Олимп - Во пријателска посета кај Зевс - 19-21 септември 2014
Олимп е секогаш актуелна дестинација која ги става на проба планинарската кондиција и психичката подготвеност. Врвот МИТИКАС со своите 2917м е прав адреналински предизвик. Така беше и овој претпоследен викенд во септември кој ветуваше убаво време. Групата од 12 планинари тргна во петокот рано наутро од Скопје со цел да се искачи до 2700м, до планинарскиот дом GIOSOS APOSTOLIDIS . Сите одевме првпат по патеката од GORCIA преку PETROSTRUGA и SKURTA до ПЛАТОТО НА МУЗИТЕ. Тоа е една извонредно убава и живописна патека која особено над 2500м не остави без зборови - бевме одушевени од убавината на природата. Искачувањето до домот траеше околу 7 часа со три-четири паузи за одмор. Сонцето веќе заоѓаше кога влеговме во домот. А домот е голем, со стотина легла, одржуван, со пристоен хигиенски дел и со ресторан. Освен нас таму веќе имаше уште доста планинари, повеќето Грци но и од други земји. Во големата просторија за обедување огнот во шпоретот - камин правеше пријатна атмосфера за разлика од надвор каде започна да дува јак ветар. За сместување добивме една соба со набиени кревети на спрат и имавме доста време да јадеме и да запееме. Перица не изненади кога уште по пат засвири на кавалот а во домот направивме мало шоу.
поаѓање од домот Giossos Apostolidis
Ветрот “ корнеше ” цела ноќ и ме остави без сон бидејќи бев загрижен како ќе се искачуваме по стрмниот и опасен усек до врвот. Утрото осамна сончево но ветрот сеуште свиреше. Причекавме до 7.30ч. малку да се смири па потоа тргнавме решени да се обидеме да стигнеме барем до некаде. Пред нас облеана со сонце беше стрмната СТЕФАНИ. По изохипса поминавме под неа и каква среќа - ветрот го снема, влеговме во заветрина.
Стефани - Тронот на Зевс
Искачувањето по стрмниот усек беше навистина захтевно, бараше максимална концентрација но затоа задоволството и радоста на сите нас на врвот беше огромна. Честитки, гушкање, сликање. А му се јавив и на Зевс со убаво викање за да му кажам дека стигнавме. За чудо и на врвот немаше ветар. Слегувањето исто така бараше максимална концентрација но се помина добро и радосни се вративме во домот. Околу 11 ч. тргнавме назад кон GORCIA. По патеката сретнавме многу планинари кои одеа кон домот. По 5 часа досадно пешачење стигнавме на почетното одредиште. Таму една група со кола се врати за Скопје а останатите отидовме во Паралија да ноќеваме. Утредента го искористивме навистина прекрасното време за да се капеме во морето до 15 ч. Па потоа едно гиро и назад кон Скопје. Околу 21 ч. Пристигнавме во Скопје расположени, освежени и радосни заради исполнетиот план, убавото време и дружењето кое се надевам во иднина ќе го продлабочуваме.
искачување на Митикас по кулоарот Louki
во горниот дел на искачувањето
на врвот Митикас
Поздрав и благодарност до сите учесници, се гледаме на некоја од нашите следни акции.
Автор: Никола Доновски
|