Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Проклетије : Маја Росит и Маја Језерце - 7-9 септември 2013

Проклетије (Bjeshket e Namuna на албански) - голем планински масив кој се протега во граничните предели помеѓу Црна Гора и Албанија. Масив кој со својата убавина ги плени сите вљубеници во вистинските планини - диви, сурови, предизвикувачи, но чисти, недопрени. Една од последните оази на недопрена природа во Европа. За овој масив, а особено за највисокиот врв на него - Маја Језерце - се спремаме подолго време, го збориме. Неколку пати бевме готови да појдеме, но поради неповолни временски услови го откажувавме патот. Затоа пак дојде конечно моментот ние и таа планина конечно да си ги подадеме рацете и да се запознаеме. Од Скопје поаѓаме 14 души со 4 возила. На тој начин имавме најголема флексибилност на движење. Екипата : Марин Стојановски, Тања Манчева, Татјана Герасимова, Александра Герасимова, Петар Герасимов, Александар Буцевски, Владимир Сикавица, Горан Николоски, Борче Гелевски, Јани Беака, Благој Миленков (Синклер), Сашо Бабуновски, Софија Костова-Панковска и Трајче Панковски.

Од Скопје појдовме во 18:30 во петокот - на 6-ти септември - веднаш после работа. Ранците веќе ни беа спремни. Поаѓаме преку Косово - со мали акробации поради новоизградените патишта таму, но сепак добро се снаоѓаме и вечерта (ноќта) околу 00:30 часот сме во Плав. Во полициската станица треба да земеме заверена дозвола за движење во пограничен појас. На крајот испадна целата работа ептен формалност, полицаецот ниту удри печат ниту ништо, само на копир си го пушти нашиот список. Но - сеедно, тоа си е нивна работа. Во темница стигнуваме конечно преку Гусиње во Вусање и таму паркираме на големиот паркинг на местото каде до пред една година функционирала полициска станица - а сега е напуштена. Легнуваме нешто пред 2 часот - некои во кола, некои во вреќа покрај кола, некои малку подалеку на тревичка. Во текот на ноќта малку застуде, за некој помалку, за некој повеќе, пропорционално со квалитетот на вреќата за спиење.

Прв ден - сабота

Стануваме со првата светлина - во 5:45 и почнуваме подготовки за поаѓање - миење заби, појадок, пакување на опремата. Со оглед на тоа дека горе ќе спиеме во шатори, има доста опрема. Се товараме, правиме групна фотка и поаѓаме околу 7 часот од Вусање.


групата на поаѓање од Вусање


Долина Ропојана - заградена од карпести горостаси

Одиме по широк макадамски пат кој води во длабочините на убавата Ропојанска долина. Го следиме патот. Наскоро минува еден џип на граничната полиција. Ги прашуваме за полнење вода и тие ни кажаа дека тука под нас е Савиње око - оттаму може да наполниме вода. Ги оставаме тешките ранци и се спуштаме на кратко разгледување на таа природна убавина - огромен темно син извор од кој потоа се формира рекичка. Малку е расипана сликата со отпадоци расфрлани по патот и делумно и кај изворот. По кратката пауза групата продолжува со патот. Околу 8:30 часот веќе сме искачени кај напуштената караула Застан. Сега таму живее една овчарска фамилија со околу стотина овци и нешто крави, кози и секако и по некое куче. Се поздравуваме со нив. Тие веќе се навикнати на чести посети на планинари. Не упатува домаќинот да го поставиме логорот нешто погоре - над водата, за да имаме помалку контакти со овците и кучињата, иако кучињата беа навистина мирни и пијателски расположени. Одиме горе - наоѓаме колку-толку рамен терен за шаторите - малку требиме камења и други работи останати од посета на животните и за кратко време го местиме логорот. Потоа малку одмор, доручек. Во меѓувреме - дури сега - околу 9 часот - почнуваат да пробиваат првите сончеви зраци преку високите врвови и планински седла.


колибата на Застан


И оп - логорот е веќе поставен

За 10 часот е договорено поаѓање кон првата цел - врвот Maja e Rosit или Росни врх (2525 m) - втор/трет врв по височина во Црна Гора - после Колатите (Добра и Зла). Приодот кон врвот почнува веднаш над нашиот логор и теренот изгледа толку стрмен што луѓето со право се прашуваа како ќе се искачиме до таму. Но сепак, патеката многу паметно се искачува по теренот, на места цик-цак за да се намали стрмнината, одлично обележано, измаркирано. Црногорците имаат чиста петка за маркација на патеките.


почетниот дел од приодот кон Маја Росит - треба да се искачи лево од оние карпи што се како магарешки самар - на седлото

Поаѓаме со посилно темпо па затоа и групата се развлекува. Но добро - си правиме тренинг. Горе на седлото се чекаме, одмараме. Уживаме во прекрасната глетка - поглед кон Каранфили и другите врвови над долината Ропојана. Долу десно се гледа Вусање. Се отвара погледот кон Маја Росит и долината што води кон него - убавини. Една група поаѓа кон врвот, останатите одмараат и ги чекаат да дојдат и последните па заедно на пат кон врвот. Сега се минува низ една-две вртачи пред да почне конечниот успон кон врвот кој е стрмен. Но напорот се исплатува бидеќи почнуваат да се отвараат нови погледи - особено кон Маја Језерце.


излез на седлото - поглед кон Роман (лево) и Маја Росит (десно)


долината Ропојана со комплексот Каранфили и други камени цвеќиња


поглед кон Маја Језерце (центар) и Маја Малисорес (десно)


последниот дел од успонот на Маја Росит

Времето идеално - сонце, речиси без ветар. Затоа тие што стигнаа порано на врвот имаа време да се одмараат, па си ги слекоа чевлите и чорапите да им дишат нозете, некои си извадија пивце. Во весело расположение ги дочекаа последните кои се искачија на врвот. Уште малку одмор за нив, фотографирање на околните врвови па околу 15 часот тргнавме полека надолу. За надолу ни требаше доста помалку време. Стигнавме во логорот и задолжително добар ручек и одмор - сите по малку замислени за утрешниот ден и за искачувањето на главната цел на оваа акција - Маја Језерце.


групна фотографија на Maja e Rosit (2525 m)


поглед кон долината Валбона во Албанија


Добра и Зла Колата (Maja Kolates)


враќање од врвот кон логорот

Нормално, не помина се во мртва озбилност - цело време некои шеги се случуваа. Вечерта се наредивме сите во "кујната" и со поглед свртен кон Каранфили - тоа демек е филмско платно и сега, како се смрачува, чекаме да ни го пуштат филмот во кино. Чекај, чекај - не ни го пуштија филмот па наскоро се смрачи потполно и ние отидовме да си легнеме.

Втор ден - недела

Будење во 6 часот. Подготовка на екипата. Синклер и Саше поаќаат окоу 6:30 - порано - дека имаат амбиципозен план и за утре - да се качат на Каранфили и Очњак - затоа побрзаа на Маја Језерце, за да имаат време да се вратат, да го соберат шаторот и да се префрлат во соседната долина Грбаја за следниот ден да имаат ран старт. Се како што треба. Ние останатите поаѓаме околу 7:15 од логорот. Времето повторно убаво, сончево, мирно.

Првиот дел од патеката се движи низ шумата над логорот - патеката е стрмна отприлика како Водно, можеби за нијанса пострмна. Се искачуваат некои 400 висински метри кога се излегува од шумата и почнува еден релативно порамен дел - се приоѓа кон долината на езерцата. Тука некаде и се минува граничната линија помеѓу Црна Гора и Албанија. Правец на движење генерално е - југ.


утринско сонце во долината на езерцата (Buni Jezerces)


го одминуваме последното (многу убаво) езеро

Долината на езерцата ја минуваме бргу, дека теренот е прилично рамен, со мали ондулации горе-долу. Кај последното езеро среќаваме група млади луѓе од Чешка кои таму спиеле во шатори. Не прашуваа дали знаеме како да се премине од Маја Језерце во долината Тет и дали можат да го сторат тоа со големи ранци. Има кажав дека знам дека има премин но веројатно не е маркиран и дека со големи ранци не им препорачувам. Подоцна се испостави дека сепак се решиле за варијантата што си ја намислиле. Ги сретнавме со големите ранци кога ние се спушавме од врвот. На левиот - источен дел од последното езеро има извор со вода - слаб но драгоцен за некоја ситуација кога си без вода.

Минавме две нивоа од играта, сега поаѓаме кон трето ниво - пак се искачуваме низ еден премин како порта и полека навлегуваме во долината која врти во полукруг во лево (од југ кон исток) - долината на снежникот - така го викаат но тоа е исто како глечер - вечен снег кој не се топи преку цела година. Проклетије како планина има најизразени траги на нагризување и ерозија - последица на глацијалниот период - во цела Јужна Европа - појако од ова само во Скандинавија.


на премин кон долината на снежникот


по снег на кратки ракави


излез на преминот - седлото под Маја Језерце

Движењето по снегот и камењата трае поприлично - не е тоа едно мало снежно јазиче. И тоа ние сме во септември кога снегот е највеќе повлечен. Постојано добивајќи во висина излегуваме на седлото на висина од околу 2300 m помеѓу Маја Језерце и Маја Кокервхаке. Тука правиме одмор - да јадеме нешто, да ставиме кациги на главата и да се спремиме за последните 400 напорни висински метри за искачување на Маја Језерце.


карпеста дивота - се додека се гледа е карпа позади нас


она што не очекува - карпата на Маја Језерце

Поаѓаме нагоре - полека - искачуваме карпест терен, на повеќе места е сипар кој пролизгува под нозете. Некаде по пат ги сретнуваме Благој (Синклер) и Сашо кои се спуштаат од врвот. Ни кажуваат дека освен нас засега нема други на планинава што е добро во смисла на безбедност од одрон на камења. На едно-две места уште минуваме снежни јазици. Се качуваме до едно плато каде има порамен дел со хоризонтално отсечени карпести блокови - јас го викав тоа место - плочите. По него се приближуваме до познатиот кулоар - местото кое го сметаат за најопасно при искачувањето на врвот - поради ронливиот карактер на карпата. Од едната страна во почениот дел има снежен јазик, додека погоре е само карпа. При искачувањето има помали пролизгувања дека има многу ситни камчиња под нозете. На моменти летнува и по некој голем камен. За среќа, групата се раздели на две-три помали групи кои одвоено го искачуваа врвот така да опасноста од повреди беше намалена. Но, мора да се признае, страв од опасноста можеше да се осети кај повеќе членови на групата. И така, внимателно, полека, се излезе од кулоарот. И останатиот дел од приодот кон врвот, сега од другата, западната страна не е без проблеми - и таму теренот е сипар, ронливо, секое движење треба убаво да се одмери и да се бара упориште за нозете и за рацете - кога ќе размисли човек - тоа се вика - лазење. При крајот доаѓа терен со поголеми камени блокови и тука може полесно да се напредува. И потоа - ете сме на врв.


во почетниот дел од искачувањето


ете го кулоарот со некои од нашата група во долниот дел


по кулоарот покрај снегот - сипар па карпа


низ кулоарот


на излез од кулоарот - сонцето повторно грее


движењето во завршниот дел од успонот на врвот


на Maja e Jezerces (2694 m)


поголемиот дел од екипата на врв


поглед кон долината Валбона

Од врвот поглед на сите страни. Особено ми беше драго шо конечно од оваа страна ги гледаме Титов Врв, Љуботен, Рудока, Враците, Кораб. Досега се воодушевувавме на белите карпи на Проклетие од наша страна.

На врвот малку одмор - интересна работа - досега се нема случено на нашава група толку озбилни фаци на врв - дел од екипата си мисли како ќе се спуштаме надолу, па се отворија муабети за животно осигуување. Тоа само зборува за сериозноста на врвот, односно опасноста од пролизгување. Дел од екипата тргна порано, а нашата група се договори да оди последна и спуштањето по ризичните места да ги правиме со алпинистичко динамичко јаже. Тоа се покажа како добра работа дека јажето ја даваше потребната сигурност и прилично поопуштено и доста брзо го изведовме спуштањето. Пуштивме едно 5 "цуга" - должини на јаже - додека ги минавме ронливите и стрмни делови.


спуштање со помош на јаже


враќање назад по снежникот

Во логорот се вратија луѓето од екипата од 18 до 20:30 часот. Нашата - последна група последниот час се спушташе низ шумата под светлина на челните лампи но се беше одлично, немавме никакви проблеми. Во логорот видовме дека освен Благој и Сашо дека уште некои членови заминале во долината на Грбаја. Ние вечеравме, малку разговор за изминатиот напорен ден, се сврте и малку ракиичка за да се прослави успехот - сепак сите 14 членови на тимот успешно се качија и спуштија, сите живи и здрави - уморни но весели.

Трет ден - понеделник

Се договоривме следното утро да не брзаме никаде - убаво да се отспиеме и натенане да се спакуваме. Веќе ни беше доста од освојување на врвови, а и прогнозата за денес беше дека ќе биде облачно со можност за врнежи. Уште од самото разденување почнаа да се собираат облаци кои наскоро го покрија целото небо.


убава игра на облаци над Застан - Проклетије

Околу 9:30 појдовме од Застан. По патот застанавме кај водопадот Грља кој на доаѓање не го посетивме за да имаме време за искачување на Маја Росит. Потоа кај колите и во колите преку Вусање и Гусиње до долината Грбаја, до која води речиси цело време асфалтен пат во должина од 8 km. На две-три места патот е оштетен, а околу 300-400 метри пред еко-катунот Грбаја завршува асфалтот. Во ова убаво средено место (цивилизација par excellence) има ресторан и бунгалови за спиење - по 8 евра од ноќ. За нас дифтари што живеат по шатори ова беше - што би рекла Светла - перверзија. Јадевма убава скара и уживавме во глетката на блиските врвови над нас - Очњак и Каранфили - Северни врх. За тоа време Благој и Саше биле таму. Почна да дува нешто посилен ветар а и почна да заросува. Малку се загриживме за нашите пријатели горе, но знаеме дека се силни и внимателни. Додека ручавме Саше се врати и ни кажа дека заедно со Благој го качиле Северни Врх, потоа пошле низ Шупља Врата кон Очњак и дошле под него. Саше решил да се врати надолу а Благој продолжил кон Очњак.


долината Грбаја


Еко-катун Грбаја и Очњак (лево) и Северни Врх - Каранфили (десно од него)

На крајот на краиштата - искачени два големи врва на Проклетије - Маја Росит и Маја Језерце, плус уште два екстра врва од Благој и Саше - Северни врх (Каранфили) и импозантниот Очњак. Експедиција 150% успешна. И душата мирна дека се оствари еден дамнешен сон. Мирна - барем некој ден - а потоа - ќе видиме.

Технички податоци :

Прв ден
   Вкупно 17 km, 1780 m D+
-- од Вусање до Застан - 7 km, 460 m D+
-- од Застан до Маја Росит и назад - 10 km, 1320 m D+, просечен успон 24 %, макс. успон 59 %

Втор ден
-- од Застан до Маја Језерце и назад - 15,3 km, 1560 m D+, просечен успон 18,5 %, макс. успон 76 %


прв ден : патеката од Вусање до Застан и потоа до Маја Росит


профил на патеката за првиот ден : Вусање - Застан - Маја Росит - Застан


втор ден : патеката од Застан до Маја Језерце


завршниот дел од успонот на Маја Језерце - снежникот и карпата


профил на патеката до Маја Језерце

 

Повеќе фотографии можете да видите на следните два линка :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/MajaERosit
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/MajaEJezerces

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Марин Стојановски, Петар Герасимов, Александар Буцевски, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje