Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Прилеп : KMUT испитување на патеката и натпревар во ориентација - 7 и 8 јули 2012

Дојде конечно топлото лето - време кога поголемиот дел од луѓето фаќа дебели ладовини или си оди некаде покрај море или езеро и се разладува. Но нашите планови за овој викенд повторно беа насочени кон планините. Прва задача ни беше да ја минеме втората половина од трасата на трката која ние ја подготвуваме - "По стапките на Крали Марко" за да бидеме сигурни дека проодноста на патеката е во ред. За вториот ден планираме учество на меморијалниот натпревар во ориентација "Пеце Атанасовски" во организација на ориентацискиот клуб "Златоврв" од Прилеп.

Многу ми е драго што планинското трчање на поголеми дистанци добива се повеќе интересенти кај нас - така и за оваа акција ни се придружија неколку нови членови - луѓе кои досега трчаа главно во градски амбиент. Од Скопје поаѓаме јас, Перо, Ѓоре, Јовица Јованчев, Јовица - Тајфун, Светле, Данчо, Кире - Делта, Јоцо Атанасовски и брат му Дарко, Марија Богдановска. Во Штип го собираме Жико од Штип, а во селото Плетвар не чека Божидар од Прилеп - 13 души - убава бројка за trail running.


подготовки за старт од село Плетвар

Времето уште од сабајле покажуваше знаци дека ќе биде топличко. Поаѓаме со лесно трчање по блага удолница од селото Плетвар кон селото Ореовец. Ова ни е trasition дел - да дојдеме до точката од каде почнува трасата на патеката за натпреварот. Од село Ореовец почнува подолг но благ успон во правец на север - по западната страна на брдото Ќаве. По 3 километри успон излегуваме на поширок пат кој убаво се спушта во правец на манастирот св. Ѓорги - Присад. Тука може брзо да се трча. Кај манастирот правиме пауза за појадок - во сенката на дрвјата во манастирот. Си ги обновуваме резервите со вода. Во манастирот може да се спие, мислам дека рекоа за 50 денари. Многу е убава природата а се наоѓа на речиси 1000 m надморска височина.


кон село Ореовец


поглед кон Прилеп, Прилепското Мраморно езеро, лево Селечка планина


теренот во окер - портокалови бои - типично за овој крај од лето па натаму


влегуваме во манастирот св. Ѓоргија - Присад

По кратката пауза продолжуваме уште малку по широкиот пат до превојот Дервен, каде се наоѓаат остатоци од запалениот и полуразрушен планинарски дом "Дервен". Штета што наместо да градиме нови објекти, ние и за постојните не се грижиме, односно оние кои се надлежни за тоа. А сакаме да развиваме планински туризам...

Од седлото го започнуваме стрмното искачување кон врвот Ќавено - околу 400 висински метри погоре - до висина од 1445 m. За овој дел од патеката најмногу се мислев колку е прооден, дека се гледа дека има карпи, но оддалеку се чинеше дека тие не би биле некаков проблем за минување. Кога се приближивме до карпите, се покажа дека од нас се бара да покажеме барем основни качувачки способности - стрмни делови и за качување а понегогаш и за мали спуштања, така да претходно качувачко искуство добро доаѓа. Во групата имавме неколку луѓе за кои ова беше сосема ново искуство и - верувам - своевиден шок, иако не го покажаа толку отворено. Знаејќи го тоа, се движевме полека и им помагавме на оние на кои им беше потребна помош, но враќање нема - т.е враќањето би предизвикало поголеми проблеми од качувањето. По околу еден час бевме горе на врвот - се сместивме во сенките на една карпа и малку здивнавме по оваа возбудлива етапа. Дефинитивно оваа делница отпаѓа од трката поради својата тежина и можноста некој да се повреди. Штета, дека понатаму гребенот на Мукос е навистина прекрасен. Но тоа е, безбедноста е пред се. Една илустрација како му се чинеше теренот на Кире - рече дека е сигурен дека ни Крали Марко го нема поминато овој дел од планината.


сртот на Ќавено што треба да се искачи


еден од стрмните детали


убави карпи но сепак премногу сложено за една планинска трка

По петнаесетина минути одмор продолжуваме со малку трчање по широкиот и главно тревнат гребан на планината Мукос која во благ лак врти од север кон запад. Имаме уште едно - две помали искачувања, а поголемиот дел од теренот е рамен или е благо спуштање. На места тревата е повисока па не може бргу да се трча - треба да се внимава да не се изврти некој зглоб, како што на Данчо му се случи еднаш или два пати. Потоа од месноста Арамиска пештера почнуваме да се спуштаме надолу кон манастирот св. Јован кој се гледаше малку југо-источно од местото каде што ние бевме. Тука некако колоната се растури, секој си појде по некој свој пат кој делумно минуваше и низ шума, но по кратко време сите се најдовме во дворот на манастирот. Веќе беше околу 12:30 часот и стануваше прилично топло, да не речам жешко. И резервите на вода ни беа завршени, така да манастирот ни беше вистински спас.


по гребенот на Мукос


гребенот на Мукос - понатаму е селото Дреновци


манастирот св. Јован над село Небрегово


прекрасен пречек во ман. Св.Јован

Не чекаше многу пријатно изненадување - дента беше празник на манастирот - Рождество на св. Јован Крстител - така да домаќините не угостија со посно гравче, салата, домашно лепче во урна, газоза,... вистинска гозба за нашите веќе делумно истрошени организми.после изминати 22 километри.

Околу 13:15 поаѓаме понатаму - имаме уште доста пат за минување, а времето станува се потопло. Со лесно трчање се спуштаме до селото Небрегово.- родното село на Блаже Конески. Тука еден дел од екипата ни соопштува дека им е доволно, како за прв пат. Сонцето дополнително го наплаќа данокот на замор. Кире, Марија и Божидар остануваат да го причекаат комбето кое треба да ги однесе до Прилеп. Ние продолжуваме понатаму. Наскоро се одвојуваме од главниот пат и пак одиме по брденцата - во правец на селата Дупјачани и Горно Село. Во еден момент го забележуваме комбето со нашите пријатели. Тие си имале мала авантура со комбето - патувале час и половина до Прилеп, Кире вели дека комбето немало амортизери, а попат човекот си застанал дома за да руча.

Времето преминува во пустинска горештина и некако стигнуваме до Горно Село каде прашуваме некој од малкумината жители каде се наоѓа селската чешма. Кај неа пиеме вода, се миеме - потоа - сите ги соблекуваме патиките и чорапите и десетина минути си ги ладиме уморните нозе во ладната вода. За жал, ова уживање мора да заврши, имаме уште пат за одење до Прилеп.


на пат кон Горно Село


разладување на селската чешма во Горно Село

Од Горно Село по изохипса по убаво планинско патче кое потоа се приклучува на поширок макадамски пат - стигнуваме до крстосницата од каде поаѓа патот кон манастирот Трескавец. Тој дел од патот го знаеме, а брзаме и поради топлото време кое полека ги совледува учесниците, а и поради тоа што Јовица повторно вечерва мора да биде на некоја свадба. И така - минувајќи ги последните километри по Прилепското поле - стигнуваме во Прилеп околу 17 часот. Нашите пријатели веќе се во еден кафиќ и им се придружуваме на заслужено пиво и останати окрепувачки пијалоци.


на пат кон Прилеп


на пиво и муабет

Во кафиќот имавме интересна средба со еден дечко - маратонец од Прилеп со кој се договаравме да развиеме соработка воопшто - и за трчањето а особено за трката Krali Marko. По околу еден час поголемиот дел од нашите пријатели заминуваат за Скопје, а ние 5 души остануваме во Прилеп - почнува вториот дел од нашата акција - натпреварот по ориентација.

Веќе во кафиќот се слушнавме по телефон со организаторите на трката и кај нас дојде со велосипед Марко. Се поздравуваме со него - пријатно момче - ние сме практично врсници со неговите родители. Не носи прво до отворениот базен каде набрзина се тушираме со ладна вода за де се ослободиме од наслагите сол и прашина на нас. Потоа светот изгледа многу поубаво. За спиење се сместуваме во дворот на блиското основно училиште - поставуваме два шатори. Доаѓа и главната организаторка на настанот - Мери Чкрипеска со која досега се познаваме само "виртуелно". Сите луѓе се многу пријатни и спремни за спрортска соработка - навистина многу позитивна енергија.

Одиме на вечера во градот и потоа околу 22:30 си легнуваме во шаторите - веќе прилично изморени од активниот ден.

 

Следниот ден веќе пред 7 часот сме станати - топлото сонце не дозволува повеќе да се спие. Стануваме, се миеме, го собираме логорот и поаѓаме до центарот на градот на бурек и јогурт, а потоа на кафе. Околу 10 часот сме веќе со колата кај езерото - на местото каде ќе се одвива денешниот натпревар.


Прилепското (вештачко) езеро

Многу луѓе, особено деца и млади. Најмногу од Прилеп, од клубот "Златоврв" и од Струмица - клубот "Еделвајс". Нас прекрасно не пречекуваат - добиваме стартни бројчиња и чипови за идентификација. Ни оздржуваат и кратко две-три минутно предавање за картите, ознаките и осеверување - такви работи кои нас во принцип ни се познати но убаво е да се слушнат од некој кој тоа со години го практикува. Одмараме во сенките, разговараме со некои од натпреварувачите кои наминуваат до кај нас, поттикнати од флаерите што ги оставивме за трките KMUT и KMT - очигледно растојанието од 60 km ја поттикна нивната љубопитност. Гледам по некои од нив додека се загреваат и забележувам дека има неколку потенцијални зрели планински тркачи. Чекаме да дојде 11 часот па да почне натпреварот. Има повеќе категории - по старост, по пол и една Open Race. Јас кога се пријавувавме ја пријавив групата за Open Race, дека за по категории на старост можевме да бидеме многу осамени, а и нашето досегашно никакво искуство некако ме водеше кон таа Open Race.


терените каде се стартот и финишот на трките

На трката стартувавме јас, Светлана и Жико. Данчо и Перо решија да одмараат денес. Од 11 часот почна стартување на натпреварувачите, на секоја минута по еден пар - машко и женско. И така појдовме и ние. На прстот чип кој се става во станиците на секој контролна точка како доказ дека си ја поминал. На стартот земаме мапа со нацртаната задача - одреден број точки (13 за нашата група) кои треба да се поминат по наведениот редослед. Ја најдов првата - веднаш после асфалтниот пат. Потоа на асфалтот ја забележав Светле, па продолживме заедно. Лесно ги најдовме точките 2, 3 и 4. Точката 5 ја баравме околу 30 минути во шумата но на крај ја најдовме. 6-ката беше лесна. За седмата точка отидовме можеби километар подалеку и доста повисоко - не сме навикнати да функционираме на мали растојанија. Ајде враќај се назад. Битно дека чувството за ориентација добро не служеше - ја најдовме точката 7 каде добивме и чаша со вода. Точката 8 лесно ја најдовме, но на број 9 заглавивме исто повеќе од половина час. На крајот Мери ни помогна - видовме дека сме биле некои 50 висински метри повисоко од вистинската локација. Оттука до крајот се одеше лесно и бргу - така да за околу 2 часа и 20 минути ја поминавме патеката. Многу пријатно искуство беше оваа трка - а дополнителна убавина дека повремено среќававме од помладите дечиња - целото брдо беше оживеано од млади спортисти.


многу ориентациски подмладок


главната маса на контролорите на натпреварот


Светле на контролна точка бр. 4

Одморивме малку па се поздравивме со срдечните домаќини и си ветивме дека повеќе ќе соработуваме во идниот период. Потоа, на пат за Велес, каде имавме средба со нашите драги пријатели Оле и Зоран Димови - пак средба на тема трчање, атлетика, ултрамаратони... Комплетен спортски викенд - навистина успешен и плоден.

 

Технички податоци :

Должина на патеката : 43 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1200 m
Макс.процент.успон : 41 %, просек 7,1 %


изминатата патека - KMUT - втора половина


Висински профил на изминатата патека - KMUT - втора половина


патеката која ја изминавме при натпреварот по ориентација


профил на патеката по ориентација

 

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/PrilepKMUTExaminationOrienteeringCompetition#

Автор: Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje