Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Викенд на Проклетије (26-28 јули, 2013)

Акцијата „На Проклетије со ПСД МАКПЕТРОЛ“, не спаси од големите горештини во Македонија. Таму, во долината Грбаја, под високите врвови на Проклетије, на границата меѓу Црна Гора и Албанија, после заоѓањето на сонцето, ни требаа џемпери, чорапи и јакни.

Годинава, нашата акција ја споивме со поканата за традиционалниот марш „Хамдовом стазом“ организирана од ПСД Каранфили од Гусиње, Црна Гора, на која присуствуваа планинари и љубители на планините од Балкан и пошироко: Македонија, Србија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина, Словенија, Словачка, Русија, Америка.

А, каде е Проклетије? Масивот Проклетије се простира во три држави: Албанија, Црна Гора и Косово. Највисок врв на Проклетије, а воедно и на Динарските Алпи, е Езерски врв ( Maja Jezerce - 2.649 м.), кој се наоѓа на територијата на Албанија. Највисокиот врв во Црна Гора е Зла Колата (2.534 м.), а највисокиот врв на Косово е Ѓеравица (2.656 м.), обата врвови на Проклетије. Проклетије во Црна Гора главно го сочинуваат врвовите над долините Грбаја (Гребаје) и Ропојана, во близина на гратчињата Гусиње и Плав.

А, до Грбаја стигнавме преку Косово (Приштина и Пеќ), потоа низ градовите Рожаје, Беране, Андријевица, Плав и Гусиње. Лани се искачивме на врвовите Очњак и на Северен Врв (Каранфили) , а годинава на врвовите на спротивната страна од долината Грбаја и пак на Северен Врв.

Се сместивме во Еко катунот Гребаје, во удобни, 8-креветни, двоспратни, дрвени куќички, со струја и топла вода и поглед од креветите кон врвовите Очњак и Каранфили.

Во саботата, 27 јули, со нашите пријатели од ПК БАЛКАН од Белград и со уште околу 250 други планинари, тргнавме „Хамдовом стазом“, патека по која често одел „рахметли“ Хамдо, планинар и почитуван жител од околината, во чија чест е организиран маршот. Патеките низ Проклетије, генерално се одлично обележани со знаци и со патокази, а има и мапи и книги за црногорскиот дел на масивот.

Патеката прво водеше низ длабока шума која не штитеше од сонцето и потоа некаде на 1.600 м. излеговме на извор вода опкружен со високите врвови: Караула, Попадија, Талијанка, Маја е Цан и Волушница. Како да бевме во некој зелен, цветен и широк котел. Водичите на маршот постојано не предупредуваа дека нема многу време за уживање, бидејќи, прво, треба да искачиме неколку високи врвови, и второ, долу, во долината, не чека ручек. Прво се искачивме на врвот Попадија (2.056 м), кога еден по друг почнаа да се појавуваат острите врвови на Проклетије. Очите не можевме да ги одвоиме од врвовите. Нанижани еден зад друг, во неколу реда, кој повисок од другиот, кој поостар од соседниот. Вистинска алпска панорама.

Ние одевме по сртовите, од еден врв на друг; прво на Попадија (2.056 м.), па на Талијанка (2.057 м.), на Маја е Цан и на крај, на Волушница (1.879 м.), во полукруг околу долината Волушница. А, погледот постојано ни бегаше кон Очњак и Каранфили. Видовме дека дел од патеката кон Каранфили, низ кулоарот под врвот, води низ снег, и дека по неа се искачуваат планинари. А, планинари имаше и на Очњак. Тоа беа нашите пријатели, Дамир Лукшиќ, водич во ПК БАЛКАН од Белград и неговата група, од кои четворица, следната ноќ преспаа под врвот Очњак.

Надолу, кон долината Грбаја слегувавме со нашите пријатели од ПД Љубљана Матица, а ручекот и пивата ни дојдоа таман после скоро 9 часовното планинарење. Одлична организација на маршот од страна на ПСД Каранфили од Гусиње и семејството на „рахметли“ Хамдо.

 


Патеката по која одевме во саботата, 27 јули, 2013


Еко катун Гребаје


Обележани патеки


Кон изворот


Се наѕираат врвовите на Проклетије


Кон врвот Попадија (2.056 м.), врвот Караула на крај од сртот


Планинарски друштва, клубови, Shoqeria


ПСД МАКПЕТРОЛ


Врвовите Талијанка и Попадија гледани од Maja e Can


Каранфили, патеката кон врвот води по снегот (од лево)


Угоре високо, удолу длабоко - долината Грбаја од врвот Волушница (1.879 м.)


Како да се поклонува пред убавините на Проклетије. Или само е гладна.


Поглед кон долината Грбаја од врвот Очњак (2.185 м.)


На врвот Очњак


Ноќ под Очњак

Вториот ден од нашиот престој на Проклетије, недела, 28 јули, 2013 година, ни беше резервиран за искачување на Каранфили.

Тргнавме во 5 часот наутро и почнавме се искачувавме низ кулоарот меѓу врвовите Очњак и Каранфили. Обележаната патека „цик-цак“ водеше низ тесниот засек меѓу врвовите Очњак и Каранфили, прво низ шума, а потоа по голина. Патеката беше под сенка се до снежниот кулоар. Снегот изгледаше како некој со лопата да правел дупки во по површината што нам ни го олеснуваше искачувањето без дерези. Над снегот патеката продолжуваше по ситен камен, а потоа стрмно, по карпи. Преминавме низ „Портата“ која како да не предупредуваше: „Ако успеавте да се искачите до овде и го преминете прагот, тогаш, спремни сте за до врвот“. Ах, да е ова на Алпите, сигурно ќе имаше осигурување (сајли, клинови). Вака, мораме сами, без дополнително осигурување, внимателно да се искачуваме нагоре. Патеката дефинитивно не е погодна за неискусни планинари бидејќи води над длабоки амбиси и климави камења, по растресита земја, при што се потпиравме на карпите и се држевме за тревата. Како што велат тамошните жители: „Сине, ово су Проклетије, земља се бруни (се рони), и време се брзо мења“. До Северен врв (2.460 м.), од Еко катунот, се искачивме за четири и пол часа, иако долу, на патоказот пишуваше 5:30 часа.

А, од Северен врв се гледа сиот масив Проклетије. Низи високи врвови, во далечина и највисокиот врв на Проклетије, Маја Језерце во Албанија, ги видовме врвовите Попадија и Талијанка по чии сртови одевме во саботата, а го гледавме и врвот Очњак, остар и застрашувачки. Во 10 часот почнавме да се спуштаме надолу, чекор по чекор, по тесната, стрмна патека, внимателно, прво по карпестиот дел, па низ снегот, а потоа по патеката под врвот Очњак. Вода, никаде.

Во собите во Еко катунот Гребаје бевме околу 14:30 часот, таман да се истушираме, јадеме и ние да тргнеме кон Македонија, а нашите пријатели кон Србија и Босна.

 


Со ваков поглед се будевме: Очњак и Каранфили зад него


Voila, ова се Очњак и Каранфили


По камената патека


Низ снежниот кулоар


На врвот на снежниот кулоар


Пред „Портата“


Како птици на жица


Нагоре


На Северен врв (Каранфили) – 2.460 м.


Успешно спуштање


Награда после спуштањето – ладен извор во долината

 

Напишал: Горан Николоски , ПСД МАКПЕТРОЛ - Скопје
Слики: Горан Николоски, Ангелина Атанасова, Миланка Арсиќ, Татјана Опачиќ, Дражан Кусмук, Tomasz Pezold

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje