Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Пештера Пешна и Девини Кули - 23 октомври 2012

Регионот на Поречје се наоѓа во централниот дел на Македонија, следејќи го горниот тек на реката Треска, во околината на Македонски Брод, па се протега во правец на езерото Козјак. Теренот е претежно варовнички со доста голи брда на кои може да има малку трева и пониски грмушки. Но токму таа варовничка природа овозможила тука да се појават бројни интересни појави, пред се пештери, јами, понорници, извори на минерална, на солена вода. Минатата година во декември бевме на овој терен и се качивме на врвот Бел Камен, а потоа поминавме до селото Крапа, од каде Крапска река понира и потоа се појавува нејзината вода на неколку места, 5 - 6 километри подалеку.

Оваа акција за пештерата Пешна ни беше во план пролетта, но поради лошата временска прогноза ја одложивме. Затоа оваа мирна и сончева есенска недела решивме да си ја оствариме дамнешната желба и да го посетиме овој терен, во една убава, лежерна прошетка. Појдовме од Скопје со три возила, 11 души, околу 6 часот наутро. На патот од Кичево кон Македонски Брод не дочекува магла која креира интересни визуелни ефекти - додека ние се возиме кон нашата дестинација.


утринска измаглица на патот Кичево - Македонски Брод

Накратко застануваме на бензинската во Македонски Брод за да докупиме нешто што ни е потребно, па потоа преку Самоков пристигаме до крстосницата која води кон селото Локвица. Тука, не неколку стотини метри од одвојувањето, се наоѓа пештерата Пешна, пештера со најголем отвор на Балканот - околу 16 метри во ширина и околу 50 метри во висина, со висина на таванот од околу 30 метри. Отворот уште од далеку се забележува. Ги паркираме колите покај патот - има тука една куќа - ресторан и веднаш до него еден сега напуштен магацин - "Божји Рај" - така да привремено рајот е ненаселен. Покрај него води убава тревна патека и потоа продолжува во уредена патека од камења засводена со растенија од типот на капинки и слични растенија со боцки. На патеката има поставено информативна табла за пештерата.


патеката кон влезот на пештерата Пешна

Пештерата не фасцинира со својата големина - барем на големината на влезот. Ќе беше убаво таквиот вовед да има и малку побогата разработка, но - природата така решила во овој случај. И карпите кои го опкружуваат влезот се многу убави и предизвикуваат на качување - но за тоа е задолжителна алпинистичка опрема.


влезот на пештерата Пешна - од малку подалеку

Пештерата е долга само околу 100 метри - во неа има остатоци од средновековна тврдина со дебели ѕидови. Има многу приказни, преданија за името Пешна, - дека била сестра на Крали Марко а во близината, од другата страна на реката на едно изолирано брдо се наоѓала тврдината на втората сестра - Дева. Од внатрешноста на пештерата се гледаат Девините Кули. Во пештерата живеат и доста лилјаци - ние не видовме многу но успеавме да видиме по некој. На пролет од пештерата блика вода - поток за кој е докажано дека водата потекнува од понорницата Крапска Река. Дел од тие води избиваат и на уште неколку места во околината. Но сега - во оваа доцна и многу сушна есен - немаше ниту капка вода, иако јасно беа видливи траговите од делувањето на водата.


поглед од внатрешноста на пештерата


како во прикаските

Прошетавме низ сите агли на пештерата, во која има доста паднати камења. Влеговме и во најтесниот дел кој беше како пештера во пештера - ситен материјал како прашина, најверојатно исушен и исситнет измет од лилјаци. Тука моравме да користиме челни лампи. По комплетното разгледување се вративме ка колите и тргнавме до блиското село Девич - односно уште малку понатаму - до ранчот "Мак-Викинг "од каде почнува патеката во правец на Девини Кули.

Патеката се движи покрај реката Треска која тука мирно но моќно тече. Паднатите лисја од дрвата ни направиле прекрасен тепих по кој се движиме.


на пат кон Девини Кули

За околу половина час се стигнува до кулата. На тоа место реката прави една голема кривина во форма на свиткан лакт, а лактот е всушност брдото. На врвот е кулата. Порано целиот горен дел бил опашан со ѕидини, од кои се уште се гледаат некои остатоци. Ние приоѓаме од задната страна - од спротивната страна на реката. Се качуваме на кулата - разгледуваме. Од ова место се пружа пекрасен поглед на околината, а особено на пештерата. Под кулата правиме мал одмор во тревата и потоа се спуштаме од другата страна - кон реката, така да си правиме цел круг.


остатоци од Девини Кули


поглед од кулите надолу

На враќање наидуваме на една огромна ливада со свежа зелена трева - веднаш во близина на реката - на која пасеа поголем број говеда. Малку понатаму има извор со обилно количество вода - веднаш под патеката - од кој веднаш поаѓа широк поток, кој после неколку десетици метри се влева во реката Треска.


убавата ливада

Стигнуваме до колите кај ранчот "Мак Викинг". Местото го знам од порано - читав на Internet за повратниците од Данска кои направија ранч за одгледување ноеви, ресторан и неколку соби за гости - прекрасна работа - се она што е потебно за развој на селски и планински туризам. Но за жал, ете, оваа година не работи за гости. Тажна македонска класика - самите си ги уништуваме убавите работи - друг за тоа не ни е потребен. Љубезните домаќини се тука - не поканија на чашка ракија и муабет во дворот. Убаво си поседовме и си поразговаравме.


"Мак-Викинг"

Потоа одиме уште на едно место - неколку километри надолу по текот на Треска - во близина на селото Слатина - ги бараме познатите Слатински извори, каде има и пештера - во која тешко се влегува и која има најдолга мрежа ходници во Македонија - досега се поминати околу 4 km - додуша мали и тесно проодни ходници - канали. Но во секој случај - интересно да се види.


поглед кон Бабино брдо и малата пештера во брдото


мал отвор кој изгледа длабоко продолжува во пештерата

Дојдовме таму, според она што читав на Internet, гледав на топографски карти - тука треба да се изворите. Но извори - нема. Баравме околу. Погоре видов некој отвор како пештера, појдов да видам, но не е тоа. Ме чуди зошто таква атракција која е убаво опишана на Internet - не е обележена во реалноста со некој патоказ, табла. Подоцна поминаа некои луѓе со возило од селото и ни кажаа дека изворите веќе подолго време се пресушени. А селото Слатина има и други рекички, слапови, пештери и работи интересни за гледање. Не појдовме таму дека беше толку суша што беше јасно дека ниту една рекичка нема вода - а за пештерите прво треба да се знае точна локација, второ - спелеолозите ги кријат влезовите за да не влезат крадци на природните убавини, а трето за такво нешто ни треба и спелеолошка опрема, според информациите што ги прочитав. Затоа седнавме покрај реката и не плачевме, како што би умееле некои да постапат, туку направивме скара, па јадевме, одморивме и - сепак побогати за уште едно искуство - попладнето се вративме во Скопје.


убавата и мирна долина на Треска - мислиш си на крај на свет - никој нема


детали од пикникот - за оние што мислат дека само трчаме по планини - знаеме и пикник да направиме

 

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/PeshnaDeviniKuli

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Тања Манчева, Петар Герасимов, Радосав Тасевски
, Марин Стојановски, Владимир Сикавица, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje