Шар Планина : Плат - зимско искачување - 29 јануари 2012
Во Македонија фати вистинска зима. Неколку денови по ред врнежи на големи количини снег на планините, студено... Зима - какво што оддамна не сме имале. Во вакви услови треба многу внимателно да се избере дали да се оди на планина или да се седи дома. А ако се определиме за во планина, треба да се избере тура која може да се изведе во дадените услови - дека на некои места снежната покривка е дебела повеќе метри и тоа во неколку слоеви. Ние се одлучивме дека е ова вистинско време за проба на снегохотките - испланиравме тура од Попова Шапка до врвот Плат. Минатиот пат - пред три недели Плат ни остана неискачен поради многу малата видливост, па решивме да се обидеме пак, сега од друга страна. Временската прогноза и за денес не беше баш идеална, ама решивме да појдеме и да си ја пробаме среќата.
Поаѓање во 5:30 од Скопје - шест души : Тања, Светле, Деан, Владо, Петар и Трајче. Со две возила патуваме без проблеми до Попова Шапка. Патот е сув - минаа два дена како престанаа врнежите на снег. Ги паркираме колите и се подготвуваме за поаѓање. Веднаш ни се приклучува нашиот веќе редовен член на овие тури - кремастото куче. Во 5 минути пред 7 часот поаѓаме по патот накај пл. дом Смрека и потоа се одвојуваме во десно - во правец на некогашниот - а сега разурнат пл. дом Јелак.

рано наутро над Попова Шапка
Времето е облачно - има видливост но над 2200 метри има облаци и не се гледаат врвовите. Снег на некои места нема, а на некои места има навеано повеќе па се пропаѓа до колена. Поттикнати повеќе од желбата за тренинг со снегoхотки, ги ставаме на нозе и продолжуваме со нив кон седлото - по бандерите. Кога се искачивме таму гледаме дека патот е истапкан од ратраци кои превезуваат скијачи на тие делови од планината. Одиме брзо по утапканиот снег до превојот - Гури и Брезит - оттука одиме по неразгазен снег во правец на бачилото. Напред одиме четворица со снегохотките и го тапкаме снегот - а последните двајца одат по нашите траги. Движењето е брзо, иако на две-три места имаме мали пречки во форма на мали навеви кои треба внимателно да се качат со снегохотките. Така - пристигнуваме до кај бачилото каде правиме мала пауза за јадење и пиење.

преку еден снежен навев
Од бачилото треба да да го совладаме брдото што се наоѓа веднаш над него - прилично стрмен рид кој не сакаме да го заобиколуваме. Ги вадиме снегохотките кои на толку стрмен терен не можеме успешно да ги контролираме и поаѓаме нагоре. Се трудиме да пронајдеме каде е потврд снегот, но на неколку пати пропаѓаме до над колена, до појас во снег. Но набргу наоѓаме поцврст снег и за кратко време сме горе - каде снегот е многу тврд, речиси да не се оставаат траги од нашите стапки.
од бачилото нагоре по стрмната угорнина
колоната се движи кон седлото под Плат
Продолжуваме понатаму - по изохипса се движиме полукружно за да дојдеме на седлото под Плат. Времето е постојано облачно - понекогаш провејува и ситно снегче и ние разочарано си велиме дека ако е вака нема зошто да се качуваме на Плат - ништо не се гледа. Но како што се приближуваме до седлото, сончевите зраци почнуваат се поуверливо да се пробиваат низ маглата и облаците. Се наѕираат карпите од околните врвови и предизвикуваат гласно одушевување (врескање) од наша страна. На седлото веќе пука сонце. Тука има многу малку снег - силните ветрови претходните денови го однеле снегот некаде подолу. Се договараме да направиме мала пауза за јадење. Почнуваме да гриземе од храната што ја носиме и да му фрламе на нашето верно кутре по дел од нашите сендвичи - кога пред нас се појавува убаво отворен врвот Плат. Батали сендвичите - ќе ги јадеме после - да побрзаме да го качиме Плат додека е убаво времето. Ги оставаме ранците на седлото и поаѓаме кон Плат. Снегот убав - крцкав, сонцето пече станува топло. Гледаме да одиме каде е потврд снегот - во правец на гребенот кај првите поголеми карпи. Потоа по гребенот - околу карпите, малку по нив - во правец на врвот.

на седлото под Плат - се наѕира Среден Камен
искачувањето на Плат
кучето и Среден Камен - на гребенот

по гребенот кон врвот
поглед надолу каде што маглата се уште си стои

последните метри пред врвот
на врвот Плат - 2398 m
На врвот сме во 11:40. Сончево - мирно, без ветар - прекрасно. Под нас море од облаци а се гледаат само највисоките врвови. Фрламе погледи кон Титов Врв, кон Кораб, отспротива кон Скакалица и Маја. Ѕиркаме надолу - со сонцето позади и маглата под нас се појавува интересен оптички феномен околу нашите сенки - ореол - кој се движи заедно со нас. Правиме 15 минути пауза на врвот за разгледување, сликање, уживање. Потоа, гледаме дека почнува маглата полека да се крева од долу - тоа ни е знак дека треба да се прибираме назад. Уште малку проба со цепините по тврдиот снег - некоја проба за кочење на стрмна падина... Потоа - еден по еден по убавиот снег надолу. Сепак внимаваме, дека стрмнината на овој дел не е за потценување.

поглед кон Бакардан и Титов Врв
Плат и врвовите на Шара нежно прекриени со облаци

ефектот на "ореол"

се спуштаме надолу кон седлото
Петар и Среден Камен

колона (шар)планинци
Пред да се спуштиме до седлото веќе пак се крева магла, видливоста се намалува. Ама веќе ништо не ни е важно - кога беше најпотребно времето ни се отвори - како да беше тоа направено специјално за нас - награда за нашата упорност да појдеме и да се обидеме. Во колона по еден, тивко се враќаме по истиот пат назад. 
враќање кон Попова Шапка
Гури и Брезит
Црни Врв
На враќање уште еден интересен момент - две момчиња кои пошле да шетаат по Церипашина на враќање навлегле во облакот и изгубиле ориентација. Кога ги слушнаа нашите гласови почнаа да не довикуваат и кога сфативме за што се работи, ги насочивме кон нашата група и потоа заедно се вративме до Попова Шапка. На Шапка - мал одмор, кафенце, чајче и потоа во колите и кон Скопје. 
кај снежниот нанос во близина на пл.дом Смрека
Технички податоци :
Должина на патеката: 18 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1000 m
Макс.процент.успон : 39 %, просечен успон 10,5 %
Време на движење : 8 часа

измината патека

детал - искачувањето на Плат

профил на патека
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/SarPlaninaPlatZimsko#
Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Трајче Панковски
|