Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Попова Шапка - Церипашина Антени - Плат - 8 декември 2013

На 8 Декември, речиси 40 планинари тргнавме од Скопје накај Попова Шапка. Дел со намера да стигнат до Титов Врв, дел до Антени, некои до Плат, а другите – кој до каде може, затоа што, иако сончево и ведро, дуваше силен ветер. Качувањето од Шапка по Церипашина почна малку пред 6.30 утрото. Церипашина, која и онака си бара спремност и кондиција, уште во старт беше предизвик поради ветрот од околу 50км/час кој 10-те степени под нулата ги правеше да се чувствувате како да е минус 20.


Церипашина на изгрејсонце


На врвот на Церипашина – се носеше одлука каде да се продолжи: кој до Антени,
кој до Бакрдан, кој до Титов Врв, кој до Плат, ... а некој и назад дома

Пешачење во вакви услови е одлична прилика да си ја тестирате опремата за во зимски услови.

Од Церипашина се упативме накај Антени, со уште посилен ветер.


Пред Антени

На Антени (2.525 мнв), се задржавме само неколку минути, уживајќи потпрени на ветрот (како играта “доверба”, кога назачки паѓате надевајќи се дека партнерот ќе ве фати ... ама овој пат партнер ви е ветрот ... Никој не падна)

Од Антени, некои од планинарите се вратија назад, некои продолжија накај Бакрдан и Титов Врв по уште посилен ветер на сртот. Марин, Тања и јас, од Антени, почнавме да се спуштаме накај Плат.


По сртот накај Бакрдан и Титов Врв ... а ние тројца се спуштивме десно надолу ...

”Солиравме” по неизгазен снег ... т.е. Марин солираше прв низ снегот, а јас и Тања дополнувавме дуо-трио. И покрај тоа што пешачењето по неразгазен снег беше прилично макотрпно, мислам дека ја направивме вистинската одлука затоа што ветрот беше далеку послаб. Спуштањето повторно нè донесе до околу 2.200 мнв.


Речиси совршена симетрија на Бакрдан и Титов Врв (поглед од подножјето на Плат)

Кога стигнавме до подножјето на Плат, во еден момент се помисливме дали воопшто ќе успееме да го искачиме (заради снегот, како и заради фактот што во домот “Смрека” требаше да се вратиме најдоцна до 16 часот).


Искачување кон Плат


Потковица (поглед пред искачување на Плат)


Првата пауза по спуштањето од Антени кон Плат


Облачиња во кои се преливаат боите на спектарот

Фативме да искачуваме право нагоре ... па уште малку по срт и точно на пладне бевме на врвот. Дури ја имавме таа среќа и десетина минути воопшто да не дува ... и да уживаме во извонредна видливост гледајќи ги наоколу планините и врвовите: Проклетије, Копаоник, Љуботен, Кобилица, Антени, Карабунар, Бакрдан, Титов Врв. Во полн сјај.

А за мене, овој ден беше посебно убав! Го прославивме мојот именден - со пријатели – на прекрасен врв – преубаво време – извонреден поглед. Што можев друго да посакам!


Тања и Марин пред "лажниот" врв


На врвот Плат ...


Тазе стапалки во снегот ...

На враќање накај домот “Смрека”, покрај предизвикот да се спуштиме од Плат, н e чекаше повторно пат под снег, по кој иако други планинари веќе имаа пројдено – сепак, особено на некои места беше прилично напорно. Се сретнавме со две-три групи кои беа тргнати директно од домот Смрека.




Враќање кон Смрека

Во 16.15 бевме во домот. Во изминатите 9 саати бевме постојано во движење и застанавме само два-три пати по пет минути колку да поткаснеме. Нема застанување, ако не сакате да измрзнете. Во домот нè чекаше топла чорбичка и кисела зелка, како и дел од останатите планинари кои прераскажуваа како го поминале денот до Бакрдан и Титов Врв.

Разбравме дека само 7-8 планинари стигнале до Титов Врв (од кои двајца имале и потешкотии при враќањето). Неколкумина стигнале до Карабунар и Бакрдан.


Навеви ... од Антени до Титов врв имало постојан ветер од 60 km/h со повремени удари од 100 km/hи “wind chill” температура од -20-25 ? С


Еден од поретките што стигнаа до Титов Врв

Кој до каде и да стигна ... беше преубав ден да се помине во природа ...

текст: Климентина Тунтева
фотографии: Климентина, Петар Герасимов, Марин Стојановски, Тања Манчева

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje