Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Галчин и Орле - 24-25 април 2010

Во близината на Кавадарци има неколку планински врвови кои се навистина интересни и кои привлекуваат внимание уште од далеку, кога се движиме по асфалтниот пат кон Кавадарци и Прилеп. Со својата убавина особено се истакнува врвот Орле - т.е. она што луѓето од овој крај го нарекуваат Орле, а всушност е врвот Галчин. Галчин и Орле се два врва еден до друг, карпести и привлечни за качување, а со својата висина и позиција доминираат над целиот тој предел. Не се со голема висина - 1472 и 1480 метри, но сметам дека апсолутната висина на еден врв не смее да биде мерило за тоа дали треба да се оди на тој врв, дали е доволно убав, интересен, претставува ли предизвик. Галчин и Орле се навистина голем предизвик и големо залче за секое планинарче и јас заедно со моите пријатели Марин и Васко топло ви го препорачуваме неговото искачување.

Како и секогаш пред да одиме на некој досега од нас непосетен врв, барем една - две недели правиме подготовки - читаме за теренот, анализираме карти, консултираме GoogleEarth и бараме искуства од планинари од тој терен. Така беше и овој пат. Сега имавме среќа што наидовме на средчен и пријателски одзив на планинарите од П.Д. "Орле" од Кавадарци, на претседателот Зоки и на доајенот на македонското планинарење и спелеологија - г-н Јоже Змајшек. Со нив бевме во телефонски контакт повеќе пати и тие ми дадоа добри упатства и со кои - што беше и најважно во овој случај - договоривме средба во Кавадарци.

Сабота, 24 април 2010, во 11 часот поаѓаме од Скопје. Патот до Кавадарци бргу поминува, ние едвај чекаме да ја реализираме оваа акција, која веќе две-три недели наназад ја одлагаме поради лошата временска прогноза или поради обврски на некој од екипата. Сега, конечно влегуваме во Кавадарци и се упатуваме кон куќата на г-н Јоже. Му се јавуваме по мобилен и тој излегува да не пречека. Прекрасен човек кој со години бил пионер на планинарењето во Кавадарци и околината, и спелеолог, едно време и претседател на Спелеолошката федерација на Македонија. Човек скромен, но со огромно знаење и искуство кое едноставно извира од него, од неговиот поглед и говор.


пред куќата на г-н Јоже Замајшек: Јоже со Марин и Васко

Се задржуваме накратко во обиколка на неговата куќа која домакински ја средил и ја одржува, па одиме на средба со останатите планинари од П.Д. "Орле". Тука сме околу половина час и за тоа време ги разгледуваме на карта пристапните патеки за Галчин и Орле, можните алтернативи за враќање, а потоа зборуваме и за понатамошна соработка на нашите две планинарски друштва. Тука дознаваме и дека врвот Галчин во локална употреба си го викаат Орле и најчесто се искачуваат на тој врв. Ние секако - имаме за цел да ги посетиме и двата врва.


Бранта на езерото Тиквеш - нашата појдовна точка

Околу 14 часот сме кај "бранта" - како што тука ја нарекуваат браната. Го оставаме возилото на бранта и со ранците на грб поаѓаме по патот кон село Шешково. А ранците се прилично тешки - носевме шатори, лежалки, вреќи за спиење, примуси, тенџериња, прибор и храна за два дена.

Патот во почетокот оди покрај прекрасното вештачко езеро, издигајќи се над езерото на околу 150-200 m. Оттука имаме прекрасен поглед на пределот. Пролетта веќе зела замав, па речиси секаде доминира зелената боја. По патот наидуваме на неколку многу длабоки долови по кои течат јаки потоци - општа карактеристика на оваа планина беше што речиси секаде се наидува на вода.


на патот кон с. Шешково

Селото Шешково се наоѓа на околу 600 m надморска висина и патот до него вијуга лево - десно околу 9 km. Имало и некои кратенки, ама ние не сакавме да ризикуваме и да фатиме погрешна кратенка. Времето беше облачно, така да главните врвови беа во магла, а на два пати по 10 минути не фати ситен дождец, кој не направи никаков проблем - продолживме да си одиме освежени од капките. Во добри временски услови врвовите Галчин и Орле би биле постојано пред очите на тие што тргнале кон Шешково. Не знам дали е тоа добро или лошо - за некои со послаба воља кога би виделе колку се далеку - таа слика би била дестимулативна.


врвовите Глачин и Орле од патот за Шешково (ова е снимено на враќање)

Малку пред 16 часот стигнуваме во селото Шешково. Прво се наидува на еден споменик на борците од втората светска војна и во близината има голема чешма со три цевки од кои тече силна вода. Застануваме тука да се одмориме малку и да се напиеме вода.


споменикот кај с. Шешково

Во селото сретнуваме луѓе по куќите, ги поздравуваме. Тие не прашуваат од каде сме, каде планираме да одиме. Во селото од десетина куќи има 3-4 чешми, на секои 50 метри има чешма. Луѓето се пријатни, сакат да помогнат. Ги прашавме и нив за патеката кон Орле и ни покажаа од каде треба да одиме следниот ден.


село Шешково

Ние појдовме малку под селото за да ја посетиме селската црква поветена на Пресвета Богородица, особено затоа што г-н Јоже ни препорача таму да го видиме ѕвоното, излеано и наместено во 1905 година. Кога стигнавме таму заклучивме дека најдобро ни е да спиеме тука, кај црквата. Местото беше прекрасно, во близината имаше многу убава ливада од која имавме поглед на врвот Галчин (веќе облаците беа кренати и се гледаше врвот) и тука можевме да престојуваме а никому да не му пречиме. Појдовме до една од чешмите да наполните кантичка со вода од 5 литри, и се вративме кај црквата.


ѕвоното на црквата - од 1905 година


црквата со звоникот


ливадата и поглед кон врвот Галчин

Имавме доволно време да собереме гранки за оган, направивме убава вечера со колбаси печени на жар. Марин пронајде еден камен со речиси идеална топчеста форма и тоа беше повод да се оранизира краток натпревар во куглање празни пластични шишиња. Подоцна, кога веќе се стемни, го извадивме Primus-от и направивме по еден чај пред легнување.


подготвување на чај

Легнавме околу 9 и спиевме прекрасно. Утредента закажавме станување во 6 часот. Направивме супа за појадок, каснавме и уште нешто, па околу 7 часот се спакувавме и појдовме нагоре по планината. Патеката оди над селото и за многу кратко време се стигнува до една ливада каде што има извор со вода - селаните ни рекоа дека таа била најбавата вода за пиење. Пробавме каква е водата и продолживме нагоре. Се оди по убава шумска патека - солидно и многу логично измаркирана од членовите на П.Д. "Орле".

Се оди така околу еден час до висина од околу 1000 m. кога се излегува на сртот на ридот над селото и сега треба да се скршне во десно под остар агол и таму да се пронајде маркацијата. Патеката потоа оди до една ливада каде за прв пат пак може да се види врвот Галчин, но сега доста од поблизу. Не се оди многу во висина, туку по изохипса се приближуваме кон Галчин. На висина од околу 1080 m се стигнува до една чешма од која сега патот оди во висина и се упатува речиси директно кон врвот. На едно-две места маркацијата како да се губи, но по кратка потрага може да се најде и наша препорака е да си ја побарате маркацијата - ќе заштедите и време и енергија.


под Галчин

Оттука има и понатаму маркација, но практично веќе не е ни потребна, се се гледа пред нас и по гребенот од десната - северната страна се искачуваме. Патот до врвот е стрмен и убав - за оние кои сакаат карпести врвови. Левата страна на врвот е една убава речиси вертикала, која би била згодна за алпинистичко искачување.
На самиот врв Галчин има ставено стилизиран огромен алпинистички клин.


стрмниот успон кон врвот Галчин


На врвот Галчин (1472 m)


Васко и Марин на Галчин

На врвот не се задржуваме многу, виновник за тоа е глетката од спротивната страна ни го привлекува вниманието. Ако страната по која досега одевме беше пошумена и целата зелена, оваа другата страна е карпеста и убава на свој - див начин. Обемени од карпите заборавивме да одмориме тука туку веднаш се упативме надолу по карпите кон седлото помеѓу двата врва.


од другата страна на Галчин - карпи

Како што се спуштавме надолу погледот се повеќе се отвараше кон прекрасните плочи на Галчин, видливи само од оваа страна. Прекрасен терен за алпинистички акции, каде што би можеле да се направат повеќе првенствени насоки. Во тој момент небото се наоблачи и врвот се обви во магла, така да доби уште попривлечен изглед.


карпите на Галчин во магла

Продолжуваме кон Орле. Од седлото кон врвот Орле има слој на шума и грмушки низ кои треба да се пробиеме. На крајот пак излегуваме на карпи. Но врвот е подалеку - уште околу 300 m кон северо-запад. Патот дотаму е по карпест гребен, на места со помали стрмни искачувања, во тие моменти потсетува на "Новогодишна" насока на Матка. На Орле сме околу 11:15. Поседовме на врвот десетина минути уживајќи во глетката што се отвара на сите страни, Кожуф, Кајмакчалан, Козјак, Ќаве, а најмногу на Галчин.

Видео од искачувањето на врвот можете да погледнете <тука>.


на пат кон Орле


пред самиот врв Орле (1480 m)


пауза на Орле


поглед кон карпите на Галчин

Во меѓувреме времето се подобри, облаците се тргнаа, огреа малку сонце и можеше многу поубаво да се гледа целата околина. По десетина минути се собравме, ранците на грб и појдовме назад, по истиот пат. Првобитната идеја ни беше да правиме некоја кружна тура, но променливото време, густата шума и фактот дека во овие предели ретко се движеле луѓе и голем дел од патеките се зараснати, сето тоа беа доволно убедливи агрументи да не експериментираме премногу и безбедно да се вратиме назад. И онака од Орле до Шешково има 8 km, а потоа не чекаат уште 9 km до браната.


Блиска средба со можните алпинистички насоки на Галчин


поглед кон интересна карпа во близина на с. Праведник


назад по шумската патека

Патот назад беше како песна - среќни од остварената цел, од убавите глетки што ги видовме. На изворот над село Шешково застанавме пак 10 минути за да ручаме по една конзерва. На чешмата кај споменикот застанавме да се напиеме вода. Тука го сретнавме Зоки, дечко од с. Шешково кој има клуч и се грижи за зградата од школото кое едно време било планинарски дом, но кое по се изгледа пак може да се искористи за таа цел ако се најавите на време и потоа побарате клуч од Зоки. Таму има кревети и може да се престојува.


куќа во с. Шешково


магаренце со шишки


кај чешмата во с. Шешково


овчарот Перо и неговото куче Мрчо


на крајот се појави и орел за да го оправда името на нашата експедиција

Така, нога по нога, цап-цуп, уште девет километарчиња, за да вкупно за овој ден салдираме 25 km, стигнавме кај браната. Стигнавме околу 17 часот. Таму љубезниот чувар не фотографираше со врвовите во позадина. Уште една успешна акција на нов терен, уште едно прекрасно искуство.


тројцата истражувачи и двата врва во позадина

Технички податоци:

Должина на патеката : 34 km
Вкупно искачување : 1470 m


профил на патеката - за двата дена


топографска карта со патеката


Бранта-Шешково-Галчин-Орле


Шешково-Галчин-Орле


автор : Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje