Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Кораб : Големиот водопад, Рибничка Скала, Кабаш - 04 јуни 2011

Поголема група од планинарки и планинари, организирани од страна на ПД Трансверзалец - во саботата на 4 јуни 2011 се упати со две комбиња од Скопје во правец на масивот на планината Кораб. Целта беше да се посети прочуениот голем водопад на Кораб кој во овој период на годината има најголема силина. Групата брои околу 35 учесници. Патот не води преку Маврово, потоа скршнуваме кај Волковија десно во правец на селата Рибница, Нистрово... По макадамскиот пат поголемото комбе може да не вози само првите 2 километри, а потоа, поради тесниот и малку незгоден (на некои места) пат, поголемиот дел од групата се упатува пешки кон селото Бибај, од каде е предвиден официјалниот старт на нашата акција.

Времето облачно но стабилно - со оглед на тоа што прогнозата најавуваше дожд уште од утрото, се што следи ни е чист ќар. Околу 9 часот поаѓаме од Бибај. Фаќаме пат (намерно или случајно) по десната страна на рекичката - практично по гребенот на брдото над Бибај - оваа патека искрено мене повеќе ми се допаѓаше, но која бараше повеќе навигација низ шумата и ливадите кои наизменично се појавуваа.


групата се спрема за поаѓање од с. Бибај


малку шетање низ шума


одмор и гледање на мапите на една од ливадите

За жал една помала група појде по друга патека - лево од нашата - најверојатно сметајќи дека патеките наскоро ќе се сретнат, но тоа не се случи. Се слушавме неколку пати по телефон за да го координираме движењето и да се сретнеме во некоја идна точка.

Нашата група продолжи со искачувањето малку по шума, малку по ливада и наскоро се најдовме на врвчето Кукул кое доминира над Бибај и Жужње од другата (северна) страна. Тука се отвора убав поглед - делумно покриен од облаците - накај врвовите Рибничка Скала и Кабаш. Продолжуваме по ливадата Пралуга која лежи под Рибничка Скала. Тука правиме договор Зоки од Трансверзалец да ја причека и евентуално да ја побара малата група која уште од Бибај се одвои од нас. Една мала група од тројца : Перо, Жико и јас - уште од Скопје имавме план - ако дозволуваат врменските услови - да направиме обид да се качиме на Рибничка Скала и потоа можеби и Кабаш - за таа цел ние понесовме и додатна опрема - појаси, шлемови, јаже, клинови, цепини... - знаевме дека искачувањето на Кабаш е сериозен потфат и сакавме да појдеме добро подготвени. Третата група - главнината на планинарите - му припадна на Горан Николоски да ја води по патеката која води околу Рибничка Скала и Кабаш - до големиот водопад.


спуштање од Кукул кон Пралуга - напред - Рибничка Скала


по убавата и маркирана патека околу Рибничка Скала

 

А. Група - големиот водопад на Кораб


групата што продолжи кон водопадот

Групата што тргна кон водопадот броеше околу 25 луѓе. Обележувањето на патеката беше со не многу големи црвени точки по високите дрвја и по камењата. На неколку места од патот се уште имаше остананати снежни јазици па групата внимателно минуваше за да не се лизне некој надолу. Кога излеговме над шумата, пред нас, во далечината - се појави водопадот.


по снежните јазици

Величествена слика - како во голема инка, стопениот снег се собира на рабовите на планината Кораб и паѓа надолу во висок, тенок млаз. Тенката, висока линија на дното од водопадот се претвора во Длабока река.


величествениот пејзаж на Кораб и водопадот


големиот водопад под Мали Кораб

Таман се спремивме да појдеме кон водопадот, почна дождот. Јас (водичот Горан) предложив две опции: продолжување кон водопадот со забрзано одење и опрема за дожд или враќање назад во шумата Поголемиот дел од луѓето ги облекоа кабаниците и појдовме кон водопадот. Патем дождот почна посилно да паѓа и една група од 15-ина души се вратија назад во шумата. Останатите 10 души продолживме понатаму кон водопадот.

По околу 40 минути одење стигнавме во подножјето на водопадот. Го гледавме високиот водопад од дното. Водопадот кој од далеку изгледаше како тенка линија сега се претвори во висок, силен и бучен млаз.


поглед на водопадот од Длабока Река

Кога стигнавме под водопадот дождот престана на неколку минути и сите набрзина ги извадивме апаратите, ги слековме кабаниците и се сликавме. И толку... Пет минути убавина и задоволство кога почна да врне уште посилен дожд кој просто не отера подалеку од водопадот пред да почнат силните грмотевици. Забрзано се оддалечувавме од водопадот кон сигурноста на густата шума.

Се најдовме со другата група и по заобиколен пат тргнавме кон селото Бибај.

 

Б. Група - Рибничка Скала и Кабаш

Уште кога бевме минатиот септември на Рибничка Скала и кога густите облаци не ни дозволија да продолжиме кон Кабаш, си ветивме дека ќе продолжиме понатаму со проучувањето на овој терен. И за денешниов ден прогнозата не ни беше баш многу наклонета, но појдовме со групата која имаше цел да го посети водопадот - се надевавме дека сепак времето ќе ни дозволи барем нешто да видиме и испитаме. И - навистина имавме среќа - ако не 100% - тогаш сосем солидни 90%.

Со Петар и Жикица појдовме од шумата под Рибничка Скала по стрмната тревна падина директно кон почетокот на јужиот гребен на Рибничка Скала. Искачувањето оди релативно бргу - патот ми е познат - времето слично како и минатиот пат - малку сонце, малку облак, малку ситен дожд. Но бргу напредуваме. Ја заобиколуваме карпата која е на висина од околу 2200 m. Под неа има изворче од кое тече мало поточе. Застануваме и пиеме од свежата вода па продолжуваме нагоре. Стрмно е - си помагаме со цепините по тревата како да е снег - така движењето е посигурно.


по гребенот на Рибничка Скала


по стрмниот гребен - времето доста променливо


мала група на Рибничка Скала (2305 m)

Наскоро сме на Рибничка Скала. Со самото тоа значително ги надминавме очекувањата што ги имавме за денешнот ден. До пред самиот врв беше облачно, па си мислевме дека со ова искачување ќе заврши нашата акција - ќе одмориме малку па ќе тргнеме назад. Но, само што излеговме на врвот - времето се отвори, видливоста значително се зголеми, особено во правец на Кабаш и кон Мал Кораб. Постојавме околу 5 минути на врвот и веднаш појдовме надолу - кон седлото со Кабаш - за да го искористиме периодот на добра видливост.


спуштање кон седлото меѓу Рибничка Скала и Кабаш

Спуштањето од Рибничка Скала не претставува поголем проблем - треба да се внимава, но лесно се минува, ако не од една - од друга страна - ние некогаш се спуштивме по карпа, иако можеше да се направи поголем круг и да се симне по трева или по некаков сипар - човек понекогаш и не знае што е полошо, особено ако е теренот навлажнет од дожд.


поглед кон Мал Кораб и водопадот


на седлото под Кабаш

На селото под Кабаш стигнваме доста бргу - среќни што успеавме да дојдеме до овде. Времето покажува знаци на влошување, па решаваме да причекаме неколку минути - да испитаме како ќе се менува. Потоа одиме малку погоре - почнуваме со качувањето на Кабаш - беше тоа нешто како - "ај да одиме до онде и да видиме од таму како изгледа патот понатаму", и така неколку пати. Негде на почетокот на искачувањето почна пак да роси. На едно мало седленце решивме да ги оставиме ранците и да појдеме нагоре да видиме што има "за следниот пат" - колку што ќе ни дозволи времето. Теренот стануваше пострмен но успевавме да пронајдеме пат - карпите беа лизгави и ронливи - одевме по трева која беше мокра и лизгава но со цепините и фаќајќи се со рацете за бусените - напредувавме.


искачување кон Кабаш

Во еден момент дождот засили уште повеќе и почна да грми некаде во околината - мислам од правец на Бабин Камен. Тоа беше сигурниот знак дека треба да си одиме од овде - "деца - за денес толку - ајде дома !!!" Дали да брзаш или да внимаваш - судир на интереси - со цепините во раце како громобрани и со околните карпи ќе беше многу весела ситауција ако громовите решија да се приближат кон нас. Теренот за спуштање е многу потежок отколку за качување - тоа е класичен планинарски проблем - вниманието треба да е двојно поголемо, дека лизгањето на ваков терен значи големи проблеми - не знаеш каде ќе ти биде сопирањето. Имавме неколку интересни ситуации, а грмотевиците постојано ги слушавме - ни многу близу, но ни многу далеку. Сепак, за околу 10-ина минути успеавме да се симнеме до кај ранците. Оттука уште десетина метри подолу почнуваше патеката која од порано ја предвидовме како патека по која ќе се повлекуваме надолу.


спуштање по многу лизгава трева и снег кон Длабока Река

Е по таа патека веќе се беше глатко - толку глатко што прво Жико клизна по мократа трева. Следеше кочење со цепин како да е по снежна падина. По две минути еве ме и мене по тревата со постепен премин на лизгање во мек снег - кочам со цепинот по дваесетина метри лизгање. И така уште неколку пати до долу но со помали падови - веќе се испраксиравме. Наскоро излегуваме на маркираната патека која води од водопадот околу Кабаш и Рибничка Скала до ливадата Пралуга. Се слушаме по телефон со другите групи - тие се некои 40 минути пред нас - се договараме да почнат да се спуштаат кон Бибај - ние одиме по нив.


по патеката што води од водопадот кон ливадата Пралуга

Дожд и кал по патеката - за околу 1 час сме на ливадата Пралуга. Тука пак се појавува сонце, се креваат облаците и пак се гледаат врвовите. Продолжуваме забрзано по убавата патека од десната страна на Кукул - патеката што минува низ Поповата ливада, па потоа следи спуштање надолу до селото Бибај.


по убавата патека преку Попова ливада

Од Бибај продолжуваме уште неколку километри надолу по патот за да дојдеме до местото каде не чека помалото комбе - поголемото веќе е заминато за Скопје со поголемиот дел од учесниците. Влегуваме во комбето и околу 19 часот поаѓаме во правец на Скопје.

Што да се каже на крајот - убава акција - колку што дозволуваа временските услови.

 

Технички податоци :

Должина на патеката : 23 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1770 m - Макс.процент.успон : 55%
Најниска точка : 1100 m
Највисока точка: 2305 m
Времетраење: 10 часа



приказ на изминатата патека - Рибничка Скала и Кабаш


профил на патеката

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/RibnickaSkalaKabash#

Текст: Трајче Панковски и Горан Николоски
Фотографии: Петар Герасимов, Жикица Ивановски, Ѓоре Ѓоргиевски, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje