Баба планина : Големо Езеро - Пелистер - Брајчино (20 - 21 август 2011)
… Морав да ги дофатам
сите висини на светот …
Aко не се сеќавате каде сте ги чуле овие стихови, еве уште два:
...Ништо не е сменето
шушка молика ...
Овој викенд пред нас е откривање на тајната на Големо Езеро, врвот Пелистер и патот кон преубавото село Брајчино ....
20 Август 2011, 9 часот, Ниже Поле – село во подножјето на источната страна на планината Баба, на 1.100 м надморска височина
Повеќе од 25 искусни и помалку искусни планинари, во организација на ПСД Макпетрол Скопје, се подготвуваме за искачување. Во акцијата земаат учество и четири планинари од планинарскиот клуб Балкан од Белград.
Пред нас се 7,7 км узгорнина и 1100 надморска висина, до нашата прва станица – Големото Езеро.
1 делница: Ниже Поле (1.200 мнв) – Големо Езеро (2.226 мнв), 7,7 км за околу 3,5-4 часа
2 делница: Големо Езеро – врвот Пелистер (2.601 м), околу 5 км за 5 часа (одење и враќање)
3 делница: Големо Езеро – Брајчино (14,5 км за 5 часа)
Последни припреми пред поаѓање ...
Малите пријателчиња нe испраќаат во поход ....
Натоварени со ранци и со добро расположение, поаѓаме нагоре, по релативно благата и добро обележана патека. Целиот пат е на сонце. Времето е топло, но сепак нe “лади“ помислата дека големите градови се доволно далеку од нас, а езерото доволно блиску, на само неколку часови.
Од време на време има понекоја сенка, па застануваме да се одмориме, но и да украдеме некоја фотографија -скромен исечок од прекрасната природа околу нас.
Речиси на самиот почеток на патеката се поздравуваме со првите молики.
Некои луѓе веруваат дека петолисниот бел бор кој се среќава овде, на Баба и уште само на неколку планини на Балканот е токму коренот на името Пелистер – пет лисје. Глетките се прекрасни. Иако чекориме на сонце и станува сe потопло, шумата наоколу ни дава сила да продолжиме. Од сопствено искуство, на секоја планинарска патека има по некој “природен“ видиковец кој како да е намерно поставен тука и мами да застанеме, да се одмориме и да се восхитуваме на убавините о1колу нас. Погледот кон Ниже Поле е волшебен. Селото се гледа далеку под нас, а само пред неполни три часа бевме во истото тоа село.
Ниже Поле под нас ...
Голем дел од планинарите се млади и весели луѓе. Овде се за првпат, но очигледна е нивната радост при сплотувањето со природата.
Ергелите коњи блиску до нашиот “видиковец“ го прават доживувањето потполно.
За жал, она што никој не го посакува, е густиот чад, како ја заматува глетката од север. Сакаме да веруваме дека е мал и локален оган, но времето ќе покаже дека денес се случува катастрофа ...
После подолга пауза на “видиковецот“, продолжуваме повторно нагоре, во пресрет на единствениот извор на патеката (не броејќи го оној во самото село). Добро ќе ни дојде водата, зошто резервите ни се веќе при крај, а жедта е сe поголема. Како што ги преоѓаме 2000те метри надморска висина, се менува и ликот на планината. Шумскиот појас полека се гаси, а почнуваат широките пространства со ниска вегетација. После околу четири часови пешачење, како што се доближуваме до првата цел - Големото Езеро, енергијата расте. Убавината е можеби и во изненадувањето - не можеме да го видиме ова планинско око, речиси до пред самиот крај. И тогаш ... се појавува пред нас, во сиот свој сјај ...
Големото Езеро (фотографијата е сликана од горе, а не при пристап од долу ...)
Овде нe чека Планинарскиот дом. Поголемиот дел од планинарите го поминуваат остатокот од попладнето во добро расположение и средување на впечатоците од изминатите часови.
Малата црквичка, на јужниот брег на Големото езеро
После куса пауза од околу час, седумина од нас продолжуваме натаму - во освојување на врвот Пелистер. Пред нас се уште 5 км и нови 400м надморска висина нагоре. И покрај, долгите часови пешачење, сe уште сме ентузијасти. А како и не би биле. Патеката и не е многу напорна, а глетките наоколу се најголемата награда. На запад, низ магла и облаци може да се види Преспанското езеро. Малку понатаму е Галичица. На некаде третина пат до врвот е Малото Езеро. Помало е, но никако помалку убаво.
Продолжуваме освежени, знаејќи дека врвот со своите 2601 метар ни е на дофат. После два и пол часови, пристигаме. Пред нас е препознатливиот објект на Македонска Радио Дифузија.
Ги овековечуваме овие моменти фотографирајќи се крај споменикот на Димитар Илиевски Мурато кој го загуби својот млад живот остварувајќи го својот сон - освојувајќи го највисокиот врв на светот Монт Еверест.
За некои од нас, ова е и прво вистинско освојување на планински врв (иако, мислам дека секојпат чуството кога се искачува некој врв е еднаков силно). Пресреќни сме!
На врвот, од лево кон десно: Марко, Милан, Климентина, Весе, Биле, Миланка
(недостига Дражен, кој е заслужен за оваа фотографија)
... а ете го и Дражен (назад, десно)
Добриот домаќин (вработен во МРД) нe закрепнува со чај од мајчина душичка. Никаде чајот нема таков вкус и мирис како на свеж, планински воздух, после многу часови напорно пешачење.
Се враќаме назад, кон Големото Езеро, за да се приклучиме кон останатиот дел од екипата. Наместо по патеката по која што се искачивме до врвот, се враќаме преку сртот на Широко Стапало. Вака е можеби пократко, но патот е полош – мораме да преминеме преку многу камења и високи треви. Кон домот, некаде над Галичица, нe испраќа и прекрасниот залез на сонцето.. Чудно е, како секојдневните појави се секој пат, повторно и повторно единствени.
За денес ... веќе ништо повеќе не е важно. Пелистер е позади нас, освоен .... и сакаме да веруваме – барем за момент покорен од мала група среќни луѓе.
Во Домот, атмосферата е веќе на врвот. Како и вообичаено, со гитара и песна го славиме нашиот мал поход. ...
21 Август, 8 часот изутрина
Наспани и освежени се собираме пред домот. Ги правиме групните фотографии пред да продолжиме во ново патешествије кон Брајчино.
Дува прилично силен ветер, студено е и е право освежување споредувајќи со искачувањето од претходниот ден. Пред нас се нови 14,5 км и помислата дека пешачењето ќе го завршиме со бањање во Преспанското езеро. Патот се простира кон запад.
Многу скоро по поаѓањето, Преспанското Езеро веќе се гледа на дланка. Може да се препознаат и двата дела – Големото и Мало Преспанско езеро, издвоени со копно. Поголем дел од патот, езерото е вистинска инспирација.
Уште еден природен видиковец ...
Долж горниот дел од патот може да се видат голем број т.н. камени реки, карактеристични за Пелистер. Некои од нив се на самата патека, па мораме со внимание да ги преминеме.
Камените реки на Пелистер
Како што дува ветер, многу често се чувствува мирисот на мајчина душичка. Налетуваме на и на мало поле од малинки. Останала по некоја. Верувам дека има многу љубители на природата како нас (некои од нив веќе и сретнавме дента) па сите вкусиле по некој плод како и ние.
Движејќи се надолу, ако ги затворите очите ... може да го чуете и шумењето на Брајчинска река некаде далеку во подножјето. Средниот дел од патот минува низ папрати, а последниот дел го минуваме низ густа дабова шума. После долгиот пат по планината, низ шумата се движиме полека и релаксирано, како весели Црвенкапи, свесни дека успешно го привршуваме нашиот поход.
Сосема при крај, буките ги заменуваат дабовите .... и веќе пристигаме до селото Брајчино.
Еве како изгледаше патеката што ја оставивме позади нас...
(Патеката е означена со помош на мобилен телефон и апликацијата SportyPal)
Се упатуваме кон Претор. Таму нe чекаат 3 часа плажа. Бањањето, после 2 дена напорно пешачење е вистинско освежување.
Во 17.30, поаѓаме назад кон Скопје. Треба да стигнеме на време, за нашите пријатели од Србија да го стасаат автобусот кон Белград.
На патот кон Битола, од десна страна се поздравуваме со Пелистер.
За жал, набрзо потоа, се гледаат падините и шумите опустошени од огнот. Авионите за гасење пожари сe уште црпат вода од Преспанското езеро обидувајќи се да го згаснат, а над Битола е надвиснат чад. Ужасно тажна глетка. Толку пепел на места, кај што само ден претходно имало млада молика ....
Жалиме за тоа што му се случи на Пелистер, но и се надеваме дека е секогаш поголем бројот на оние кои ја сакаат и почитуваат природата, од оние кои ја уништуваат ...
Овде нема да ги прикажеме сликите на опожарената планина, зошто сакаме да останеме во добра мисла.
“Викендот беше прекрасен...“
Автор на текст: Климентина Тунтева
Фотографија: Климентина Тунтева, Димитар Мариновски, Билјана Спасовска
|