Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Скопска Црна Гора : Црн Камен - 19 февруари 2012

Еднодневна планинарска акција во близината на Град Скопје. Во периодот по обилните снежни врнежи и тешко поодни патишта - се определивме за една полежерна варијанта во нашата непосредна близина - на Скопска Црна Гора. Голема, широка планина која многу ретко ја посетуваме - почесто одиме на повисоките планини во Западна Македонија. Но ете оваа акција покажа дека може да се има прекрасно навистина зимско планинско искуство. За цел на оваа акција го зацртавме врвот Црн Камен - врвче кое со своите карпи и погледот кој го нуди го зголемува уживањето - до врвот Рамно - највисокиот врв на Скопска Црна Гора не појдовме поради неговата оддалеченост и длабокиот снег на некои места од патеката на движење.

Акцијата беше планирана за 13 луѓе но се реализираше со 11: Светле, Тања М., Тања Г., Марин, Петар, Александар, Владо, Радосав, Деан, Данчо и Трајче. Поаѓаме од Скопје околу 6:30 часот и одиме до село Љубанци. Патот исчистен од снег, но поради топењето на снегот претходниот ден и ладното утро - на некои места беше подмрзнато. Паркираме во селото - кај месната заедница и околу 7:30 поаѓаме нагоре - времето прекрасно - тивко - сончево.


село Љубанци


по патот над селото

Одиме со умерено - не многу брзо темпо - денот е видно зголемен и знаеме дека имам доволно време успешно да ја реализираме акцијата. Во почетниот дел над селото одиме по веќе изгазена патека од локалните жители. Потоа - нешто погоре си фаќаме по наше - излегуваме на гребенот и одиме. Снегот станува подлабок, но четворица од нас имаат снегохотки и тие одат напред тапкајќи го снегот колку-толку за да можат останатите полесно да се движат. Со весело расположение, шеги и разговор се движиме - уживаме во прекрасните глетки кои се отвараат во правец на масивите на Јакулица и Шар Планина.


колоната во снегот

Така се движиме по снегот, со повремени паузи за да се консолидира групата и да се одморат малку луѓето. Минуваме во близина на неколку бачила - во едно од нив се гледа дека скоро имало посетители - по свежите траги во снегот. По трагите гледаме дека има и доста дивеч во овој дел - особено зајаци. На враќање назад еден зајак истча на 4 метри од нас и побегна скокајќи по длабокиот снег. Наскоро патеката почнува да се искачува пострмно и снегот се почесто е цврст под нозете - излегуваме на врвот - едно широко плато - Чука (1322 m).Тука правиме малку подолг одмор.


на Чука (1322 m) - рамно е ама не е Рамно


се приближува остатокот од екипата


поглед кон Љуботен


одмор на Чука - назад - врвот Црн Камен

Продолжуваме со патот преку седлото и потоа полека почнуваме стрмно искачување кон следното брдо - оваа област се вика Змиина Дупка - има интересна формација од карпи која вака опфатена од снегот навистина убаво изгледаше. Некои пољубопитни и се искачија на карпите.


карпите кај Змиина Дупка


поглед наназад кон Чука


продолжуваме нагоре до билото на Скопска Црна Гора


поглед кон врвот Рамно (1653 m)

По карпите се здогледува широко врвче кон кое се упатуваме - излегуваме на широкиот гребен на Скопска Црна Гора кај месноста Било (1595 m) . Тука веќе дува постуден ветар па се облекуваме во јакни, капи, ракавици. Наскоро продолжуваме во правец на блискиот врв Црн Камен.


врвот Црн Камен (1585 m)

Наскоро екипата се искачува на врвот Црн Камен - по патче меѓу карпите. Горе е прилично мало плато од карпите. Надолу од југоисточната страна е многу пострмна карпа. Се собираме тука - јадеме од сендвичите - пиеме вода, чај - се фотографираме. На сите присутни ова им е прво искачување на овој врв.

По пауза од петнаесет-дваесет минути - се делиме во две групи - едната се враќа по истата патека назад - а другата избира малку поавантуристичка патека од пострмниот дел кој минува под врвот Црн Камен. Малку карпи, стрмна падина, длабок снег - лизгање како мали деца, па низ шумата пак по длабок снег. Малку адреналин за подобро расположение.


последните чекори пред врвот Црн Камен


поздрав од врвот


втората група минува од источната страна - првата група е уште горе на врвот


спуштање надолу по стрмната падина


низ шумата


поглед наназад кон Црн Камен од широкиот пат на кој излеговме


одмор и сончање во снегот


група од снежниот саем на очила

Иако одделени бевме во постојан контакт едната со другата група и во селото пристигнуваме во пет минути временска разлика. Нормално - застануваме кај селската Корпорација (ново име за она што порано го викаа Кооперација) и се пие пиво или кока-кола - со разговор - размена на импресии од штотуку завршената акција. За половина час поаѓаме кон Скопје - дома сме околу 17 часот - малку подгорени од сонцето и покрај мачкањето со заштитни креми - но среќни поради прекрасната акција.


еден малку подзаборавен архетип - снешко со сува пиперка наместо нос и тенџере на глава


Технички податоци :

Должина на патеката: 17 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1170 m
Макс.процент.успон : 35 %, просек 13 %
Макс.процент.спуштање : -50 %, просек -14.5 %
Време на движење : 8 часа


измината патека


профил на патека

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/SkopskaCrnaGoraCrnKamen#

Автор: Трајче Панковски

Фотографии: Петар Герасимов, Марин Стојановски, Радосав Тасевски, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje