Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Плоча, CD, DVD ?! - 17 април 2011

Плоча, CD, DVD, USB - свирки !!! Појдовме на Плоча ама се вративме и без плоча и без DVD. Но се вративме со една нова научена лекција - постепено почнуваме да го усвојуваме материјалот... Во секој случај среќни и весели, како и секогаш кога одиме на планина. Дека љубовта кон планините е таа што не станува во 3 часот наутро и не тера да се акаме по стрмни места покриени со снегови, мразови, со ветришта... и пак сакаме да одиме и не ни е криво туку напротив - едвај чекаме пак да појдеме.

Временската прогноза минатата недела не ветуваше баш многу добар викенд и затоа го сменивме првобитниот план да одиме на Галчин и Орле - се определивме за масивот на Кораб - врвовите во близина на селото Жировница - Плоча, Високо Брдо, Јаворско брдо и Куртово Ќуле. Врвови кои минатиот пат не ги искачивме а кои со своите карактеристики, позиција, можности за добри глетки од нив - сакавме да ги посетиме. Прогнозата за овој дел беше подобра, имено ветуваше дека во неделата по облачното утро ќе настане разведрување. Ееее - свирки !!! Не бидна така.

Мала група - Перо, Александар, Светле и Трајче поаѓаме од Скопје околу 4:30 часот. Ситен дождец не прати речиси по целиот пат. На патот кон Маврово има нов снег - не на патот туку од страните. Околу 6:30 сме во селото Жировница и се подготвуваме за поаѓање нагоре. Се појавува нашиот прикјател од минатиот пат - човек кој си чува овци и кој го пешачел теренот од тука до Стрезимир. Повторно со него разговор - каде ќе одиме, од каде ќе поминеме - прекрасен човек на кого се гледа дека му е мило што и други луѓе доаѓаат тука - на неговата планина.

Околу 6:45 поаѓаме по убавата патека што врви над селото во десно - по текот на Таировска река која некои ја викаат и Жировничка река. Небото е облачно, прска ситен дождец, не доволно за да не намокри, само онака... Ние одиме нагоре, прво по ливадите, па навлегуваме во убавата букова шума - по прекрасната патека на неколку места испресечена со поточиња кои стрмоглаво се спуштаат кон реката правејќи убави слапови.


по патеката над село Жировница


селото видено од погоре - од ливадите


преку едно од поточињата


уште едно поточе

При крајот на шумата од левата (јужна) страна на патеката - меѓу дрвјата почнуваат да се наѕираат и пробиваат острите и убави карпи на северната страна на Куртово Ќуле. Карпестите форми прошарани со листопадни и зимзелени дрвја, во лето зелена трева, во зима прекрасни снежни кулоари. Повторно го имаме тоа чувство како да сме некаде на Алпите. Излегуваме над нивото на шумата. Сега веќе газиме по снег, а и дождецот што претходно паѓаше сега е сменет во снег. Од левата страна ни се покажуваат исто така убавите карпи на Арпушки Камен. Одејќи кон бачилото на некои места се гледаат трагови од паднати помали но и некои големи лавини.


карпите од Куртово Ќуле


се движиме кон бачилото

На висина од околу 1670 метри се наоѓа местото каде е бачилото - нормално - сега немаше никој - рано е тука да се појават овците - зимото решило да тера подолго оваа година. Ја минуваме рекичката и се упатуваме косо на северо-запад - речиси во директна линија кон врвот Плоча. Снег има прилично, но за среќа доста е тврд, ретко пропаѓаме - но и тоа се случува - потоа веднаш бараме - повеќе со нозете отколку со очи (поради слабата видливост) - место со поцврст снег за да продолжиме нагоре. Во еден момент се наоѓаме пред едни карпи - тие се дел од ридот Трите Синори - горниот - западен дел. Ги заобиколуваме од лево и одиме натаму. Снегот паѓа, видливоста е многу мала и над 2000 метри веќе почнува и ветрот да засилува. Одењето накај врвот се базира исклучиво на GPS записот - инаку видливоста најчесто е само околу 3 до 5 метри пред нас.


премин преку потокот на висина од околу 1800 m


успонот пред врвот Плоча

Од висина од 2000 метри веќе сме на директен удар на ветрот - главно од северен правец. Видливоста е крaјно слаба. Теренот не ни е познат - прв пат доаѓаме ваму. Со нозете насетуваме дека одиме по некакво долче и се држиме до долчето одејќи по него нагоре - нешто помалку дува тука. Одејќи така си се прашувам - какво е ова долче на толкава висина. Но наскоро веќе сме на некаков гребен - врвот не треба да е далеку. Ветарот добива големи размери - не не бутка - ама блиску сме до тоа. И доста е студен. Најлошо е што видливоста е речиси нула. Не гледам пред мене ништо. Гребенот стрмен и ме води во десно. Го следам тој правец и контролирам на GPS-от. Наскоро наочарите ми се бели од снег и ништо не гледам, па ги вадам и продолжувам така, Знам дека албанската страна од врвот е речиси вертикално пресечена карпа - има стрмен пад, а од снегот и ветрот на таа страна сигурно има големи снежни стреи. Ја гледам висината на GPS-от - 2207 m. Врвот треба да е тука негде, но исто така и гребенот со албанската страна. Левата нога како да ми осети зарамнување и сфатив дека изгледа сум го преминал гребенот (што дома кога го гледавме GPS-записот и се потврди). Поради сето тоа - а и кога се свртев на назад да ја видам групата - едвај се забележуваа иако беа на неколку метри од мене и практично не се движеа туку стоеја и се бореа со ветрот - решив - се враќаме назад. Не е ова ден за гинење. Ќе имаме друга прилика и кога ќе има убава видливост ќе се искачиме на овој врв. Безбедноста секогаш ни била на прво место. И така, полека почнавме да се спуштаме надолу. Ветрот почна уште повеќе да ни ги мрзне лицата и рацете. Ништо не се гледа, но пак по GPS - от се обидувам да се симнеме од каде што се качивме, дека знаеме дека е тука безбедно. По неколку минути наидуваме на нашите траги и потоа, полека по нив се движиме надолу. Среќа што снегот не беше замрзнат, но беше доста тврд. Ако беше потврд и ако требаше тука да ставаме дерези, е дури тогаш ќе беше многу весело. Инаку - на врвот (под врвот) бевме точно во 10 часот.


почнуваме да се спуштаме - малку е чудна перспективата но честитки до Александар што смогнал сила во тие тешки
услови да фотографира - а има и краток клип на линкот на Picasa од крајот на овој текст


на безбеден терен - на висина од околу 1700 m

Откако се симнавме до 2000 m ветрот ослабна, се сокривме зад карпите на Трите Синори. Сега беше многу полесно. Со брзи чекори се движиме по снегот надолу. Подолу застануваме да фотографираме - иако е потопло сепак не ги вадиме топлите ракавици и облеката - стравот го чува лозјето. А ветрот одвреме-навреме пак ќе си покаже заби, но доста помали од оние близу до врвот. Кај клупите правиме мал одмор за да каснеме по еден сендвич и продолжуваме кон селото по шумата, попатно фотографирајќи ги убавите карпи околу или пак зелената мов и брзите поточиња.


мал одмор за јадење кај клупите


карпите на Куртово Ќуле


назад по шумската патека

Во Жировница се враќаме во 12:35. Имавме план да шетаме уште малку по околните брда, но претходно сакавме да извршиме уште една значајна истражувачка акција - да ја пронајдеме селската слаткарница - веќе три пати доаѓаме во ова село а никако да дојдеме до слаткарницата. Прашавме во една пиљара и ни кажаа дека во слаткарницата се наоѓа подолу - во центарот на селото. Се спуштивме до таму и ја пронајдовме - нема баш некој видлив натпис - но се наоѓа карши интернет-кафето. Таму направивме дегустација на тулумби и слични работи. Акцијата, за разлика од онаа претходната - заврши со потполн успех.

Кога излеговме надвор - времето беше променливо, ветуваше дека може пак да почне да врне некој дождец, па затоа решивме да си одиме за Скопје, па да стигнеме дома на ручек. По патот застанавме еднаш по текот на Радика за да сликаме еден убав водопад што се беше формирал од обилните води од снегот што се топи. Потоа со колата скршнавме од патот на патот што води кон селата Рибница, Бибај, Тануше, Нистрово, Жужње... Убавата Рибничка река - богата со вода, прекрасните карпи со можности да се направи тука алпинистички логор и да се пробаат нови насоки, болдери... Прошетавме, сликавме и уживавме накратко во тој прекрасен амбиент. Потоа - назад кон Скопје.


Рибничка река


теренот кај вливот на Рибничка река во Радика - премногу убави карпи и карпички

 

Технички податоци:

Должина на патеката : 15 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1230 m - Макс.процент.успон : 40%
Најниска точка : 975 m
Највисока точка: 2207 m


3D патека


детал од патеката пред врвот Плоча


профил на патеката

Повеќе фотографии и едно видео од виулицата под самиот врв можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/Plocha#

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Александар Буцевски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje