Беловиште - Пирибег - СНЕГ И СОНЦЕ - 05 декември 2010
Еднодневна акција на Шар Планина изведена во вистински зимски услови. Учесници : Петар Герасимов, Горан Николоски, Трајче Панковски. Искачувањето го направивме во друштво на планинарите од Тетово Звонко и Мики, со кои се сретнавме на почетокот на искачувањето, како да бевме договорени.
Недела наутро - 5:30 поаѓаме од Скопје кон Тетово. Од Тетово се движиме во десно во правец на северниот дел од Шара. Пристигнуваме во Беловиште, прекрасно село во подножјето на Шар Планина - убаво средено со убави куќи и прекрасен плоштад. Тука ја оставаме колата. Во селото сме околу 6:45 часот. Температурата е околу нулата, почнува ситно да провејува снег. Ја разгледуваме информационата табла постевена на плоштадот со информации за патеката до прочуените Беловишки водопади кои се наоѓаат повисоко над селото. Шотоа поаѓаме, прво ја минуваме црквата Св. Богородица, голема селска црква, па потоа кон црквата Св. Петка. Патот е поплочен со бекатон коцки. На половина пат доаѓа теренско возило во кое ги гледаме Мики и Звонко. Се договараме да не чекаат горе кај Св.Петка.
поаѓање на целата група од св.Петка - "Петачко водиче"
Таму погоре е црвичката и неколку угостителски објекти. Ова место е одлично за излети во пролет и лето. Во непосредна близина на Беловика река, има изворче со вода за која се верува дека лекува очни болести. Близу до ова место е првиот - помал водопад од околу 30-ина метри висина. Одлично место за убав одмор од летните Скопски горештини.
Ние поаѓаме по шумското патче кое поаѓа од ова место. Патеката е прекрасна, многу убаво се искачува нагоре, така да е погодна и за луѓе со послаба кондивија. Ние имавме мал хендикеп дека претходните денови доста врнеше, па на повеќе места имаше кал и мали поточиња кои течеа по патеката, но тоа не ни претставуваше некој особен проблем - очекувавме да биде така.
низ шумата
На висина од околу 1600 метри веќе шумата се проретчува и излегуваме на чист терен, тревнат, но сега веќе тревата е покриена со 10-15 cm снег. Баш на тоа место од горе каскадно се спушта мало поточе. Се искачуваме полека по снегот нагоре и наскоро излегуваме на сртот - на висина од околу 1800 m. Тука има неколку поголеми камења - карпи. Досега времето беше облачно - бевме во магла, но сега се издигнавме над маглата и почна да не грее сонце. Почнаа срамежливо да се покажуваат и соседните гребени и врвови. Бидејќи излезе и некое ветерче, се облекуваме во јакните, ставаме капи и нараквици и продолжуваме нагоре. На Горан тој ден нешто не му беше баш добро, па тој се одлучи да одмори малку на тоа место, па да се спушти долу во селото и таму да не чека.
мал одмор кај Камче
Понатаму снегот станува подлабок, но за среќа на некои места е потврд поради дејството на студот и ветрот - па ние се движиме нагоре без поголеми заглибувања во снегот. Тоа секако не значи дека нема заглавување до колена, но за среќа наскоро се наоѓа излез на поплиток терен. Јас тука се одвоив малку полево од групата, барајќи поцврст терен, но после половина час пак сите се наоѓаме горе - на гребенот кај Ливадица - на висина од околу 2400 m. Таму горе ветарот е прилично силен и студен, па без задржување продолжуваме по гребенот во правец на Пирибег. И покрај умерено-силниот ветар не можеме а да не уживаме во убавината на снегот и сонцето, а особено во јаснотијата на видливоста - Проклетије се гледаше јасно како што никогаш досега што ги немам видено - шпицот на Маја Језерце јасно се истакнуваше над сите други врвови. На исток се гледаше Пирин планина.
искачување нагоре по снегот
по гребенот на Шара кон Пирибег
На врвот пристигнуваме во 12:15 часот. Ветрот се уште дува, иако малку послабо. Ние се сместуваме од нашата страна на планината, каде е малку завет и послабо дува, па тука правиме одмор од половина час за фотографирање, јадење и пиење течности. Околу нас - убавина - врвовите на Шар Планина бели од снег и осветлени од сончевите зраи - а подолу на висина од околу 1600 m - море од магла над Македонија - само повисоките планински масиви ѕиркаат над неа како помали и поголеми острови.
на Пирибег (2524m)
поглед кон Косово, Албанија, Приклетије на хоризонтот
Во 12:45 поаѓаме назад, сега по малку изменета патека, подиректно и не пребирајќи премногу дали ќе одиме по длабок или по плиток снег - сакавме малку да уживаме во чувството на спуштање и трчкање по длабок снег. Од оваа страна на планината ветар веќе немаше и беше вистинско уживање. Некаде на висина од околу 2 2 00 m застанавме покрај почетокот на рекичката и направивме уште една пауза од петнаесетина минути за ручек - она горе на врвот беше мала закуска, поради студот и ветарот.
враќање назад
одмор за ручек
Продолживме надолу, потоа речиси по истиот пат по кој се искачивме. На висина од околу 1600 m влеговме во маглата и пак по шумското патче и калта при крајот на патеката - стигнавме до црквичето Св. Петка. Тука ги замивме чевлите во малото поточе и се поздравивме со нашите срдечни домаќини Звонко и Мики, со кои си поминавме навистина прекрасен ден во планина.
се уште над маглата - напред - масивот на Јакупица
Минувајќи надолу, по пеесетина метри се појави Горан од ресторанчето " Белојшки бисер ". Горан таму имал убав ручек - риба од рибникот. Шетал околу и убаво го разгледал теренот додека не чекал да се вратиме. Ние тука бевме во 16 часот. Почна да се смрачува. Домаѓинот на ресторанот - г-дин Душко не покани внатре на едно кафе и муабет, па си поминавме пријатни триесетина минути во ресторанот.
ресторанот "Белојшки Бисер"
Потоа, уште неколку стотини метри надолу до селото, во кола и назад за Скопје.
Имав првобитен план да се качиме од оваа - десната страна, а да се вратиме од лево, но по укажувањето на дечките од Тетово, дека во долниот дел на таа патека има доста нерасчистен дел низ шумата, а и поради снегот, решивме сепак да се вратиме по истата патека - а задоволството на истражување на патот од таа страна, како и на соседниот гребен од кај Првце - го оставаме за некое следно доаѓање.
Технички податоци :
Должина на патеката : 21 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1920 m - Макс.процент.успон : 41,7% - Просечен.проц.успон : 18,5%
Висинска разлика (вкупен спуст) : 1910 m - Макс.процент.спуст : 40,6% - Просечен.проц.спуст : 17,9%
Најниска точка : 710 m
Највисока точка: 2524 m
3D GPS-регистрирана патека
профил на патеката
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
http://picasaweb.google.com/117320863135421357287/BelovishtePiribeg#
GPS записот можете да го симнете од :
http://www.stazeibogaze.info/2010/12/06/sar-planina-belovishte-piribeg/
Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов
|