Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Плачковица : Вртешка - Туртел - 24-25 март 2012


Првиот пролетен викенд во 2012 година 30-тина планинари во организација на ПСД МАКПЕТРОЛ – Скопје и Планинарски клуб од Македонска Пошта го поминаа планинарејќи низ Еко-паркот Вртешка во Источна Македонија. Еко-паркот е на планината Пљачковица, меѓу градовите Штип, Кочани, Радовиш и Струмица.

Планинарскиот дом Вртешка, поранешен „Участок“, денес е обновен дом со повеќекреветни соби за 40-тина посетители, голема трпезарија со камин, кујна, црква во уредениот двор и Facebook профил. Со домот управува Планинарското друштво Лисец од Штип. Од асфалтниот пат, до домот води 2 км долг, надолен, земјен пат.

На картата вдлабена во дрво врвот Туртел (1.689 м.) е на 5 сантиметри од планинарскиот дом Вртешка, но во реалноста, врвот е оддалечен 8 км од домот, односно скоро 3 часа пешки, по влажен и на некои места до колена длабок, снег.


Информативна табла

Во колона еден по еден, кој со чизми, кој со патики, полека се движевме по обележаната патека кон врвот Туртел. А, патеката водеше низ високи дрвја, буки и дабови, за разлика од подножјето на Пљачковица кое е застрашувачкки голо и бездрвно. Како што се искачувавме нагоре, имаше се повеќе снег. Чизмите и патиките набрзо се наводенија од влажниот снег и едвај чекавме да излеземе на врвот Туртел. Патеката на неколку места збунувачки водеше надолу, за после 100-тина метри да почне да се искачува нагоре.


Во колона по еден или двајца


Кире М. го пробива патот низ снегот

А, на врвот Туртел (1.689 м.) со топол чај не пречекаа вработените во репетиторот Туртел. На врвот се одмаравме скоро 1 час, сушејќи ги наводенетите обувки.

„Угоре високо, удолу, длабоко“, вели песната. Високите антени над нашите глави и длабоките долини во далечина. Во височините летаа орли кои постарите беровчани ги викаат „Догани“, а од земјата никнуваа качунки. Пробавме од луковиците на жолтите качунки, тоа ни го откри Кире М. Вкусни беа.

 


Врвот и репетиторот Туртел


Со знамето на ПСД МАКПЕТРОЛ - Скопје

Тргнавме надолу по заобиколна патека со помалку снег. Но, сонцето го стопило и тоа малку снег, а под снегот, вода. Како да чекоревме по езеро покриено со снег. После 2 часа стигнавме во домот Вртешка каде не пречека разбаботен камин. Веднаш околу каминот виснаа наводенетите чизми, патики и маици.

Дента, според апликацијата за мобилни телефони SPORTYPAL пешачевме околу 6 часа, поминавме околу 15 километри и потрошивме 1157 kcal. Калориите брзо ги надокнадивме со 23-те големи пастрмајлии кои ни ги донесоа од Штип. И така цела вечер: колку што ќе се потрошеа калории со играњето и пеењето, толку ќе се надоместеа со вкусна храна. До доцна во ноќта се ореа песни и игри во домот Вртешка. Среќа соседното село беше потполно празно инаку сигурно селаните ќе ги нас'скаа кучињата кон бучните планинари.

Утредента, недела, повторно осамна сончев ден, и дел од планинарите повторно прошетаа во околината на домот. Престојот во домот го завршивме со музика.


Групна слика во околината на домот


Неделно музичко пладне

И така, додека не држеше доброто расположение, ги натоваривме ранците и торбите и тргнавме нагоре до комбињата (2 км угорен пат).

Набрзо стигнавме до археолошкото наоѓалиште Баргала. Се разочаравме што низ целото наоѓалиште не најдовме ниту една ознака за пронајдените објекти, предмети .... Како да шетавме низ „Terra Incognita”. Некој некогаш нешто направил, но кој бил, што бил, не разбравме. Штета.


Баргала


Цветен капител во Баргала

Комбето мирисаше на штотуку подготвени пастрмајлии. Сепак, од Штип не можеше да заминеме со празни раце.

Повторно се виде дека радоста од планинарењето и запознавањето нови луѓе, не се намалува со годините. Всушност, постарите имаат полно интересни приказни кои ги прават искачувањето и дружењето, позанимливо.

 

Технички податоци :

Должина на патеката : 22 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1075 m
Макс.процент.успон : 24 %, просек 8,2 %


3D - Приказ на п атеката


Висински профил патеката

Автор: Горан Николоски

Слики: Горан Николоски, Кире Миловски, Елизабета Василева


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje