Крчин планина : Рудина и Голем Крчин - 10 јули 2010
Искачувањето на Голем Крчин како акција си беше зацртано во програмата на нашето планинарско друштво уште од крајот на минатата година. Кога се приближи терминот за реализација, видовме дека се пријави мал број на заинтересирани, главно како подготвителна акција за големата годишна акција на Монте Чинто - Корзика, Гран Парадисо - Италија и Мангарт - Словенија.
Јас и Марин го имавме еднаш искачено Голем Крчин, но желбата за повторно искачување си постоеше уште од првиот пат. Уште тогаш особено вниманието ни го привлече вториот по големина врв на тој масив - Рудина, кој е за околу 100 метри понизок од Голем Крчин но е многу поатрактивен (читај : покарпест) и претставува убав предизвик за секој планинар.
Поаѓаме од Скопје тојца (јас, Марин и Адам) во 4:30. Во Гостивар го земаме Љубиша од П.Д. Бистра - Гостивар. Продолжуваме до Маврови Анови каде со друго возило ни се придружуваат Коле (нашиот претседател). Миланка од П.Д. Балкан - Белград, Маја и Горан Николоски. Минуваме покрај Жировница, гледаме кон врвот Карбула кој ни е интересна дестинација, особено откако минатата година лавината направи широка директна стаза нагоре. Минуваме низ Ростуше, Битуше и продолжуваме уште малку нагоре, по пат над кој има ниско надвиснати гранки од дрвјата - до месноста Драга (1130 m) - ширoка ливада со фудбалско игралиште и една напуштена караула од десната страна. Тука ги оставаме возилата, се поготвуваме и во 7 часот почнува нашето искачување.
дел од ливадата кај Драга и поглед кон Крчинска Краста - Голем Крчин е позади
екипата се спрема за старт
Патеката оди прво покрај поточето - Битушка река. За 5 минути сме до една чешма (има и каптажа) со уредено место за излетници, маси и клупи. Продолжуваме низ убавата шума - патеката фантастично убаво се движи нагоре - се добива во висина ама неосетно, без човек да се замори. На висина од 1530m излегуваме на една ливада - Џинова ливада на која има и убава чешма. Тука "Мавровската" екипа седнува да појадува, а ние (Трајче, Марин и Адам) - бидејќи го имавме во план прво врвот Рудина - продолжуваме нагоре.
чешмичката на Џинова ливада
Патот сега оди малку низ шума, малку низ ливада, наизменично. Постојано пред нас се издига огромната карпеста громада - Крчинска Краста која го затскрива главниот врв. Во десниот (северниот) дел на овој карпест ѕид на пролет се создава голем водопад кога Битушка река е надојдена од стопениот снег.
Крчинска Краста
За некој половина час излегуваме од појасот на шумата на местото кое минатиот пат го нарековме "Место на викање" - бидејќи по веќе монотониот шумски пејсаж одеднаш пред вашите очи се отвара прекрасен високогорски предел - зелени ливади - карпести врвови - сино небо --- и ви доаѓа силно да викнете.
видикот по излезот од шумата - врвот Рудина
Патот до врвот Рудина сега оди по изохипса на висина од околу 1850-1880m. Наскоро се наидува прво на мала црквичка (изградена како замена на онаа која сега е срушена на врвот Голем Крчин - посветена на Пресвета Богородица, а на која секоја година на Преображение се собирале верници и од Македонската и од Албанската страна).
Околу 500 метри понатаму по патот и наидуваме на мало бачило со овци. Таму не пречекаа тројца овчари. Најмногу со нас разговараше Ејуп од с. Косоврасти, кој на овој терен е со овците веќе 35 година. Не поканија да им бидеме гости - да земеме млеко, сирење, но ние љубезно им се заблагодаривме и продолживме по нашиот пат, ветувајќи дека следниот пат повеќе ќе се задржиме кај нив.
бачилото на патот кон Рудина
Патот потоа наидува на камењар, ама од добрите камењари, стабилен и цврст, со убаво направена патека по него. Патот на две-три места го сечат планински потоци кои стрмоглаво се спуштаат надолу правејќи слапови. На едно-две места има направено и чешми. Прилично добро уреден терен. Одиме до гребенот на Рудина - на висина од околу 1900m. Тука се укажува уште една мала долинка која ја заобиколуваме, веќе постепено качувајќи се во висина. Потоа поаѓаме директно по гребенот (источниот гребен). Теренот е комбинација на трева и камењар (во долниот дел), а подоцна преминува речиси целосно во карпи, прилично стрмен, но не опасен. Одејќи нагоре фрламе поглед кон третиот врв од овој масив - Црвена Плоча (2107m) кој исто така е многу убав и на кој имавме желба да се искачиме доколку се биде во ред. Но искачувањето на Рудина изгледа му одзеде на Адам повеќе енергија од предвиденото, а и почнаа да го фаќаат грчеви, така што планот мораше да претрпи прилагодување.
врвот Црвена Плоча (2107m)
врвот Црвена Плоча и Дебарско езеро во позадина
Времето исто така малку се промени, почна да дува посвежо ветре, така да моравме да ги извадиме дуксерите и јакните. Наскоро сме на врвот од кој имаме прекрасен поглед на сите страни : кон Дебар и дебарското езеро, Албанија со повеќе села, планината Бистра со селата нанижани по нејзините падини, на север Голем Крчин, Веливар и Кораб. На врвот бевме околу 11 часот.
Марин и Адам на врвот Рудина (2238m)
Искачувањето на врвот Рудина не претставува технички проблем, но бара добра кондиција. Спуштањето надолу бара и малку повеќе испитување и размислување за да биде безбедно. Затоа можеби и ги сакам ваквите врвови - те тераат да ги запознаеш убаво, да размислуваш за нив, да го избереш најдобриот пат.
Се спуштивме од левата (западната) страна бидејќи централната и источната имаат поекспонирани карпи а ние не носевме јаже и друга опрема. Од оваа страна се спуштивме до седлото каде што имаше еден заостанат снежен јазик. Потоа следеше еден сипар - камењар од ситен камен и плочки, кој во принцип е лизгав и нестабилен и треба внимателно да се помине.
спуштањето од Рудина
Додека се спуштавме на врвот Голем Крчин забележавме фигури на луѓе, па подоцна со викање и со мафтање на рацете се поздравивме со нашите колеги кои се качиле таму. Јас и Марин решивме да појдеме и до Голем Крчин, додека на Адам му рековме да оди по изохипса и да не причека некаде во близина на црквичето.
Успонот на Голем Крчин од јужната страна за нас не беше проблем, баш пријатен тренинг, а ни се допаѓаше дека по прв пат го искачувавме од оваа страна - минатото искачување беше од северната страна.
На врвот ги сретнавме нашите пријатели кои останале таму да не чекаат. Одморивме 10 минути и појдовме надолу по северната страна, додека Коле со својата екипа се спуштија од јужната страна - секој да си го затвори својот круг.
Марин на Голем Крчин (2341m)
Северната страна на Голем Крчин нуди една прекрасна провалија - патеката минува по самиот раб на провалијата и е вистинска "бомбона" за љубителите на адреналинот. Потоа се спуштаме на северното седло и надолу - малку на исток - за да се сретнеме со Адам кај црквичето.
дел од патеката до провалијата - назад Дешат (Веливар) и Кораб
Со Адам продолжуваме надолу, по истата патека по која што се искачивме. На самиот крај на патеката малку успоривме поради прекрасните шумски јагоди од двете страни на патеката.
шумските јаготки
На Драга стигнавме околу 16 часот. Веднаш се зафативме со работа - да собереме гранчиња и гранки и да направиме оган. Таман беше огнот добро распален дојде и остатокот од екипата. По околу еден час јадевме убави колбаси на жар и пиевме ладно пиво - заслужена награда за убавата акција. Времето навистина не послужи - на моменти дуваше малку ветар, инаку беше идеално.
Во 18 часот поаѓаме назад кон Маврово, Гостивар, Скопје.
Технички податоци :
Должина на патеката : 15 km
Висинска разлика (успон) : 1350 m
висински профил на патеката
3D претстава на изминатата патека (според GPS-от)
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
http://picasaweb.google.com/117320863135421357287/RudinaIKrcin
автор : Трајче Панковски
|