Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

ПАМИР 2014 - ВРВ ЛЕНИН (7,134m )

Таква потрага по нечија биста досега немам доживеано. Стотина луѓе од цел свет, со натчовечки напори, после непроспани ноќи, изгладнети и измрзнати, се во френетичка потрага по бистата на Ленин во Централна Азија. И кога ќе ја најдат, на 7.134 метри надморска височина, најчесто ја пцујат. $*&! # „Зарем за ова измрзнав? Зарем за ова се качив над 7.000 м.?“ $*&! # Но, пцуењето трае само кратко, а сеќавањето за потрагата и искачувањето, всушност, трае цел живот.

Потрагата по Ленин ние ја почнавме една година порано. „Одиме на Ленин?“ го прашав Борче. „Одиме“, потврди тој и, почнаа подготовките. Физички, ментални, финансиски. Финанскиски, за дел од трошоците ни помогнаа „Рамстор Македонија“ и Планинарско спортското друштво „Макпетрол“ од Скопје. А, физичките и менталните подготовки, беа „наши“. По македонските и балканските планини, на Алпи, Елбрус, Хималаи. По секакво време.

А, каде се наоѓа врвот Ленин? Ленин е највисок врв на Трансалајскиот масив во Централна Азија и на Памир во Таџикистан. Поточно, врвот е на границата меѓу државите Киргистан и Таџикистан. Киргистан се граничи со Кина, Таџикистан, Узбекистан и Казахстан. Многу „стани“ во близина, некои помирни, некои подиви. Во некои се води војна, во некои се вади нафта и гас, а во Киргистан се развива туризам. Киргистан е осум пати поголем од Македонија, со 5,4 милиони убави, косооки и црнокоси луѓе. Сите сакаат да возат убави возила, Тојоти (посебно луксузниот бренд Лексус), Хонди и Мерцедеси. Лади и Волги нема за лек. Планините се црвени, сиви, зелени, црни и бели. И има многу мрмоти по планините.

Во Киргистан врвот Ленин се вика Ленин Чокусу (врв Ленин – Киргистанците пишуваат на кирилица и јазикот е сличен на турскиот јазик). Врвот Ленин во соседниот Таџикистан официјално се вика Qullai Abuali ibni Sino, што значи Врвот на Авицена, според името на еден од најголемите исламски мислители и писатели кој живеел на тие простори. „Вежбањето ги зајакнува органите и го подобрува нивното функционирање, ја подобрува апсорпцијата на храната и ја подобрува исхраната, се чистат порите на кожата, се отстрануваат лошите супстанции од градите и се зајакнува телото. Редовното вежбање ги зајакнува мускулниот и нервниот систем“ – напишал уште пред 1000 години Авицена.

Во нашата намера да се искачиме на врвот Ленин и нам ни помогна редовното вежбање и искачување по ниски и високи планини. Во 2013 година испратив прашања до три агенции во Киргистан кои организираат искачување на врвот Ленин. Прво бевме двајца учесници, јас и Борче Ѓелевски, а потоа ни се придружи и пријателот од Србија, Борко Гајиќ, врвен планинар и инструктор за искачување по карпи. Откако на моите многубројни прашања до агенциите (Борко изброи 262 e-mail пораки) добивме задоволувачки одговори се одлучивме за агенцијата AK SAI TRAVEL од Бишкек, главниот град на Киргистан. Си ги осигуривме животите во „UNIQA“ од Австрија откако станавме членови на Oesterreichischer Alpenverein (Австриска алпска асоцијација). „UNIQA“ од Австрија нудеше осигурување на живот за искачување на врвови над 6.000 м. и осигурување за учество во експедиции. Најдовме соодветни авио билети, прво преку „Аерофлот“ од Русија. Но, за транзит низ Русија кон Киргистан ни беа потребни транзитни визи (50 евра во секој правец), па се одлучивме да го промениме авиопревозникот. Со „ Turkish Airlines “, од Скопје преку Истанбул, до Бишкек, главниот град на Киргистан.

Уште во Македонија во Excel документ нацртав како ќе изгледа нашето искачување по денови, со податоци колку денови ќе бидеме по висинските кампови, колку часови дневно ќе се движиме, каква храна ќе користиме,.... Планот беше многу прегледен и стана хит меѓу другите учесници во експедицијата. Целата авантура беше планирано да трае 22 дена при што 19 дена ќе се движиме меѓу базниот камп на 3.600 м. и врвот Ленин на 7.134 м. Тоа значеше често преместување на нашиот товар (имавме по околу 30-тина кг. товар секој од нас двајца), промена на височина, користење различна опрема и различна храна. Во тие 19 дена за аклиматизација планирано беше да искачиме 3 врвови над 4.000 м., 9 ноќи да поминеме во базниот камп, 5 ноќи во кампот C1 на 4.400 м., 2 ноќи во кампот C2 на 5.300 м. и 3 ноќи во кампот C3 на 6.150 м. И, за успешно искачување на врвот мора двапати да се искачуваме по истата патека до висинските кампови на 5.300 и 6.150 м.

Планот на експедицијата: денови, врвови, километри, часови, храна

Во главниот град Бишкек има нови згради, ресторани и хотели, широки улици и огромни плоштади со тамошни историски личности. Но, има и сиромашни куќички пред кои вредните киргистанци продаваат се и сешто. Во Бишкек се задржавме еден ден и утредента со авион одлетавме во градот Ош, на југ од Киргистан. Таму се собра целата група која учествуваше во експедицијата. 22-ца планинари од 10 земји од светот (Македонија, Србија, Бугарија, Полска, Данска, Германија, Франција, Русија, Украина и Америка). Сите искусни планинари, некои помлади, некои со повеќе искуство. Соња, Јоланта, Ким, Мишел, Ален, Виктор, Борче, Борко, Стив, Даниел, Кристоф, Јуриј, Павел, Лерој, Рено, .... Многу интересно друштво со кое уживавме во муабетите додека се одмаравме после искачувањата.

Во Ош ги натоваривме нашите ранци и транспортни вреќи во комбиња и тргнавме кон базниот камп. До таму ни требаа околу 5 часа патување преку премин висок 3.600 м., а последниот дел до кампот, по земјен, вистински Камел Трофи пат. Кампот е во долината Фергана чие име ми одѕвонуваше во главата. „Од каде ми е познат зборот?“ се прашував. Кога се напив вода од шишето на кое пишуваше „Џалал Абад“ ми стана јасно. Пред неколку години честопати по новините читав дека: „Терористи ја преминуваат долината Фергана и ... експлодираат бомби во градот Џалал Абад“. „Уф. Сега е мирно, сега е мирно, сега е мирно“ – повторував во себе. Патот се двоеше; лево кон базниот камп, а десно, уште 50-тина км., до Кина.

Во базниот камп Ачик Таш, на 3.600 м. не пречека високо подигнато македонско знаме, заедно со уште 15-тина други знамиња. Времето беше облачно, но знаевме дека зад темните облаци, таму некаде се крие врвот Ленин. И одеднаш се размрдаа облаците и некој извика: „Она е Ленин?“ Ние ги подигнавме главите во потрага по врвот, но видовме само облаци. „Погоре, погоре“, покажуваше со раката. Ја подигнавме главата уште повисоко и над облаците се појави сртот - долга бела линија над која се извишуваа карпи. „Ау. Таму треба да се искачиме? Високо, богами“ – тивко промрморев. Јас дотогаш немав видено толку висока планина. „Значи така изгледаат 7.100 м.?“ се замислив. И навистина, планината изгледаше моќно. Огромен бел ѕид, избразден од глечерски пукнатини, високо навлезен во небото. Облаците повторно го покрија погледот и во следните два дена веќе не го видовме врвот. Во тие два дена се аклиматизиравме на околните врвови над базниот камп. Прво до Лукова Пољана на 3.800 м., а потоа до подножјето на врвот Петровски, до височина од околу 4.200 м.

Во базниот камп бевме сместени во комотни шатори за двајца „ RedFox “, опремени со струја. Во базниот камп имаше поставено околу 40-тина жолти шатори, голема трпезарија, неколку полски тоалети, тушеви со топла вода, имаше струја и мобилна мрежа. Во кампот постојано имаше многу планинари. Едни доаѓаа од Ош, други се симнуваа од висинските кампови и сите имаа интересни приказни. Едни беа радосни дека се искачиле на врвот, други беа тажни што поради болки во стомакот или поради лошото време стигнале само до кампот C2 или малку погоре.

Третиот ден, на ден Илинден, тргнавме кон кампот C1 . Им дадовме дел од опремата на носачите кои со коњи тргнаа пред нас. Ние преку Лукова Пољана, потоа преку преминот Путешествеников на 4.100 м. се префрливме во долината во која беше подножјето на глечерот Ленин. Се движевме десно од смрзнатата бело-црна „река“ снег и камења се до кампот C1 на 4.400 м . каде што се сместивме во комотните жолти шатори.

Седевме пред трпезаријата во кампот C1 (4.400 м.) со очи вклештени кон планината пред нас. Огромни глечери, дебели 50-тина метри, глечерски пукнатини кои изгледа дека сега, во моментот ќе се срушат во долината. Еден глечер, втор глечер, трет глечер. Од планината „истекуваа“ неколку глечери кои се влеваа во големиот глечер Ленин кој мирно, по неколку сантиметри дневно, се движеше кон долината Фергана. Во далечина меѓу пукнатините на глечерот Ленин, по патеката бавно се движеа 4 црни точки – планинари. Долго и напорно искачување по врело време ги чека планинарите, коментиравме. Истото не чека и нас за 2 дена. На 4.400 м. нашите организми полека се привикнуваа на височината. Имавме повремена несоница, но имавме добар апетит. Едниот ден се одмаравме во кампот, а вториот ден се искачивме на врвот Домашни, на 4.700 м.

Дел од учесниците во нашата експедиција носеа експедициски чизми: Millet Everest, La Sportiva Spantik, Asolo AFS 8000, ... Со нив тргнаа од базниот камп нагоре што беше грешка, бидејќи по долгата и сува патека до кампот C1 на 4.400 м. чизмите им направија големи плускавци, кои потоа со денови ги лекуваа. Ким од Данска од нервоза поради тоа, доби висок притисок и не се качи повисоко од 4.400 м. со што му пропадна целата експедиција. Јас и Борче носевме чизми La Sportiva Batura, кои не се за повисоки врвови од Ленин.

Се поделивме во наврски од по четворица или петмина при што секоја наврска имаше свој водич. Во наврска низ глечерот Ленин бевме петмина: Леван, младиот помошник водич од Грузија, французите Ален и Мишел, Борче и јас. Французите имаа одлично константно темпо кое и нам ни одговараше и затоа се договоривме да одиме со нив. Утрото на 4 август тргнавме преку глечерот Ленин кон кампот C2 на 5.300 м. Во подножјето на глечерот Ленин ставивме дерези, се наврзавме со јажето и почнавме да се искачуваме низ глечерот. Прескокнувавме преку длабоките глечерски пукнатини. Преку некои имаше поставено мостови од даски, а другите ги прескокнувавме со залет и со тешките ранци на грбот. На една многу стрмна секција имаше поставено и јаже за кое се придржувавме додека се искачувавме. Тука се создаваа најголеми гужви. Некои се искачуваа држејќи се за јажето, другите чекаа за слегување по него. Среќа утрото беше магливо па не бевме изложени на директно сонце. Маглата се расчисти некаде на 5.100 м. кога се појави сонцето и за првпат го видовме кампот C2 . Оддалеку шаторите во кампот изгледаа како шарени точки на снегот поставени под високата карпа. Но, нам погледот постојано ни бегаше кон белината над кампот. Над кампот имаше уште скоро 2.000 висински метри снег и сртови кои не чекаа во следните денови. Искачувањето до висинскиот камп C 2 беше напорно, скоро петчасовно.

Шаторите во кампот C2 беа поставени директно на мразот, меѓу глечерски пукнатини. Вода извираше од блиските карпи и тоа беше голема предност, бидејќи водата само ја превривавме, а не топевме снег. Тука се видов со пријателот од Белград, полјакот Томаш Пецолд, кој веќе бил на аклиматизација на 6.150 м. Тој ми кажа дека уште тројца Македонци се присутни на планината, сите во обид да се искачат на врвот Ленин. Мишко Танески од Пештани со планинари од Србија, и уште двајца постари македонски планинари, во своја организација. Со сите тројца се видовме во наредните денови.

Ноќта на 5.300 м. беше немирна и бессона. Телата сеуште не ни беа навикнати на таа височина и првиот симптом беше несоницата. Неописиво чувство. Се будиш во ноќта со широко отворена уста и отворени ноздрви, во потрага по воздух, а воздух нема. Ти доаѓа да ја искинеш облеката, вреќата за спиење, шаторот, во потрага по еден нормален здив воздух. И така цела ноќ. Всушност две ноќи бидејќи утредента се искачивме до 6.150, до третиот висински камп, но за спиење се симнавме во кампот C2. Искачувањето на 6.150 м. беше напорно, бидејќи искачувавме две многу стрмни делници, едната веднаш над кампот C2 , смрзната и стрмна, а, втората делница, која почнува од 5.800 м и стрмно се искачува до 6.150 м. Горе не пречека силен ладен ветер и неверојатен поглед кон долината, но и кон врвот. Ја видовме патеката која води кон врвот Ленин, која прво се симнува на седлото на 6.000 м., а потоа стрмно води нагоре кон врвот Ленин. А, долу во долината, се гледаше змиесто свиена бела река која како да замрзнала за момент.

Дел од учесниците во експедицијата веќе почна да покажуваат знаци на замор и симптоми на висинска болест. Повеќемината од нашата експедиција се искачивме до третиот висински камп, но неколкумина останаа во вториот висински камп, или по патеката. Четворица учесници се одлучија да преноќат во кампот C3, а преостанатите се вративме во C2 . И тие и ние имавме уште една несона ноќ. Стив, Даниел, Бартек и Јуриј кои што една ноќ престојуваа во кампот C3 на 6.150 м. кажуваа дека спиењето горе, во тесниот шатор, било уште потешко, што поради височината, што поради силниот ветер.

Сонот и апетитот ни се вратија во кампот C1 на 4.400 м., каде што се вративме на 6 август. Овде веќе добро спиевме, добро се храневме и чекавме добро време за финалното искачување на врвот. Водичите ни наговестија дека последен убав ден за искачување на врвот ќе биде 11 август. Тоа значеше дека нема време да појдеме до базниот камп како што беше планирано, туку кон врвот ќе тргнеме од кампот C1 .

После дводневниот одмор во кампот C1 на 4.400 м . водичите ни кажаа дека тргнуваме повторно нагоре кон висинските кампови на 9 август, со цел на 11 август да се искачиме на врвот Ленин. Дента пред почетокот на финалното искачување кон висинските кампови се запознавме со австриски планинари кои штотуку се симнаа од врвот. Беа ослабени и изморени, но расположени дека се искачиле и ни кажаа многу детали како се одвивало нивното искачување, што имале облечено во текот на искачувањето, какви биле условите патем, ... Ни кажаа дека е потребна повеќеслојна облека, јакна со пердуви, најтопли ракавици, најтопли чизми, заштита за лицето, 2 литри вода, чоколатчиња и јаткасти продукти за енергија, посебно внимание при искачувањето и симнувањето по поставеното јаже на 6.900 м., и ... долготрајно одење. Нам ни преостана да стиснеме заби и уште еднаш да се искачиме нагоре.

После скоро 5 часовно искачување преку глечерот Ленин стигнавме до кампот C 2 на 5.300 м. Тука се одморивме, добро јадевме и спиевме. Утредента, на 10 август, недела, повторно тргнавме кон кампот C3 на 6.150 м. Стрмната и лизгава секција веднаш над кампот C2 ја искачивме наутро, додека беше замрзната. По втората стрмна секција под кампот C3 искачувањето изгледаше како да нема крај. Тргни, застани, тргни, застани. Двајца планинари од умор се излизгаа, но, за среќа, брзо се запреа. Ние, истоштени, после 4 часовното искачување влеговме во шаторот на 6.150 м. и се завиткавме во вреќите за спиење бидејќи надвор силно дуваше ветер. За утредента, за денот на искачувањето на врвот Ленин, топевме снег и подготвивме по 2 литри вода за термосите. Дента често пиевме вода, но апетит немавме. Инаку, експедицијата од 22-ца планинари, при второто искачување кон висинските кампови веќе се намали на 13 планинари, бидејќи дел од учесниците имаа проблем со висинска болест, висок крвен притисок, проблеми со стомакот, плускавци, недостаток на мотив за искачување, ....

Утрото, на 11 август, понеделник, мобилниот телефон заѕвони во 3:30 часот и почнавме да се подготвуваме за финалното искачување. Надвор дуваше ладен ветер и по мрак, со лампи на челото полека се подготвуваме за тргнување. Ги ставивме дерезите и околу 4:15 часот по локално киргистанско време (4 часа пред македонското време) тргнавме. Прво надолу, до седлото на околу 6.000 м., и потоа нагоре кон врвот Ленин. Еден по друг тргнавме 13 планинари, заедно со шестмина водичи и помошници водичи. Пред нас и после нас одеа и други планинари кои дента планирале искачување на врвот Ленин.

Некаде на 6.400 м. се појави сонцето и пред нас се отворија неверојатни пејсажи. Таџикистан, на југ, беше сиот послан со планини, како разбранувано море. Поминавме покрај два шатора, поставени на 6.400 м., и почнавме да се искачуваме нагоре се до многу стрмната делница, на која има поставено јаже за кое се држевме при искачувањето. Честопати застанувавме да се одмориме, но на вода и на храна ретко помислувавме. Двајца планинари се откажаа од искачувањето. На германката Соња и се слоши и после краток одмор мораше да се врати надолу. На пољакот Виктор му снема мотив за искачување и тој се врати. Останавме 11-мина.

Веќе поминуваше и шестиот час од искачувањето, а ние сеуште не видовме ни „в“ од врвот Ленин. Постојано се покажуваа други врвови, повисоки од тој на кој што сме во моментот, што беше големо ментално оптоварување. Дел од учесниците ги оставаа и ранците за да можат што полесно да се искачат на врвот, а врвот никаде го немаше. После деветиот час искачување, во далечина видовме група луѓе како стои на еден врв, без ранци на грбовите и како ни мафта. „Зарем тоа е врвот? Зарем сме толку близу?“. Просто не ни се веруваше дека искачувањето наскоро ќе заврши. Полека се искачивме и на тој врв, и пред нас се појави крст со плоча под него, а од десно во снегот ја видовме малата биста на Ленин опкружена со мали заставички. Конечно на врвот. Се загрнавме, си честитавме, ги симнавме ранците, ги извадивме фотоапаратите и почнавме со фотосесијата. Од лево, од десно, со знаме, без знаме, сами и заедно. Денот беше толку убав што не можевме да престанеме да фотографираме наоколу. Веројатно поминаа 15 или 20 минути и водичите не предупредија дека треба да се симнуваме. Ги направивме последните фотографии, ги ставивме ранците на грбот и почнавме да се симнуваме надолу. Времето остана стабилно до крај на денот. Сончево, ладно и ветровито. Надолу до седлото се симнувавме околу 5 часа. Уште почесто се одморавме, но водичите не не испуштија од видот. На седлото, на 6.000 м. застанавме гледајќи ги шаторите горе, на 6.150 м. Не знам од каде добивме сила, но стиснавме заби и со последните атоми сила го искачивме и тој дел, и кога дојдовме во шаторите само се струполивме внатре. После скоро петнаесетчасовно искачување и симнување, се вративме во кампот C3 на 6.150 м.

Цврсто сме заспале и утрото, на 12 август, околу 7 часот, тргнавме надолу прво кон кампот C2 на 5.300 м. и после мало задржување, кон кампот C1 на 4.400 м. Сите брзавме да се вратиме во кампот на 4.400 м, каде што не чекаа поудобни шатори, вода и редовно јадење. Водичите беа во право. Дента на 12 август времето веќе не дозволуваше искачување на врвот Ленин и поради силен ветер планинари се вратиле назад од 6.900 м. Но, ние нашиот план го остваривме и изморени и среќни, на 13 август, веќе итавме кон базниот камп на 3.600 м. Таму имавме и тушеви со топла вода. Ак Саи Травел во базниот камп ни подготви убава свеченост со доделување на сертификати за искачување на врвот, проследено со богата вечера и Казахстански коњак.

Авантурата со искачување на врвот Ленин заврши. Јас се вратив во базниот камп ослабен 5 кг и со изгореници на лицето од кои ми течеше и крв. Среќа, сето тоа го санирав со помош на лекарства. Борче немаше посериозни проблеми при искачувањето и симнувањето, освен што и тој ослабе околу 5-6 кг. Нашиот пријател Борко од Србија се искачи до 5.800 м. и се врати во базниот камп, ослабен скоро 10 кг. И Даниел од Данска беше ослабен 10-тина кг.

Експедицијата беше добро организирана од страна на Ак Саи Травел. Храната беше солидна, сместувањето исто така. Водичите беа внимателни и професионални и имаа прецизна временска прогноза која нам ни помогна да се искачиме на врвот Ленин по сончево време. Секој водич имаше и радио станица за контакт со другите водичи и со камповите. Во базниот камп (3.600 м.) и во кампот C1 (4.400 м.) имаше лекарски екипи, а имаа и телескоп со кого одговорните ги посматраа патеките по кои се движеа планинарите и сателитски телефон. Ние ги увидовме предностите што ги има организираното искачување на врвот, со помош на локални водичи и со поставени шатори во висинските кампови, така што истиот начин би им помогнал на високогорците кои би сакале успешно да се искачат на тие височини.

Освен планини видовме и други убавини во Киргистан. Во градот Ош на југ на државата ги посетивме и пештерите на Кралот Соломон, или на Сулејман како што го викаат муслиманите. Три дена се одмаравме и на езерото Исик Кул, на североисток од Киргистан. Езерото е на 1.607 метри надморска височина и е второ највисоко планинско езеро во светот, после езерото Титикака во Јужна Америка. Пред скоро 2000 години низ Киргистан поминувала една од рутите на „Патот на свилата“, но денес нема многу знаци од тоа и генерален впечаток ни е дека Киргистан треба уште многу да вложува во инфраструктурата и во развојот на туризмот.

Неколку интересни детали од текот на експедицијата:

•  Додека нам за искачување од кампот C1 ( 4.400 м.) до врвот Ленин (7.134 м.) ни требаа 10 дена, на Витали Шкел ( Vitaly Shkel) , победникот во планинарската трка Lenin Race 2014 одржана на 28 јули 2014 година, за истата релација му требаа само 5 часа, 6 минути и 50 секунди. Неверојатно.

•  Иранските планинари (тројца машки и една жена) со кои се запознавме во базниот камп, кои изгледа дојдоа веќе аклиматизирани од Иран, во еден здив го искачија врвот Ленин, само со по едно искачување во висинските кампови.

•  Десетте австријски планинари кои се искачија на врвот Ленин 3 дена пред нас, во базниот камп успехот го прославиле со испивање на 10 литри вотка и 100 пива!!!!!

•  Според рускиот систем за оценување на тежина на патеки официјалната оценка на патеката кон врвот Ленин е 5А. Рускиот систем на оценување ја зема во предвид и височината, па нормалната патека по која ние се искачувавме до врвот има иста оценка како вистинско технично искачување по карпи. Иако 5А звучи многу страшно, искачувањето по патеката е претежно не-техничко. Главни опасности се: патеката е многу изложена по сртовите, има опасности од лавини, има премин преку глечер и глечерски пукнатини, висока е и времето е многу променливо.

•  Една од најтешките планинарски несреќи воопшто се има случено Памир на 13 јули 1990 година кога лавина поттикната од земјотрес го има уништено кампот C2 (на патеката по која и ние одевме) при што од 45 планинари, 43-ца погинале.

Вратата од шаторите постојано ја држевме отворена за да имаме поглед кон планината. Кога ќе заладеше ќе се вовлечевме во вреќите за спиење, но вратата ја остававме отворена. Кога ќе заладеше уште повеќе, ја затворавме внатрешната врата од шаторот, но планината сеуште ја гледавме низ мрежестата врата, и на крај, кога ќе зајдеше сонцето, ја затворавме и надворешната врата на шаторот. Не можевме да престанеме да гледаме во планината. Како да бевме маѓепсани од глечерот.

Сеуште пред очите ни се убавините на Киргистан и Памир. Црвено-зелено-сиво-белите планини, распукани глечери, многу мрмоти, огромни лубеници и убави косооки лица.

Напишал: Горан Николоски
Слики: Борче Ѓелевски, Горан Николоски, Јоланта Рак


во Скопје


Киргистан


Графички приказ на петаките кои водат кон врвот Ленин. „Нашата“ патека водеше по црвената патека.


Ак Саи Травел – организатор на експедицијата


Поголем број од учесниците


Превозот од градот Ош кон базниот камп


Развеани знамиња во базниот камп


Базниот камп на 3.600 м.


На 4.100 м. над базниот камп


Поглед од базниот камп


Носачите


Тргнуваме кон Кампот C1


Јурти во кои живеат номадите


Премин Путешествеников (4.100 м)


Кон кампот C 2


Преку потокот


Кампот C1


Телескоп во кампот C1


Кампот C1 од врвот Домашни (4.700 м.)


Поглед од врвот Домашни (4.700 м.)


Нашата наврска: Леван, Борче, Ален, Мишел


Преку глечерските пукнатини


Преку глечерските пукнатини


Првпат го здогледуваме кампот C2


Шаторите во кампот C2 поставени меѓу глечерски пукнатини


Мраз под шаторот


Стрмната делница над кампот C 2


Стрмната делница под кампот C 3


Првпат на 6.150 м.


Одмор во кампот C1 (4.400 м.)


Повторно преку глечерот Ленин


Кон кампот C2


Богата вечера во кампот C2


На 6.100 м – поглед кон камповите C1 (лево) и C2 (зад планинарот)


11 август 2014, рано наутро


Таџикистан


Некаде е порамно


Некаде пострмно


Најстрмната делница


Далеку е врвот


На врвот Ленин (7.134 м.) со знамињата на ПСД Макпетрол од Скопје и на Македонија


На врвот Ленин (7.134 м.) со знакот на „Рамстор Македонија“


Надолу кон кампот C3


После 15 часа во кампот C3


Со Јоланта во базниот


Сертификат Борче Ѓ.


Сертификат Горан Н.


Бишкек


Бишкек


Пештерите на Кралот Соломон


Шашлик – киргистански специјалитет


Езерото Исик Кул


Lenin Race 2014 – планинарска трка

 

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje