и така продолжуваме кон крајот на кејот - мост "Обединети Нации", каде ни се придружува Андријана. Оттаму продолжуваме до вториот мост и потоа - минувајќи неколку улички, го фаќаме патот кој се искачува кон с. Горно Нерези. Тука започнува не баш хоризонталниот дел од патеката. Блага угорнина одлична за тренинг.
почетокот на искачувањето кон Горно Нерези
студени облаци над Водно
Кај манастирот Св. Пантелејмон правиме мала пауза за да се напијат луѓето вода. Не може да се прави поголема пауза дека е ладно и секое подолго стоење може да предизвика значајно изладување па и промрзнување на некој прст. Затоа полека продолжуваме со трчање кон Средно Водно по прекрасната патека. Покрај нас иам малку снекче, замрзнати вирчиња. Околу 11:30 стигнуваме на Средно Водно. И тука мал одмор, па по патеката одиме кон Марково Крувче и оттаму стрмно се спуштаме до населбата Кисела Вода.
кон Марково Крувче
спуштање од Марково Крувче - делот каде се пробива новиот пат
уште малку и пак во цивилизација
На некои од учесниците овој дел што го минавме низ шумскиот терен и особено стрмното спуштање им беше ново искуство и се надевам дека во иднина повеќе ќе се охрабруваат да трчаат по нерамни терени во природа.
Патеката потоа одеше по тротоарот на булеварот повторно до мостот Близнак, со што кругот се затвори. Убаво трчање и дружење кое се надевам дека некогаш пак ќе си го повториме. Честитки до сите позитивни луѓе кои земаа учество на првиот Skopje Horizontal Run.
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/SkopjeHorizontalRun
Текст: Трајче Панковски
Фотографии: Александар Смилков, Здравко Дејановиќ, Трајче Панковски