Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Корабски масив : Плоча, Бабин Камен, Шупла Стена - 27 ноември 2011

Еднодневна акција на членовите на ПСД Макпетрол збогатена со членови на други планинарски друштва и симпатизери. Најверојатно добрата временска прогноза и убавиот а ретко посетуван терен на масивот на Кораб придонесе тој ден на планината да има повеќе од триесетина планинари - поделени во повеќе групи за да навистина изгледа како што прокоментира Тихо : "просто нема кај немаше луѓе, како да ја окупиравме планината". Во продолжение следуваат кратки видувања на некои од учесниците во различните групи.


излегување од мини-бусот во с.Жировница

(Трајче - Жировница - Бабин Камен)
Целата акција во старт беше предвидена да оди до Бабин Камен. Но желбата на дел од луѓето да се оди на други врвови на овој терен надвладеа, па на оваа патека појдовме група од 11 планинари и едно куче. Во долниот дел - во шумата беше свежичко, но кога излеговме над горното бачило сонцето огреа и уживавме во убавините на прекрасната природа. Свртевме кон десно во правец на Трите Синори. На издвоената карпа некои пробаа да се искачат. Поради краткиот ден решивме една поголема група да побрза напред и да се обиде да го искачи врвот, бидејќи имавме неколку луѓе кои побавно се движеа. За жал, кога дојде 12:10 сфативме дека нема да имаме доволно време да го качиме врвот - стигнавме некаде во близината на неговото подножје. Малку разочарани седнавме да јадеме и да одмориме, а потоа појдовме назад. Се случи многу интересен феномен. Дотогаш релативно бавната група назад се движеше прилично брзо. Тоа се некои мистерии кои се случуваат кога си на планина... никогаш не се знае... Но секако убавото време на сите ни ги извади насмевките на лицата и тие си останаа насмеани целиот ден.


долгата колона на планинари на ливадите над с. Жировнивца


качување по карпата кај Трите Синори


поглед кон брдото Rasa e Lisenјit


поглед кон Бабин Камен (десно) и другите врвови на Корабскиот масив


мал одмор на враќање

(Марин - група Жировница - Плоча)
...изгледа прекрасниот ден, сонцето, температурата, конфигурацијата на теренот, чистиот воздух кој многу ни недостасуваше на сите (знаеме сите како се дишеше во Скопје), направија групата која тргна кон врвот Плоча да биде поголемата, како да секој од нас сакаше да провери што има ново на запад, да се направи нешто за прв пат, да се искачи нов врв, да се издува, да се видат нови хоризонти, едноставно да се ужива во се она што беше околу нас.

Така и се случи, навистина имаше што да се види, вредеше, се исплатеше во целост раното утринско будење, и сигурен сум дека сите учесници на акцијава долго ќе го паметат првото искачување на Плоча, единствено Славчо ни беше "црна овца" во групата, бидејќе веќе бил еднаш на овој врв.

Кога излеговме од прекрасната шумска патека, меѓу старите букови стебла, газејќи по дебелиот, сув слој од паднатите лисја, наидовме на бачилото и пред нас се отвори планината, како да ни посака уште еднаш добредојде, а ние не чекавме многу. Набрзина се подсредивме за успонот, грицнавме, се напивме по нешто, малку консултации и анализа на теренот и правец ЗАПАД. Секој можеше да се движи по своја патека, да  гази каде сака, да слика што сака, да размислува за што сака, а се со цел денот да му биде што поубав. Тревата беше апсолуто сува, ветер НУЛА, терен стрм, на места и доста стрм, тепература идеална, сонцето грее, групата компактна, брза, природата и се наоколу  фантастична, не знаеш каде да гледаш, на сите страни само убавини, небото, модро, сино, без ниту едно облаче, пред врвот награда и малку останато снегче и наеднаш сме горе, еден по еден сите на ПЛОЧА, а горе не дочека глетка за паметење, која не сакам да ја опишам, затоа што нема да успеам, ќе оставам фотографиите да зборуваат, а исто и лицата на среќниците кои бевме горе.

Врвот - признавам - и се наоколу не опијани или не нокаутираше набрзина, така да горе се задржавме скоро час и половина, заборавивме за другиот врв Високо Брдо, оправдано по мене, но групата на П.Д. Кораб, појачана со Светлана и Љубиша како да добија крилја, дали пиеа Ред Бул не знам, ама знам дека денот ги понесе, и тргнаа кон Шупља Стена, а ние си останавме да си уживаме и воопшто не ни беше лошо. Назад со тешки срца по долго ценкање и преговарање решивме тоа да биде во 12,15 часот, малку по на југ од каде што се искачивме и потоа повторно над бачилото на сонце, каде покасно пристигна и првата група и така сите среќни и задоволни стигнавме во Жировница точно во 16 часот кога и беше закажано враќањето назад. Таму веќе традиционално ја  посетивме и слаткарницта, а не традиционално и едно кафуле, ама овој пат оправдано за да се заокружи севкупниот одличен ден поминат од утро до мрак во овој прекрасен дел на Кораб и во 16,35 кога и се стемни влеговме во нашето комбе и правец дома.


првите сончеви зраци се креваат над врвот Карбула


низ убавата букова шума


на излезот од шумата - накај горното бачило


во подножјето на Плоча


стмниот успон кон Плоча


поглед на албанска страна од Плоча (2233 m)


поглед на успонот на Плоча од друг агол


убаво мирно и топло време, весели луѓе на врвот, малку снег под нив


поаѓа шестчлената група кон Шупла Стена


Мал и Голем Кораб


дел од групата на Плоча - назад Шупла Стена и Дерза


почеток на спуштањето од врвот Плоча


мало езерце на албанска страна


пресечената западна страна на Плоча


Високо Брдо


пауза на враќање над горното бачило - тука се споија двете групи

(Светле - група Жировница - Плоча - Шупла Стена)
После краток одмор на врвот Плоча една помала група планинари: јас - Светлана ПСД Макпетрол, Љубиша од ПД Бистра- Гостивар, Маја, Виктор, Бојан и Славе од ПД Кораб тргнавме накај врвот Шупла стена.

Планот беше да се обидеме најкасно до два часот на ручек да го искачиме врвот. Главно се движевме по добро разгазена патека. На околу 40 минути пред врвот или на само дестина минути пред излезот на седлото од каде следува последниот успон према врв сретнавме уште една група на четворица планинари од Скопје, кои се враќаа од врвот.

Штом стигнавме до седлото, движејќи се по самиот срт од Албанска страна се отворија неверојатни пејсажи. Глетка која ти го запира здивот, една од најубавите во мојот живот.

Стигнавме на само неколку метри од врвот точно до делот каде што во карпата имаше огромна дупка над која само едно тесно мосте од камен го поврзуваше врвот со другиот дел од сртот.

Прв помина Виктор и кажа дека поминувањето од тој дел е многу ризично, ме советуваше да пробам да пристапам од десната бочна страна каде личеше како да има шанси да се пристапи. Подоцна по трагите увидовме дека и претходната група поминала од тука. Јас тргнав малце ама ми се виде многу стрмно и се вратив назад до малото седло каде ги почекав Бојан, Маја, Љубиша и Славе.

Бојан тргна прв по него Славе, Маја, Љубиша па јас. Јас стигнав до самата дупка,а другите продолжија нагоре уште неколку метри, требаше да ги почекам тука за заедно да се сликаме кај "шуплата стена“, но многу беше ладно и решив полека да се вратам на сонце.

На самиот врв ми кажаа дека стапнале само Виктор и Бојан, пристапот бил лизгав и стрмен. За околу 5 минути сите повторно се собравме заедно и како што планиравме во два часот почнавме да слегуваме надолу. Сега кога се сe одвиваше според планот некако беше полесно за надолу. До 16:00 успеавме да стигнеме над бачилото, со челни лампи го поминавме патот низ шумата и во 18:00 бевме во Жировница. Кога им се јавивме на другите дека пристигаме во село останатиот дел од друштвото веќе пристигнуваа во Скопје.

Одлично доживување, супер друштво и уште едно ново искуство.

 


есенски попладневни бои


враќање по шумичката


влегување во село Жировница

На крајот и еден куриозитет - Марин подоцна провери на топографска карта на Албанија - растојанието од Македонија до Јадранското море е најкратко на овој дел кај што е врвот Плоча и изнесува околу 75 km, скоро исто колку што изнесува растојанието од таму до градот Охрид. Затоа пред неколку години кога бевме на блискиот врв Веливар на планината Дешат - над главата ни летаа два морски галеби.

Технички податоци:

Прва група : с.Жировница - подножје на Бабин Камен
Должина на патеката : 22 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1350 m



3D патека - Жировница - Бабин Камен


профил на патеката - Жировница - Бабин Камен

Втора група : с.Жировница - врв Плоча
Должина на патеката : 19 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1400 m



3D патека - Жировница - Плоча


профил на патеката - Жировница - Плоча

 

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/PlochaAndBabinKamen

Автори: Марин Стојановски, Светлана Стојаноска, Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Марин Стојановски, Тихомир Стојчевски, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje