Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Велигденска тура : Грција, Албанија, Македонија - 1 - 6 мај 2013

Ова беше извонредно интересно патување – комбинација од планинарење и разгледување на нови дестинации. Групата беше повеќенационална – Срби, Македонци, Бугари и еден Пољак.

Започнавме со ноќно возење до Метеори. Одличниот пат овозможува да се отспијат неколку часа. Сабајлето на 1 ви мај сме на паркингот пред најпознатиот манастир – MEGA LO METEORO. Затекнуваме групи туристи од разни страни на светот и со нив го разгледуваме манастирот. Имаше доволно време за разгледување на уште еден манастир што повеќето од групата и го сторија.


Метеори


Метеори - фрески

Потоа продолживме кон регионот ZAGORI на планината PIND. Во малото село MIKRO PAPIGKO возењето го заменивме со 3 часа пешачење до планинарскиот дом ASTRAKA на 1950мнв. Стигнавме во домот во првиот мрак. Не дочека домарот Ѓорѓи кој е алпинистички водич и ски – тренер.

Домот е повеќе од пристоен. Со голема трпезарија во која цело време на минимум гореше нафтена печка и правеше пријатна атмосфера. А над трпезаријата спална со кревети на спрат. Во сутеренските простории убав и чист тоалет.


групата сликана пред пл. дом. "Астрака"

Утредента – на 2 мај осамна прекрасен ден. Веќе во 7 часот сите бевме на појадок а во 8ч. тргнавме кон врвот Астрака – 2430мнв. Врвот се извишува веднаш над пл. дом ама за да се стигне до него мора да се направи обиколка на целата планина – 3-4 часа пешачење по снег. За среќа снегот е набиен и пропаѓањето во него е 2-5 см. но доволно пл. чевли да се наквасат убаво. Сонцето силно печеше така што на врвот стигнавме соблечени голи до појас. Се сликавме со знамињата од сите клубови, јадевме и назад во домот.


спушање по снегот по патеката на пат кон врвот Астрака


искачување кон врвот Астрака


на врвот Астрака


врвот Астрака и долу десно на седлото пл. дом "Астрака"

Во домот нема струја, но има агрегат кој работи од 20 – 22 часот. Доволно за вечера и да се наполнат телефони и батерии. Во 22ч. сите на спиење.

Осамна 3 мај – имаше облаци но немаше ветар и беше пријатно. Се поделивме на две групи. Поголема група која ќе оди на врвот GAMILA 2462мнв и помала која ќе оди до езерото DRAKOLIMNI. Искачувањето на Гамила бара 3-4 часа пешачење а до езерото се стига за 1,5 часа. На враќање од Гамила група од 5 планинари продолжи до езерото. Дојдоа во домот во првиот мрак.

Уште една ноќ преспавме во домот а утредента веќе во 6.30 ч. започнавме со слегување кон Микро Папиго. Жал ми беше што немавме време да го посетиме кањонот VIKOS. Ќе остане за следниот пат.


езерото Драколимни


врвот ГАМИЛА (снимен од езерото)


пл. дом "АСТАКА"


село Папиго - се враќаме дома


Со минибусот се спуштивме во IOANNINA и потоа продолживме уште шеесетина км до SARANDA - во Албанија. Пристигнавме околу 13 ч.и се сместивме во однапред резервираниот хотел. Веднаш заминавме за BUTRINT.

Бутринт е интересно место од историски аспект. Таму го разгледавме археолошкиот локалитет од времето кога Бутринт бил Римска колонија – времето на Јулие Цезар. Тоа се остатоци од градби кои и сега предизвикуваат почит поради својата големина. Навистина интересно и убаво.

Се вративме во Саранда и излеговме кој на прошетка, кој на вечера, кој на капење. Морето беше релативно топло, имаше неколкумина капачи. Во Саранда се гради на секој чекор, се е во бетон. Хотели начичкани еден до друг. Како ли е во сезоната на плажите, има ли место за сите?


хотелот во Саранда


Бутринт


археолошки локалитет Бутринт


базилика


на врвот на полуостровот


во музејот


капачи во Саранда


дел од специјалитетите во Саранда

Наутро после појадокот заминавме за GJIROKASTRO. Тоа е убаво градче со зачувана архитектура од минатите векови. Ги посетивме тврдината – воен музеј, старата чаршија и куќата на Енвер Хоџа – етнографски музеј.

Од Ѓирокастро до ФИЕР патот е катастрофа – час делници со убав асфалт, час делници во изградба. Така наизменично. Тоа одзема многу време.


Гирокастро


Гирокастро - поглед од тврдината


куќи во стилот на минатите векови


тврдината - воен музеј


куќата на Енвер Хоџа - етнолошки музеј

 

Во ЕЛБАСАН прошетавме по главната улица, нема нешто интересно да се види. Случајно најдовме една црква но и таа беше затворена. Продолживме кон Струга и Охрид. Веднаш се очитува голема разлика во уреденоста на селата и инфракструктурата во Македонија, Албанија во тој поглед ми се чини е со 50 години заостанување.

Во Охрид се сместивме во приватни куќи и веднаш отидовме на Велигденска вечера. Ресторанот беше пристоен, музичарот многу добар, така што во многу убава разиграна атмосфера ја дочекавме скоро полноќта.

Утредента имавме закажано разгледување на црквите во Охрид со водич. Кустосот Јана, како и повеќе пати досега се надмина себе си. Убаво, опширно и интересно раскажуваше за спецификите на секоја од црквите и местата каде поминавме така што неосетно поминаа скоро 5 часа во рагледување. Посетата на Охрид ја завршивме со ручек во рестораните и потоа заминавме за Скопје.


Елбасан


Охрид - средба со кустосот Јана - разгледување на културните знаменитости


заедничка фотографија пред Канео

Оваа тура ќе остане запаметена пред се заради убавата природа во националниот парк ZAGORI , по убавото време што цел пат не следеше и по убавото другарување и пријателство кое беше воспоставено. А на нашите акции воглавно секогаш е така.


Текст и фотографии : Никола Доновски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje