Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Osogovo Ultra Trail Running - 10 април 2011

Уште кога ја добивме идејата за организирање на акција по трасата Гасоводот - имавме идеја да се организира трчање по таа патека. Знаевме дека има момци и девојки расположени за трчање на долги дистанци по планина и сакавме да направиме и таква манифестација. Но се некако други работи имаа приоритет, па еве по три години организирање на маршот - успеавме да се организираме нешто и да истрчаме.

Јас секако требаше да ја поминам замислената патека и за едната и за другата група од маршот за да извршам некое минимално маркирање, па си помислив дека би било добро да издвоиме помала група тркачи и промотивно да ја поминеме патеката - а јас попатно да ја маркирам.

Во неделата - 10 април 2011 група од пет што планинари, што тркачи, што обете - се собравме на појдовната точка на оваа акција - ГМС Жидилово. Таму ја оставивме колата во кругот на објектот, ги земавме малите ранчиња со потребната вода, малку храна и облека и појдовме на нашата тура.


На стартот во 8 часот наутро : Трајче, Јоцо - Тајфун, Иван, Жико, Васко

Патеката се движеше од ГМС преку селото Узем, па преку едно мало мовче на Крива Река излегуваме на шумски пат кој кривудаво се искачува нагоре во правец на врвот Калин Камен. Во близина на бачилото под Калин Камен има убава чешма на која може да се обноват резервите со вода. Планинарскиот марш е предвиден да оди до таа точка, па потоа да се спушта надолу во правец на с. Станци. Ние продолжуваме понатаму нагоре до Царев Врв (Султан Тепе) на места наидувајќи на снежни јазици и се посилен ветар. На врвот ветрот е силен околу 50 - 60 km/h и доста студен. Правиме мала пауза обидувајќи се да се скриеме зад полусрушените ѕидови на старите караули, но силниот ветар врти крукчиња и не наоѓа и таму. По 10 минути облекуваме се што имаме од облека и се спуштаме со трчање надолу. Студено е и почнуваат да ни мрзнат образите и рацете. По десетина минути трчање надолу ветрот ослабнува, па ние порелаксирано продолжуваме натаму.


покрај бачилото под Калин Камен


поглед кон Царев Врв


на врвот

Правиме пауза кај една чешма по патот - Алтан чешма и продолжуваме по левата страна на ридот - од спротивната страна на Калин Камен - за да се упатиме кон селото Станци. По долгиот 'рбет на ридот, по убава тревна патека трчаме и уживаме во убавината на природата. Се спуштаме до селото Станци, кое е прекрасно село од расфрлан тип, со срдечни луѓе спремни за разговор а и многу вредни - сите ниви и дворови им беа убаво средени, обработени, наместени. Слегувањето по селото трае подолго и конечно стигнуваме до рекичката под селото. Минуваме мало мосте и продолжуваме некои 500 метри по патот. Потоа вртиме во десно пак преку мало мосте и по еден стрмен пат се упатуваме нагоре - во правец на бандерите кои водат за селото Б'с.


одмор кај Алтан чешма


спуштање накај с. Станци


селото Станци


селото Б'с

Од селото Б'с каде во горниот дел има убава чешма, продолжуваме по патот над селото и наскоро се искачуваме на врвот на ридот - на кој минува асфалтен пат кој продолжува нагоре кон Ловечките колиби во правец на Калин Камен. Ние по асфалтот трчаме надолу околу 1,5 km до моментот кога треба да се одвоиме во десно за шумската патека кон манастирот св. Јоаким Осоговски. Во манастирскиот ресторан правиме мал одмор и потоа продолжуваме прво по патот, па потоа по земјен пат кон селото Долно Варовиште, а оттаму по козји патеки до ливадата над селото каде што минува гасоводот. Од оваа точка главно го следиме гасоводот надолу во правец на село Жидилово. Излегуваме на асфалтниот пат кај село Жидилово и по отприлика 1 km доаѓаме до крајната точка на нашата тура - ГМС.


кон манастирот


кај чешмата на пат кон с. Жидилово по патеката на Гасоводот


враќање на почетната точка

Изминавме 44 km со висинска разлика од околу 2230 m за околу 8 и пол часа сметајќи ги и паузите. Во голем дел од патеката трчавме, а онаму каде што беше поголема угорница, одевме но со брз чекор. Сите учесници беа спремни физички и искусни во движење по ваков тип на терен - никој не се повреди, никој немаше воспаление на мускули. Се надеваме дека наскоро пак ќе организираме слична акција.

Технички податоци:

Должина на патеката : 44 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 2235 m
Најниска точка : 800 m
Највисока точка: 2084 m


3D патека (со виолетова боја)


профил на патеката

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/OsogovoUltraTrail#

Автор: Трајче Панковски



© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje