Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Рила (Р. Бугарија) - октомври 2009

Во периодот од 10 до 12 октомври 2009 година П.Д. "Макпетрол" изведе акција на планината Рила во соседна Р. Бугарија. Акцијата беше изведена заедно со П.Д. "Трансверзалец" од Скопје и П.К. "Балкан" од Белград. Беше тоа еден меѓународен состав на околу 100 планинари од Македонија, Србија и Бугарија.

Појдовме од Скопје на полноќ помеѓу петок и сабота. Во Софија пристигнавме во раните утрински часови и бедејќи беше многу рано за продавниците во градот, се паркиравме пред "МЕТРО" во населбата Љуљин. Тука бевме два часа - од 7 до 9 по наше време. Некои купуваа разни производи од "МЕТРО", некои појадуваа и си го пиеа своето утринско кафе во бистрото веднаш до шопинг центарот.


Пред автобусот кај "МЕТРО"

Следна станица ни беше паркингот кај главната автобуска станица во Софија. Планот беше кој сака да си го разгледува градот, а поголем дел од патниците ги посетија неколкуте специјализирани продавници за планинарска опрема, каде што набавија некои потребни работи за претстојната зимска планинарска сезона - најмогу планинарски чевли.


Некои кожни чевли, а некои колани и капучино

Околу 14:30 појдовме кон Боровец. По патот поголемиот дел од учесниците ги фати пријатна дремка и така неосетно стигнавме до Боровец. Се сместивме во хотелот и попладневните часови ги искористивме за прошетка и за посета на неколкуте добри ресторанчиња.

За идниот ден водичите беа договориле да се вклучи жичарницата за да не искачи на висина од 2369m. Некои малку негодуваа сакајќи да ја искачат целата рута, но со оглед на составот на групата, во која имаше многу "нови" планинари - оваа варијанта беше многу подобра. Временската прогноза ветуваше убаво сончево време и така сите бевме на стартот на "гондолките" во 6:30 часот, но причекавме со поаѓањето до 7:30.


Чекајќи ги гондолките...

Гондолките се искачуваат до Јастребец за 25 минути. Таму се собра целата група, се сликавме и водачите ни кажаа во кој правец треба да се движиме. Времето беше убаво, патеката јасна - и сите си тргнаа со не многу брзо темпо кон првата попатна станица - хижа Мусала.


На стартот на пешачењето

По четириесетина минути пешачење по широк пат пристигнавме до хижа Мусала каде направивме кратка пауза за појадок. Сонцето грееше но се уште беа рани утрински часови и малку беше свежичко, така да не останавме подолго да уживаме во глетката на околните езера и планинските врвови.


хижа "Мусала" на 2389 m

Еден по еден појдовме по каменестата патека кон погорните езера. Ова беше всушност најстрмниот дел од рутата. По пат минуваме уште неколку прекрасни планински езера и продолжуваме кон малото домче - хижа "Еверест".


кон хижа "Еверест"

На хижата правиме мал одмор и продолжуваме кон врвот. Убавото време и убавата глетка од таа висина на другите делови на масивот на Рила, на планинските езера - не успоруваат во искачувањето - гледаме, се фотографираме.


"леденото" езеро


три езерца, хижа Мусала, Емилија


под стрмните карпи се уште има траги од снег


Не премногу уморни стигнуваме на врвот. Тука веќе се собрани поголем дел од планинарите од групата. Си честитаме, правиме заеднички фотографии.


фотографија на врвот - меѓународен состав на планинарки и планинари

Враќање по истата патека. Некои од Јастребец се спуштија пак со гондолките, а некои им беше малку пешачење па продолжија пешки до Боровец. Долу бевме околу 15 - 16 часот. Имаше доволно време за да се ужива во попладневното сонце. Некои заминаа на пливање во базенот во хотел "Рила".

Вечерта имаше организирана заедничка вечера, нормално зачинета со музика од мајстор Цане, Коле и останатите расположени планинари.


весела и разиграна атмосфера

За следниот ден беше договорено рано будење - во 5 часот поаѓање на автобусот кон Маљовица. Поголемиот дел од учесниците дојдоа, додека еден дел беа договорени да поспијат до подоцна, а потоа да дојдат со вториот автобус. Времето беше облачно, но како што се приближувавме кон Маљовица започна да врне ситен дожд. Се симнавме од автобусот и тргнавме кон домот на висина од 1960 m.


следниот ден времето не ни беше баш наклонето - малку беше отклонето

Наскоро ситниот дожд се претвори во посилен дожд, на моменти пропратен и со ветар, така да оние кои имаа во план да се искачат на Маљовица и потоа да продолжат пеш кон Рилскиот манастир се откажаа од таа идеја поради лошото време. Се договоривме сите да одиме до хижа Маљовица, таму да одмориме и потоа да се вратиме кај автобусот.


хижа "Маљовица" на 1960 m

По дождливо време, попат среќавајќи ја групата од П.Д. "Македон" кои ноќта спиеле во хижата на 1960m, стигнавме. Поголемиот дел солидно измокрени и изѕемнати, се пресоблековме, јадевме нешто, пиевме чај, кафе... Коле најде една гитара во домот, па падна и по некоја песна.


"...кој ли му ја даде - таа мандолина..." - Коле и весело друштво

Во 11 часот сме собрани кај автобусот - дождот на моменти престануваше па пак отпочнуваше - во меѓувреме пристигна и вториот автобус и комбето од ПК "Балкан" и појдовме на 100 km долгиот пат кон Рилскиот манастир. Повторно време за дремка со оглед на тоа што многу рано станавме.


Свети Јован Рилски

Разгледување на прекрасниот манастир. Потоа - во ресторан - надвор дувкаше студено ветре и сите побаравме засолниште во ресторанот, некои да пијат кафе - другите ручек.

Во 15:30 поаѓаме за Скопје. Се ќе беше одлично да не беше онаа граница каде што стоевме без никаква потреба 4 часа - така да во Скопје пристигнавме во 23:30 часот.

Се на се, убава тура, добро друштво, убаво си поминавме.

 

Трајче Панковски



© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje