Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Јакупица: Прерок - 30 јануари 2011

Новиот снег што падна изминатите денови и тоа во поприлични количини по нашите планини беше причина која ме наведе да размислувам за некоја тура на помала надморска височина - за да не наидеме на премногу снег. По кратко размислување погледот се насочи кон источниот дел од Јакупица - на граница со Голешница. Веќе порано го разгледував овој терен кој ми изгледаше доста интересен а никогаш не сме се упатиле натаму. Потребата од средба со господинот ултрамаратонец Зоран Димов од Велес беше факторот кој одлучи да одиме во овој регион. Селото Лисиче со браната и вештачкото езеро веднаш до него се чинеше убава појдовна точка за новата авантура. Претпоставував дека поради снегот нема да можеме премногу да изминеме, но доволно ќе биде - како за прв пат, да се искачиме на еден врв и да се запознаеме со околината - и да фрлиме поглед накај Солунска Глава од еден нов агол.

Временската прогноза ветуваше добро време, па се собравме убава група од седум планинари - од Штип (АК "Астрајон"): Боби, Жикица и Горан, од Скопје (ПД "Макпетрол"): Перо, Марин, Александар и јас - Трајче.

Недела, 5:30 веќе излегуваме од Скопје на пат кон Велес. Во 6:15 се наоѓаме во центарот на Велес со пријателите од Штип. Се поздравуваме и со две возила се упатуваме по патот кој води кон Богомила. По отприлика 11 km од Велес треба да се сврти десно за да се упатиме кон селото и општината Чашка. За жал, на патот нема патоказ, мора да внимавате да не ја одминете крстосницата.

Одиме по тесното асфалтно патче и уживаме во глетката по околните ридови. Отсекогаш сум ги сакал голите брда околу Велес, а сега беа уште поубави дека беа покриени со снежна покривка.

Влезот во Чашка е посебна атракција. Се минува низ тенко тунелче - тоа е всушност подвозник под пругата што оди за Богомила, Прилеп, Битола. Тесно тунелче каде не може да се разминат две возила, а над него прекрасна порака "Добредојдовте".


влезот во Чашка

Продолжуваме уште десетина километри и стигнуваме во селото Лисиче. Малку над селото се наоѓа влезот за браната и околу има неколку викендички. Ги оставаме колите кај капијата на браната. Има затворена капија - има и чуварска куќичка - викаме неколку пати, ама чуварот најверојатно има попаметна работа отколку да излегува надвор во 7 часот наутро во недела. Се подготвуваме, ги спремаме ранците и во 7:25 поаѓаме...

Одиме околу 500-600 метри по асфалтниот пат. Наскоро има крстосница - лево е за Горно Врановци, а десно за Дреново, Долно и Горно Јаболчиште. Тука некаде поаѓаме нагоре, обидувајќи се да го фатиме сртот на ридот. Времето е магливо, свежичко, ама ние движејќи се нагоре бргу се загреваме, така да по десетина минути застануваме да симнеме еден слој од облеката.

Теренот е ретка шума, но има доста камени блокови во најразновидни - често пати многу интересни форми. Го бараме патот помеѓу големите камени блокови и воглавно добро се снаоѓаме - брзо напредуваме нагоре.


во почетниот дел на искачувањето - не премногу густа магла


помеѓу камените блокови

Прво се излегува на едно брденце Вршник со висина од околу 700 m и од кое - ако е видливоста добра - се отвара прекрасна гледтка на езерото и теренот околу него. Потоа следува мало спуштање од некои 20-30 висински метри, за потоа пак да почне искачување - но сега одиме по левиот - западниот дел од ридот. Наскоро наидуваме на една нова убава ливатка од каде - бидејќи малку почна да се раскрева маглата - почнаа да се покажуваат убавите поголеми врвови на запад - Иванов Врв и Кале - во правец на селото Горно Врановци - кое исто така сега можевме да го забележиме како ѕирка над маглата.


Жика и Боби излегуваат над маглата


поглед кон врвот Кале (2112 m)

На висина од околу 850 метри излегуваме над маглата и сега не грее сонце - снегот блешти, пријатно е топло и сега искачувањето е вистинско уживање. Наскоро стигнуваме до месноста Кутлишта - интересни камени блокови во најразлични форми, а над нив доминира една превисна плоча во форма на глава на орел. На платото правиме мал одмор за да се касне нешто благо и да се напиеме течности.


колоната излегува на Кутлишта - доминира карпата - "Орлова глава"


еден од повеќето интересни камени блокови по патот

Од оваа позиција се отвори погледот кон соседниот - источниот гребен на Прерок - терен кој го гледав на GoogleEarth и знаев дека е карпест, но не можев убаво да проценам колку е карпест. Сега се покажа дека има многу, многу карпи и тоа многу разигран терен. Идејата за враќање од таму веднаш ја отпишав, со желба да го пробаме тој гребен да го искачиме во летни услови.


другиот гребен од Прерок - значително покарпест - предизвик за летна акција

Патот нагоре има се повеќе снег, но сепак не онолку колку што очекував - се пропаѓа обично 15-ина cm, само на неколку места ногата навлегува до колена. На висина од околу 1100m излегуваме пак на еден порамен дел каде наидуваме на убаво поило од кое уште по малку лизгаше тенок млаз вода, додека остатокот беше замрзнат и покриен со снег. Останаа уште последните 500 висински метри искачување кон врвот - постојан успон по чист терен, пред самиот врв од десната - источна страна почнаа да ѕиркаат некои дрвца. Стигнуваме до врвот кој е карпест - неколку големи камени блокови кои беа покриени со снег па внимававме да не упаднеме во некој процеп меѓу карпите.

Во 11:50 сме на врвот Прерок. Ако до пред врвот сонцето де го имаше, па го немаше, со искачувањето на врвот "пукна" сонцето до максимум. Одлучуваме тука да завршиме со денешното искачување. Имав испланирано, ако имаме време да појдеме преку Жабји преслап до соседниот врв - Бел Камен, но до таму ќе ни требаа речиси два часа. Затоа решивме да си останеме на Прерок, убаво да се одмориме и да уживаме во убавото сонце и во убавата глетка на околните врвови и долини.


последните метри пред врвот Прерок


Иванов врв (1909 m)


На Прерок (Жика, Боби, Горан и позади - Александар Буцевски) - уште поназад лево - Иванов врв, десно - Кале

Седевме, јадевме, пиевме, се сликавме, чекавме да се отвори чист поглед кон Солунска Глава (ама самиот врв не се отвори). Правевме шеги со името на врвот - велевме граматички врв - Прирок, подмет и додатоци. Потоа решивме за враќање да ги ставиме крпљите - снегохотките - едно што последниот дел пред врвот беше со подлабок снег, а второ - да правиме тренинг на движење со нив, за кога навистина ќе ни требаат да бидеме веќе навикнати на тоа.


поглед кон Солунска Глава


екипата : Горан, Боби, Александар, Марин, Жика, Трајче - зад фотоапаратот - Перо

Во 13 часот поаѓаме надолу. Спуштањето со снегохотки е вистинско уживање - се оди лесно и брзо, особено по неизгазен снег. Ние тројца одиме напред и како ратрак правиме патека за останатите. Целата колона многу бргу се спушта надолу.


тест на снегохотките и "снего-одачите"

Без никакви проблеми се спуштаме до местото Кутлишта. Таму застануваме да ги извадиме снегохотките, бидејќи има помалку снег а има и карпест дел, па за да не ги оштетиме снегоодалките - ги ставаме (заврзуваме) за ранците. За тоа време остатокот од групата веќе заминал напред, но еден внимателен планинар се потрудил да ни постави зимска (машка) маркација во снегот (жолто на бело) - стрелка во која насока треба да се движиме. Наскоро ги стигнуваме и продолжуваме заедно надолу.

На висина од околу 700 метри, кај Вршник застануваме да го гледаме езерото и браната. Тогаш доаѓаат и двајца ловџии со неколку кучиња чии траги цел ден ги среќававме на теренот во правец на врвот. Тоа се ловџии од село Горно Врановци.


поглед кон езерото и браната Лисиче

Во долниот дел од патеката веќе снегот почнал да се топи под сончевите зраци, па внимаваме дека на некои места е лизгаво, некаде веќе почнува да се појавува кал. Но, се снаоѓаме некако и веќе во 15:35 сме кај автомобилите. Се пресоблекуваме, каснуваме уште по некој сендвич и се пакуваме.


Штипската екипа пред своето возило

Околу 16 часот поаѓаме во правец на Велес. На излезот од Чашка, пак низ малото тунелче, кое на излез е во жолта боја. Во Велес застануваме за да се сретнеме со нашиот пријател атлетичар Зоран Димов. На шала - на смеа, ќе јадеме велешки пастрмајлии или нема да јадеме - сепак работата се заврши со по некоја пастрмајлија и со прекрасен разговор со нашите пријатели Зоран и неговата сопруга и исто така атлетичарка - маратонка Верче. Направивме начелни договори за претстојниот период - за трки во оваа календарска година - со крајна цел - да собереме поени да се кандидираме за огромната трка околу Mont Blanc во 2012 година.

Така, во убава атмосфера, убаво загреани (некои и по малку/повеќе зацрвенети од јакото сонце), во убаво друштво на драги пријатели, задоволни од убавата и не премногу исцрпувачка акција, но сепак доволно добра за да не одржи во форма, се разделивме и си појдовме за Скопје.

 

Технички податоци :

Должина на патеката : 15 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1300 m - Макс.процент.успон : 35% - Просечен.проц.успон : 18%
Најниска точка : 420 m
Највисока точка: 1718 m
Потрошена енергија: 3900 CCal


3D GPS-регистрирана патека


профил на патеката

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
http://picasaweb.google.com/117320863135421357287/JakupicaPrerok30Jan2011#

GPS записот можете да го симнете од :
http://www.stazeibogaze.info/2011/01/31/golesnica-s-lisice-prerok/
Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Марин Стојановски

© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje