Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Risnjak Mountain Trek - 11 јуни 2011

На 9-ти јуни (четвртокот) околу 23 часот нашата трочлена експедиција го напушта Скопје со моето возило и се упатува кон Хрватска. Следува долга ноќна вожња низ Србија за да некаде во раните утрински часови навлеземе во Хрватска. По пат на едно одмаралиште во Србија дремнувам 45 минути, бидејќи полека ме совладува напорот акумулиран од многуте активности во претходните денови. Потоа одиме до Загреб, поточно во близината на аеродромот - во посета на мојот драг пријател планинар Жељко Пивалица од ПД "Croatia Airlines". Во пријатна атмосфера, во придружба на уште еден планинар од неговата екипа која на двапати беше во посета на македонските планини - си поприкажавме за тоа кој каде бил на планина, какви ни се плановите, се потсетивме на некои изминати случки... супер е кога човек има вакви пријатели.

Патот продолжува до Делнице - центарот на Горски Котар. Од таму уште 13 км по тесно патче до Црни Луг - село пред самиот влез на Националниот Парк (НП) Рисњак - парк основан 1953 година. Името Рисњак е затоа што порано имало доста рисови, но тие се истребени кон крајот на 19-ти век. Сега од покрупен дивеч има волци и мечки, во што самите се уверивме кога некаде во близина на КТ2 видовме мечка на некои 30 метри од нас.

На самиот влез има мотелче со ресторан. Прашавме за спиење и дознавме дека спиење за еден човек е 30 евра - цена која нам не ни се допадна. Поставување на шатори во националниот парк не е дозволено, па ние идните две ноќи ги поминавме во мојот автомобил - и морам да признаам дека и не беше така лошо спиењето.


куќичката на влезот на НП "Рисњак"

Попладнето направивме прошетка по почетниот дел од стазата која утре треба да ја трчаме - првите 5-6 километри - за да знаеме каков е теренот. Почениот дел е уреден - малку асфалт, потоа широка и маркирана патека. Шумата составена од елки и буки. Теренот беше влажен - претходните денови редовно врнело. Околу еден час нагоре и еден час надолу - по сандали - немаше проблем. Јас уште немав отспано по изминатите 990 km возење од Скопје. Вечеравме, се проврткавме уште малку - почнаа да доаѓаат некои натпреварувачи на преспивање во мотелот. Околу 10 (таму се стемнува подоцна, бидејќи е позападно) - на спиење во кола.


нашата "трпезарија" - тука јадевме и правевме тактички планови за трката

Осамна денот на трката. Станавме во 6:10. Миење, облекување облека за трка, појадок. Во 7 почнува пријавувањето за трката. Се поставува шаторот, музика... Таму е Елвир Сулиќ - организаторот на трката и најискусниот авантуристички тркач во Хрватска - капитен на екипата која овој февруари учествуваше на последната дива трка на планетата - во Патагонија и каде од 15 екипи го освоија 4-то место, а само 6 ја завршија трката. Во таа екипа е и Дарја Боштјанчиќ - девојка која пред две години со сестра и Ирис и со други девојки од Хрватска се искачи на Mnt. Everest, а претходно се искачија и на Cho Oyu. Ми беше чест што ги сретнав, ги замолив да се сликаме, ги поканив во Македонија. На Елвир му дадов од нашите календари и веднаш многу му се допаднаа нашите планини. Дарја наскоро рече дека некако веќе и здосадиле хрватските планини па радо би дошла на некоја трка кај нас - можеби ќе се обидеме заеднички нешто да организираме.


Дарја, јас (Трајче), Елвир, Ирис

Се ближи времето за почеток на трката. Како се ближи времето и Елвир објаснува некои детали, се повеќе сфаќаме дека трката ќе биде изразито ориентациска - она што нам ни е послаба страна. Правиме договор Зоки да тргне напред и да проба да ги "фати" првите - ваљда тие ја знаат патеката, а јас и Жико ќе се држиме некаде во средината и ќе ги следиме домашните натпреварувачи.


нашата мала екипа пред стартот

Точно во 9 часот - СТАРТ. За најмногу 13 часа - значи до 22:00 вечерта треба да се вратиме. Групата тргнува - веќе по 50 метра една група со Дарја се одвојува - фаќа друга патека во десно - најверојатно т.н. Хорватова стаза. Ние ја следиме главнината на групата. Наскоро завршува асфалтниот дел - продолжуваме по широката планинска патека - поголем дел од тоа може да се трча и добро се држиме. Во погорниот дел - каде е пострмно почнуваме да одиме, но тоа го прават и останатите. Со Жико внимаваме да држиме пристојно растојание со тие пред нас - за да не ни се изгубат зад некоја кривина. Ја минуваме месноста Јаничарска врата и поаѓаме - пострмно искачување - кон Медвеѓа врата.


по широката планинска патека

Од таму ја следиме групата пред нас, но гледам дека тие се упатуваат премногу надолу по една патека. Според картата и она од порано што го анализиравме - сфаќам дека не знаат баш што прават - ние со уште еден - двајца од Хрватите поаѓаме нагоре по шумата - во правец каде би требало да е КТ1 - Вилијска Пониква - огромна вртача со пречник околу 400 метри и со преку 150 метри длабочина, со нагиб од околу 40 степени.

Неискуството си го направи своето - наместо на исток - појдовме малку на запад. А теренот баш изгледаш како да е вртачата - стрмен. Со дечкото од Хрватска два-три пати си се прашавме - ти личи? - ми личи - и мене ми личи - ајде надолу. Се спуштаме околу 15-20 минути и наидуваме на макадамски пат. О-хо - овој пат не требаше да биде овде - сфативме дека ја утнавме работата. Веднаш потоа дечкото викна : "Ено медведа !!!" И навистина - мечката забрзано се оддалечуваше од нас низ дрвјата. Ние одевме малку по патот во правец на КТ2 - да добиеме малку во висина, па потоа - пак назад по стрмното брдо. Потоа по гребенот во правец на вртачата - огромна и стрмна. Тука се среќаваме со други натпреварувачи што излегуваа од неа. Долго и стрмно спуштање, со неколку склизнувања. Конечно стигнавме долу - на една голема елка беше перфораторот и ја "дупнавме" првата контролна точка. Следуваше напорно лазење нагоре кон излезот од вртачата, па пак спуштање до патот од каде претходно дојдовме. Се на се - огромна загуба во време и нерви.


спуштање по падината каде подолу ја видовме мечката

По загуба на време од околу еден и пол час, бргу стигнавме до Кт2, оттаму веднаш се упативнме кон Кт3. Дали поради нашето недоволно искуство со карти и компас, дали поради неколкуте грешки и непрецизноста на картите што ги добивме, пак имавме ситуации на грешење, двоумење… По околу еден час движење по широкиот макадамски пат - излеговме на асфалтот под Кт3, по асфалтот трчавме бочно (кон југ) околу 2 km, а потоа по шумско патче нагоре кон едно седло. Од седлото на кратко го видовме карпестиот врв - Треска кој е КТ3. Појдовме по едно тенко патче во тој правец. Но повторно ја утнавме работата – едно едвај приметно патче се одвојувало во лево, а ние го изминавме и се упативме кон Кт4. Пробавме да скратиме кон Кт3 – тешко оди, густа шума, вртачи – пак назад едно 20 мин, па кон врвот. А самиот врв карпест – за да се качиш треба помош со рацете. Тука на еден камен си ја раздрав ногата, за среќа површински, па подоцна на врвот ја превив со завој.


под карпестиот врв Треска - КТ3

До Кт3 стигнавме за 5 часа, остануваа 8 часа за останатите 7 точки. Тоа и не беше некој проблем, но проблемот што искрсна беше недосигот на вода. Имено, на целата планина нема извор со вода. Ние понесовме по 1,5 литри вода и сметавме дека ќе ни стигне за првите 25 км – до местото меѓу Кт6 и Кт7 каде организаторот оставил шишиња со вода – секој може да земе по 2 литра. Ние веќе на Кт3 останавме со по уште пола литар вода, а како ни појде грешењето, сфативме дека може дебело да заглавме понатаму и да останеме без вода. Затоа јас и Жико решивме да се откажеме. Полека се вративме кон Кт2 каде дознавме дека барем уште 20 други се имаат откажано, а дефинитивно сите “странци”, но и голем број од Хрватите на кои овој терен сепак им е многу подобро познат.


Пл.дом “Рисњак” и врвот Велики Рисњак

Со Жико (по сугестија на контролорот од КТ2) појдовме до планинарскиот дом Рисњак. Позади нас појдоа еден дечко од Србија и канаѓанецот кој веројатно работи во Белград, пошто знаеше српски. Одат по нас - ние одиме по патеката и наскоро - патеката се губи - изгледа поретко се пешачи овој дел и некако обраснала. Се обидуваме да најдеме пат, користејќи ги картата и компасот. Одиме кон северо-исток. Наскоро под нас гледаме една организирана група планинари (со ангажиран водич во планина и со куче). Тие ни кажаа дека таа патека е добра и за околу 30 минути би стигнале до пл.дом "Рисњак". И врвот Велики Рисњак и домот се прекрасни. Врвот - громада бел варовник. Домот - прекрасно место за престој неколку дена и секој ден да се прави по една тура по околните исто така прекрасни врвови меѓу кои би го истакнал Сњежник. Тука правиме пауза од 30 минути и попатно разговараме со љубезната домарка од домот.


прекрасниот Велики Рисњак

Потоа се вративме на целта (околу 7 вечерта) да ги чекаме победниците. Чекањето се оддолжи – почнавме да сфаќаме дека скоро сите (освен првиот што ја поминал патеката за 9 часа и 14 минути) имале едно или повеќе грешења. Лимитот на трката беше 13 часа, и поголемиот дел од оние што завршија пристигнаа во последниот час. Нестрпливо го чекавме Зоки, се надевавме дека ќе успее да заврши на време, да не му биде џабе целиот тој напор. Конечно, на 12 минути пред истекот на времето, веќе во ноќ – се појави и неговата “дупла” ламба за на глава. Среќни го пречекавме. Потоа тој ни раскажа како се обидувал да се приклучи кон некој од домашните, но и со нив имало грешења и лутања по планината, екстремно стрмни карпести терени и терени со клека по која тешко се минува. Се – на – се – една екстремна авантура.


Зоки ја завршува трката

Организаторот реши поради сето тоа да го пролонгира рокот на трката до полноќ, а од резултатите гледам дека последниот кој е признаен се вратил во 1 часот после полноќ. Од вкупно 56 на стартот, 26 ја завршиле трката, а 30 се откажале. Дома правев реконструкција на случајот – испадна дека јас и Жико сме поминале за 9 часа активно движење 35 км со 2085 м висинска разлика.

Доста размислував овие денови за сето тоа што се случи. Сепак ова беше за нас средба со сосем поинаков тип на трки, трка каде вештината во ориентирање е пресудна, а не силата и брзината – и самиот Зоки рече дека 60 % од патеката е таква да не можеш да трчаш. И ги гледав резултатите од минатите години, секогаш скоро пола не завршуваат. Значи, тоа е – дечкото организира стварно тешка трка и таа служи како репер за се останато во регионот. Ние решивме во наредниот период да се концетрираме на вежбање во ориентација со компас и мапа – овие години непрекидно дружење со GPS-от не ми беа многу од помош. А во меѓувреме да одиме на трки каде не се бара ориентација. Па здравје, следната година, да се обидеме пак.


RMT-2011 Logo

Не е време за плачење, туку за гледање напред – за три недели сме во Lavaredo, Италија – 90 км. Потоа ќе видиме како стојат работите со поените. А дотогаш – поздрав до сите поддржувачи на оваа мала екипа.


приближна патека на Ултра трката - сепак секој си бараше пат за себе


приближен профил на Ултра трката - околу 55 km со 3300 m висинска разлика - минимум


профил на патеката што го минавме јас и Жико - 35 km, 2085 m висинска разлика

 

Резултати од трката : http://www.adnatura.hr/vijesti.asp?nID=137

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/RisnjakMountainTrek2011#

Автор: Трајче Панковски



© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje