Кон крајот на јули, дознавме со Горан Вуќиќ, дека се подготвуваат акции за искачување на Проклетије или врвови во Словенија во втората половина на август. И двајцата бевме желни да учествуваме на овие акции. И двете дестинации изглeдаа доста примамливо, со оглед на тоа што не влегуваат во редот на оние досега посетените за нас. Првата можност се укажа со најавата од Горан Николоски, за одење на Маја Језерце за време на продолжениот викенд од 25-ти до 28-ми август, како што беше првичниот план.
Впрочем, веќе подолго време сакав да го посетам овој планински масив кој се протега на тромеѓето помеѓу Албанија, Косово и Црна Гора. Некогаш излегуваа непредвидени обрски во последен миг, некогаш предвидените акции се откажуваа, така да Проклетије остануваше за мене како една долго неостварена желба.
Поглед на сиот карпест масив Проклетије од Северниот Врв
Сепак, овој пат искрено се надевав дека планот нема да се изјалови, а и надежта се обистини бидејќи на 24-ти август во 17 часот, со комбе се упативме кон балканските Алпи, како што го нарекуваат масивот. Екипата, која што се собра за ова патување ја сочинуваа : Клементина, Радосав, Горан Николоски, Горан Вучиќ и јас. По повеќечасовно возење и неколку кратки попатни паузи стигнавме во Плав, откаде земавме клуч и инструкции како да дојдеме до планинарскиот дом „Бранко Котлајиќ” , кој е раководен од планинарското друштво „Раднички” од Белград. Во долната Грбаје присигнавме доцна во ноќта и почнавме да го бараме планинарскиот дом, во кој што требаше да преспиеме. Потрагата траеше околу еден час, но на крајот околу 1:30 часот по полноќ, среќни го најдовме нашето прибежиште. Свежината која ја почувствувавме, при самото излегување од возилото, пријатно дојде, во однос на жештината, со која се збогувавме со Скопје. Не чекаше мирен сон, до сабајлето, кога се очекуваше доаѓањето на групата од ПД „Балкан” од Белград. Тоа и се случи, Миланка не разбуди околу 7:00 часот и по половина час се упативме во акција за искачување на Северниот Врв. Морам да напоменам дека по будењето, многу пријатно бевме изненадени од живописноста на пределот и огромните каменити вертикали кои не опкружуваа во долината, а кои не можевме да ги видиме во ноќта кога дојдовме.
Пејсажот во долината Грбаја од непосредна близина на планинарскиот дом
Групата тргна од почетна надморска височина од 1160 метри и бавно одеше низ стрмнината, која изобилуваше со вегетација. По неколку кратки одмори , стигнавме на височина од околу 2000 метри, каде што започна карпест предел со различна форма и величини на каменитата подлога.
Нагоре по стрмиот терен
Тука се сретнавме со планинарот Павел од Бугарија, кој сам ги искачуваше врвовите. Тој веќе се беше искачил на трите врва и се симнуваше кон долината. Ни даде насоки од каде се стигнува до трите врвови, т.е. како се одвивало неговото симнување. Нашата група продолжи понатаму кон дупката во стената (Шупља Стена), за која тој ни кажа дека се симнува по сајла. Се разделивме со Горан Николоски, кој одлучи да го искачува Очњак, врв во чие подножје веќе се наоѓавме и којшто оддаваше изглед на огромен кучешки заб, поради што и го добил името. Останатите продолживме понатаму и стигнавме до дупката, но се обидовме да најдеме поинаков заобиколен пат, кон другиот дел од масивот.
Со Павел во подножјето на Очњак
Околу 12:30 часот, утврдивме дека тој е единствениот пат, по кој може да се продолжи кон посакуваниот врв. За ова време Горан веќе беше се искачил на Очњак довикуваше и мафтавме едни кон други. Неговото импресии се директно пренесени :
„Патеката кон врвот Очњак е од северната страна и на топол, сончев ден најголем дел од патеката патека е во сенка. Влезот во патеката кон врвот е обележан со два знака нацртани на вертикалната карпа. Оттука почнува многу стрмна патека од црна земја и ситни камења, до каменитиот дел од врвот, и на некои места при искачувањето неопходно е држење за тревата. Искачувањето по стрмната „цик-цак“ патека трае шеесетина минути. Патеката низ засекот во карпата која води до врвот делумно е обезбедена со метални сајли и клинови кои помагаат при искачувањето. Но, и одмагаат. Сајлите се од испреплетени жици, стари се и некои и жиците се искинати, а клиновите се искривени и на некои места откачени. Првата сајла не изгледа ветувачки. Разнишана, откачена од еден клин, но барем се гледа дека на крајот е прицврстена. Втората сајла изгледа пострашно: откачена на едно место, и неколку жици од сајлата се искинати, а завршниот крај на сајлата е скриен зад карпата и не се гледа дали е зацврстен. И другите две сајли и клинови не се ништо подобри, но држат нормална човечка тежина (80-тина килограми) и помагаат при искачувањето и слегувањето. На две места низ карпите искачувањето е предизвик, поради стеснетиот простор, ронливите карпи и откачената сајла која поминува низ средината од патеката.
„Е, ова да е во Словенија или Австрија, се ќе беше средено, зацврстено и полно со планинари“, си велев во себе.
Во последните десетина висински метри од врвот Очњак, веќе нема сајли и клинови и треба да се премине преку тесен срт по кршлива карпа.
Од врвот има прекрасен поглед на целата долина и на останатите врвови од масивот. Во првиот ред се врвовите Северен врв, Висок врв и Јужен врв, или Каранфили, сите високи над 2.400 м. Зошто ги викаат Каранфили, не разбравме, но се вистински планинарски предизвик. А, во третиот ред, кон југ, се гледа највисокиот врв на Проклетије, Маја Језерце кој е во Албанија . ”
Стрмниот терен кон Очњак, премин трева-карпа
Горан Н.по лабавите сајли кон врвот Очњак
Симнувањето е потешкиот дел
Групата од Белград и Раде, в o интерес на времето одлучија да се симнат кон долината, додека Климентина, Горан Вучиќ и јас одлучивме да продолжиме низ процепот на карпата кон нашата највисока дестинација, Северниот Врв. Симнувањето се одвиваше околу десетина метри по вертикала на сајла, а потоа стотина метри по ронлив сипар. Имаше неколку случаи на одрони на камења од нас, но ништо посериозно.
Климентина се спушта по сајлата низ дупката во стената
На средината при преминот на Шупља Стена
Симнувањето се одвиваше до најниска точка од околу 1700 метри, од која веќе го гледавме огормниот вертикален ѕид од преку 800 метри . Глетката оставаше силен впечаток на нас, со грандиозноста на огромниот камен ѕид. Се прашувавме дали е искачена од оваа страна.
Под Шупља Стена
Поглед на вертикалниот ѕид на Северниот Врв
Потоа продолживме со искачувањеро кон преминот Крошњина Врата на 2165 метри. По патот нагоре по сипарот во должина од 200 метри, се сретнавме со двајца Французи, кои не предупредија дека виделе две две црни змии додека се симнувале од врвот.
Поглед од Крошњина Врата кон сраната на Грбаја од каде се искачувавме
Недостигот од вода почна да не притиска. Тргнавме нагоре од другата страна кон врвот. Имаше делови кои изгледаа опасно и се движевме на сите четири екстремитети. Околу 15 : 30 часот се искачивме на врвот на кој пишуваше Каранфили – 2460м. Откраднавме дел од убавините со фотоапарат и почнавме да се симнуваме надолу.
Поглед од Северниот Врв
Различна перспектива на погледот од врвот
Решивме да одиме по друга патека, т.е. не низ Шупља Врата, туку директно кон долината. На неколку места видовме маркации, кои беа стари и водеа кон непрооден предел сега. Проблеми кои ги имавме беа немањето пивка вода и се поизвесното скорешно сноќување. Сепак, низ карпест и стрмен процеп се симнавме кон пордобро маркирана патека. До 19 : 30 часот бевме во долината и отидовме во блиската етно куќа, да конзумираме течности, пред се, но и храна, како вкусните ќебапи на кајмак. Следеше заслужен одмор во планинарскиот дом.
Катунот во кој се одморивме, со врвот Волушница во позадина
Следниот ден една помала група од планинарите од Белград, предводена од Миланка, заедно со Радосав се упати во искачување на Северниот Врв, додека остатокот од скопската екипа се упати кон другата страна односно во долината Ропојана.
Остатоци од водопадот во Ропојана
Прво ги посетивме Алипашините извори, во непосредна близина на Гусиње, а потоа се упативме кон доста извиканите водопад и Савино око. Задоволни од вчерашните испешни качувања на Очњак и Северен Врв, се редеа најразлични теми на разговори, од споделување на сечиј почеток за страстта кон престој во природа и качувања, преку исчитани литерати (од Тургењев и Јаневски до Кракауер) до слободна хаиуку поезија и чист израз на емоции.
На Алипашините извори
На малото езерце Сино Око
Сепак, она што го забележивме сите беше огромното количество најразличен отпад, расфрлен низ долината. Немам чуено за движење на анти-екологисти, но ова изгледаше како организирано што попространо расфрлување на ѓубрето, дури и околу самите природни убавини.
По враќањето во Грбаја, се најдовме со Раде, кој заедно со групата ја заокружи успешноста на оваа акција за првична посета на балканските Алпи. Секако, не и последна, да се надеваме. Испратени со неколку попатни пожари се упативме назад кон жешкиот ни град Скопје.
Една од последните глетки со која се збогувавме од Проклетије
За оние кои се заинтересирани за цените и можностите за сместување, во долината во тек е „градежен бум“ и се градат многу куќи, најчесто дрвени, во сообразност со традицијата. Има два планинарски дома: „Каранфил“ од планинарско друштво од Гусиње, и „Бранко Котлајиќ“ на ПД „Раднички“ од Белград ( e-mail: info@pd-radnicki.rs ). Првиот беше затворен и ограден со бодликава жица, а сместувањето во другиот чини 3,5 евра по човек / дневно, но, клучот за влез во домот мора да го земете во гратчето Плав, од соработник на планинарското друштво. Еднакво сложено е сместувањето во Еко куќите - катуни („Еко катун Грбаје“), двоспратни дрвени куќи, со тераса и тоалет/бања, за 8 евра по човек / дневно. Проблем е контактирањето со сопственикот на еко куќите, затоа што во тој дел од долината нема мобилна мрежа. Наједноставно е спиењето во шатори, на некоја од пространите ливади.
Автор: Александар Камиловски
Слики: Горан Вуќиќ, Климентина Тунтева, Павел Беличовски од Бугарија