Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Рила - Мусала и 7 Рилски езера : 1-3 август 2014

ПСД Макпетрол веќе по традиција во почетокот на месец август организира посета на соседната Бугарија, на планината Рила. Прекрасна планина која нуди искачување од повеќе места и има многу интересни врвови, уште повеќе планински езера, на неа се наоѓа највисокиот врв на Балканскиот полуостров - Мусала (2925 m). И оваа година се организиравме и појдовме од Скопје група од 26 планинарки и планинари. Дестинација - планинарскиот дом "Шумнатица" за кој се грижат наши пријатели со кои сме учествувале на повеќе акции на Балканот и Европа - а пред се Маријана од Туристичкото здружение "Рилски Турист". Стигнуваме таму во петокот доцна навечер. Поголемиот дел од патот низ Бугарија ни врне дожд, прилично силен. Во прашалници каков ќе биде утрешниот ден и како ќе се оди после волку дожд - легнуваме да отспиеме и да се одмориме за следниот ден. Во текот на ноќта пристигнуваат и пријателите од ПК Балкан од Белград со кои заеднички ја изведуваме оваа акција.


сабота наутро - пред домот "Шумнатица" - подготвени за искачување на Мусала

Утрото осамна тмурно, магловито. После толку обилни врнежи нормално беше да има огромни испарувања во воздухот. Сепак се спремаме и поаѓаме до Боровец - надевајќи се дека на поголемите височини ќе биде подобро времето. На жичарницата сме неколку минути пред да почне да работи - Маријана веќе ни земала карти и меѓу првите се искачуваме до Јастребец - на висина од 2369 m. На околу 100 висински метри пред крајот на жичарницата навистина излегуваме од маглата и ни се појавува јасно време - има и високи облаци но видливоста е одлична. Поаѓаме прво до домот хижа Мусала а потоа од таму по летната маркација кон врвот Мусала. Секој според своето темпо, некој побргу, некој побавно, но на крајот сите што се упатија кон врвот пристигнаа горе. Импресивен беше огромниот број на други луѓе што се искачуваат, најмногу од Бугарија но и доста странци, а особено што имаше голем број на деца, од кои најмалите имаа 3 или 4 години (нормално, со помош на родителите). На врвот одмор, разгледување, фотографирање. Времето беше облачно но не беше ладно и многу ветровито така да ни овозможи подолг престој на врвот - додека да ни залади и така да сфатиме дека е време да се придвижуваме надолу и да се загрееме.


планински езера на Рила


последното езеро под Мусала - Леденото езеро


дел од екипата на врвот Мусала


"помладиот" дел од екипата

Меѓу тие што се искачија на врвот имаше неколку луѓе на кои ова им беше прво искачување на Мусала и воопшто највисока досега искачена висина. Честитки до нив за упорноста и издржливоста - се обидоа и успеаја да се надминат себе си.

Се вративме назад - со подолго задржување (дремење на сонце) крај езерото кај хижа Мусала. Потоа на жичарата и назад во Боровец - во некој од ресторанчињата на ручек.

Вечерта правевме мала прослава на роденденот на нашиот преседател на клубот Никола како и неговото заминување во пензија. Пријатна атмосфера во домот која наш Коле ја збогати со неколку од неговите песни како и со рецитирање на дел од Коштана.

*****

Следниот ден осамна уште поубав - сончев. Станавме маллку порано дека имавме околу еден час возење до Сепарева Бања и потоа до Пионерска каде го паркираме мини-бусот и поаѓаме на пат кон Седумте Рилски Езера - ретка природна убавина која секој би требало да ја види и прошета. Турата не е напорна, има околу еден час пешачење од паркингот до домот "7 Рилски езера" - а оттаму уште една мала угорница и почнуваат да се редат езерата. За оние кои сакаат да дојдат а немаат баш кондиција или сакаат да дојдат со помали деца - постои можност да стигнат до домот со двоседешница, а има и превоз со џипови.


дел од нашата екипа собрани на Пионерска - спремни за поаѓање

Пристигнавме до домот, направивме пауза за да се собере групата, се освеживме малку и појдовме полека нагоре. Времето беше идеално - главно сончево, но повремено се појавуваше и по некое облаче за да не не изгори премногу сонцето. Во опуштена атмосфера почнавме да се искачуваме и да одиме од едно до друго езеро. Луѓе овде и повеќе од вчера - непрекината колона, неколку илјади души на планината. Покрај домот кај Долното езеро беа поставени можеби 30-40 шатори - навистина прекрасна слика на планина почитувана и сакана од луѓето. А има и зошто - тука природата навистина не штедела кога го креирала овој рељеф со изразиот глацијален карактер. остри карпи и врвови, циркови во кои лежат прекрасни зерца со кристално-чиста вода, слапови, водопади.


две од Рилските езера


езерото наречено "Око"


езерото наречено "Бубрег"

Кај езерото Бубрег се собираме една помала група која очигледно побргу се движи и правиме договор да појдеме и над последното езеро до седлото каде се наоѓа едно клепало. Се слушаме со Коле и го известуваме за планот. Потоа со малку побрзо темпо одиме нагоре. По последното езеро одиме уште малку и стигнуваме на платото. Во меѓувреме добивме нова идеја - да свртиме едно кругче преку сртот и да излеземе од другата страна на езерото "Око". Идејата беше убава но малку пред да излеземе на платото почна да се крева магла која наскоро и нас не зафати. Затоа со тие што беа околу мене се договоривме во вакви услови да не ризикуваме и да се вратиме по истиот пат. Сепак желбата да се прошета уште малку беше силна и се упативме кон многу блиското врвче Дамга или Васов врв (2669 m) Името го добил дека тука во близина од секогаш имало бачила и овци и тука некаде ги жигосувале - дамгосувале овците. Васов врв го викаат дека во близината се наоѓа планинарскиот дом "Иван Васов". Овој врв е интересен што се наоѓа на гребенот кој е главна вододелница на овој дел од Балканот - од едната страна водите одат кон Црното Море, а од другата кон Егејското.


прекрасните Урдини езера сликани од врвот Дамга

Бргу се вратив назад за да ги преретнам другите од групата и да ги предупредам да не одат по оној претходен план за круг околу езерото. Кај клепалото ме чекаше едно големо стадо коњи кои слободно се шетаат по планината. Си постојав со нив некои десетина-петнаесет минути. Но еден од планинарите во меѓувреме веќе фатил по гребенот - се сретнавме со него подоцна во домот. Малку бевме загрижени каде е, но знсејќи го неговото искуство и дека имаше GPS со себе, верувавме дека се ќе биде во ред.


коњите високо во планината

Малку подолу маглата се избистри и пак беше убаво време. Враќајќи се надолу полека се сретнувавме со останатите од групата и така полека стигнавме до домот. Ситно зароси но многу кратко. Во домот мал одмор и нешто како ручек и потоа остана последното спуштање до автобусот.

Истеравме убав активен викенд, времето не послужи и предвидените искачувања се остварија. Во друштво на фини и интересни луѓе - останува оваа акција во пријатно сеќавање.

Технички карактеристики :
Јастребац-Мусала
должина : 14,5 km
вкупна позитивна висинска разлика : 700 m


патеката до Мусала

Пионерска-7 Рилски езера-Дамга
должина : 18 km
вкупна позитивна висинска разлика : 1240 m


патеката Пионерска - 7 Рилски езера - Дамга

Повеќе фотографии можете да погледнете на следниот << линк>>

текст и фотографии : Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje