Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Локалитет Плоча - Радовиш - сончоглед и гранит - 17 јули 2011

Во недела рано наутро - додека остатокот од градот спиеше или полека се прибираше од ноќните забави, мала осумчлена група со две возила го напушта Скопје и се упатува во правец Велес - Штип. Некаде на патот - во овчеполијата наидовме на огромно поле полно сончогледи. Нормално, застанавме со колите и фотографите почнаа да сликаат навистина прекрасни фотографии. Во меѓувреме ние се слушнавме со Жико од Штип, нашиот денешен домаќин кој ќе не води и запознае со локалитетот Плоча и со основните алпинистички техники. Членови од Скопје : Марин, Перо, Тања, Александра, Јоцо, Софија, Владимир и јас - Трајче. Некои од нас имаа качувано порано, но имаше неколкумина кои денес ги направија првите чекори во вертикалниот свет.


сончогледите крај патот

Влегуваме во Штип за да го земеме Жико и продолжуваме по патот кон Радовиш. На околу 25 km после Штип, веднаш по крстосницата на патот кој води преку Серта за Неготино, во близина на рудниците Бучим и Дамјан, застануваме. Месноста е позната како Пилав Тепе - според карактеристичниот врв од спротивната страна на патот. Тука, веднаш до патот има ресторан со убави сенки. Ги оставаме возилата, ги земаме ранците со опремата и одиме - не многу далеку - во подножјето на локалитетот Плоча.

Локалитетот Плоча е во надлежност на алпинистите од Радовиш, а имаат помош во подтовките и одржувањето на локалитетот и од алпинистите од Штип. Карпата е компактна и солидна, по состав некој вид на гранит. Подножјето е на надморска висина околу 400 метри. Тука има уредена една куќа во која може да се сместат алпинистите за подолг престој. Локалитетот е поделен на неколку сектори - Коцка, Плоча, Мала Плоча, сектор А... Насоките се со висина од 80 до 110 метри.

Ние прво појдовме до секторот Коцка, за да бидеме во сенка во првиот дел од денот и да може да качуваме. Тоа е една помала карпа во коцкаста форма на која има неколку спортски насоки, меѓу кои и неколку полесни - за почетници. Жика постави јажиња - top rope - за три насоки со прогресивно зголемување на тежината, така да секој можеше да проба по два или три пати да качи секоја од насоките. Нормално, пред почетокот на качувањето имавме мал теоретско-практичен дел - особено за врзување на осумка, обезбедување на партнерот при качување и слично - но најважно беше почетниците да научат да си врзат осумка на појас.


на Коцка - но не се коцкари - Александра и Јоцо


погледи насочени нагоре - Перо и Софија


Јоцо качува


Јоцо го спушта Перо по успешно искачената насока - лево Владо качува


Тања - први и успешни обиди


Јас имав желба да пробам бос - карпата ми изгледаше убава за barefoot climbing


Александра во една интересна позиција

На првата локација бевме до кај 12 часот, потоа направавме мал одмор, ги собравме јажињата и се упативме во подножјето на големата карпа - Плоча. Тука се сместивме во сенка - каде што почнува насоката Превис, ама со Жика јаже поставивме во полесната насока - Атис (III+/IV+) - за да почетниците добијат чувство како е да се кренеш повисоко, а технички сепак да не е многу захтевно. И тука секој проба по еднаш - повеќе немавме желба дека времето почна да станува прилично топло.


на сектор Плоча - кај стартот на насоката Превис


Жико го поставува јажето во насоката Атис


кој може - фаќа сенка


јас и Софија


Тања на via ferrata

Потоа Жико со Александра и со Јоцо - со две јажиња - почнаа да ја искачуваат целата насока Атис, а ние останатите појдовме по пешачката патека која ја заобиколува карпата од јужната страна - на последниот дел од искачувањето на карпата има поставено на две места по дваесетина метални скали - via ferrata. Се качивме горе на врвот на карпата - каде што има поголем метален крст и уживавме во глетката на околниот терен додека слабо ветерче пријатно не освежуваше.


групата на врвот кај крстот


интересна позиција за клупа


Жико, Александра и Јоцо на Плоча

Потоа се симнавме долу, ги зедовме ранците и појдовме кај ресторанот, односно кај колите за да ја оставиме опремата. Во тоа време и екипата што беше со Жико си дојде, па заеднички седнавме во ладовината кај ресторанот и со пиво и сокови си раскажувавме за впечатоците од овој возбудлив ден - за некои - први обиди за искачување на карпа.

На враќање во Штип имавме уште едно застанување - на штипска пастрмајлија - за да се заокружи уживањето за тој ден.


каде се наоѓа локалитето Плоча - пат Штип - Радовиш


некои од насоките на Плоча - преземено од сајтот на www.akastrajon.mk
1 - Штипски, 2 - Двојна Игра, 3 - Ракета, 4 - Два Роберта,
5 - Перун, 6 - Атис, 7 - Бонбона, 8 - Превис


https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/PlochaClimbing#

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Марин Стојановски, Јордан Атанасовски




© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje