Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Олимп : Грција - 23-25 септември 2011

„Видете што добив“ прошепоти возбудено Мимоза, покажувајќи и го на Миланка домалиот прст на кого светкаше прстен. Миланка се насмеа и ја прегрна, честитајќи и од се срце. А, Андреј, широк како грамада отцепена од планината, стоеше настрана и се смееше. Е, тоа е планинар со цел. Си ја запроси девојката горе под облаците.

А, сето тоа се случуваше на Митикас, на 2.917 м, највисокиот врв на планината Олимп, во Грција. На планината на која, според грчките легенди, живееле боговите надгледувајќи ги смртниците долу. Но, сега „смртниците-планинари“ во организација на планинарските друштва „МАКПЕТРОЛ“ и „18 Август“ од Скопје, беа качени на врвот и се радуваа на успехот, заборавајќи на големиот напор при искачувањето. А, Митикас е навистина напорен врв за искачување, посебно ако во ист ден се искачува и симнува од врвот. 1.820 метри надморска височина само на искачување. И уште толку надолу.

     
Национален Парк Олимп                                                                            Групна слика на тргнување

Во 4 часот наутро со автобус тргнавме од приморската Паралиа кон Приониа (1.100 м.) каде што влеговме во Националниот парк Олимп. Потоа по патеката Е4 (дел од европскиот систем на планинарски патеки) која е добро уредена, широка, и која стрмно се искачува низ зимзелената шума. Од време на време низ дрвјата ќе се покажеше морето, но нам поинтересен ни беше погледот кон врвовите. А, боговите како да седеа на врвовите и коментираа: „Зошто не вознемируваат смртнициве на овој убав сончев ден?“ А, денот беше идеален за искачување. Сончево, тивко, без ветер, а планинарите добро подготвени и расположени.

     
Низ шумата                                                                            Поглед кон врвовите

Патем ја пресретнавме големата група планинарите од Врање, Србија, и се договоривме заеднички да се искачуваме кон Митикас, бидејќи и тие, како и ние, носеа јаже за обезбедување.

За околу 2:30 часа стигнавме до планинарскиот дом „Spelios Agapitos “ на 2.100 м. кој е еден од најлуксузните домови на грчките планини (интернет адреса на домот е www.mountolympus.gr ) Широк двор, место за шатори, трпезарија, добри јадења, соби. Ако не се преспива во домот само за користење на дворот за јадење се наплаќаат по 1,6 евра по планинар.

Над домот вегетацијата е поретка, а погледот фантастичен: морето и зелени долини во далечина, мирни линии на околните голи врвови и драматични амбиси.


Околината


Патеката кон врвот Скала

Кога луѓето ја видеа патеката кон врвот Скала, мислев дека сите ќе се откажат; досадна, долга патека, со ситни камења. Но, сепак на врвот Скала (2.866 м.) се искачија 23-ца планинари од нашата група. И уште толку планинари од Врање. А, уште толку бугарски планинари веќе се одмараа на врвот. Лево од Скала е врвот Сколио (2.912 м.), а десно е врвот Митикас.


Поглед кон врвот Сколио (2.912 м.) - од врвот Скала (2.866 м.)


Митикас, највисокиот врв на Олимп

Кога луѓето го видеа врвот Митикас се исплашија. „Јас таму да се искачам? Ниту во сон“ – велеа. Митикас е вистински хорор за неискусните планинари. Колку што врвот Сколио е лесно пристапен, толку врвот Митикас е непристапен: провалии, процепи, стрмни кулоари, ... Не разбираме зошто грците немаат ставено обезбедување до врвот (сајли, јажиња, клинови, ...), како што е на многу европски врвови.

Затоа поставивме јажиња на две места. Првото 60-метарско јаже по надесно-навалената стрмнина под врвот Скала се до дното на кулоарот, а второто 60-метарско јаже по средината на кулоарот кон врвот Митикас. Јажињата и советите на Миланка Арсиќ, планинарска водичка од Белград ги охрабрија и неодлучните да тргнат кон врвот.


Првото јаже


По надолнината

Искачувањето на Митикас е вистински адреналински шок за организмот. Се мешаат чувства на страв, возбуда, напор, храброст и инает. По кулоарот нагоре се искачувавме четвороношки, со наведнати глави, како да се поклонувавме пред боговите што ни дозволија да им се приближиме. Со прстите грозничаво баравме испусти во карпите, се држевме за јажињата, прескокнавме преку процеп како со нож пресечен меѓу две карпи.


Кулоарот под Митикас


По кулоарот нагоре, четвороношки


Процепот

На врвот, после едночасовно искачување, стигнаа 14 планинари од нашата група и други планинари од Србија, Бугарија, Полска, Германија. На врвот покрај малото метално грчко знаме се разавиорија големи знамиња со сонца и орли. Планинарите штракаа со фото апаратите, собираа камења за спомен, јадеа, се потпишуваа во книгата на впечатоци, се одмараа гледајќи наоколу.

 

     

  

Облаците почнаа да го заобиколуваат Митикас што беше знак дека мора да се симнуваме. Повторно внимателно, држејќи се за карпите и за јажињата, слеговме низ кулоарот и потоа се искачивме до врвот Скала. Ги ставивме ранците на грбот и тргнавме на долг пат кон домот и кон автобусот.


Надолу по јажето


Надолу кон домот

После скоро 13 часа целодневно пешачење, по мрак стигнавме во Паралиа. Вечерта повеќето беа изморени за планираната забава, но тоа не спречи дел од планинарите да се забавуваат до 2 часот наутро.

Но, затоа утредента, во недела, Коле и возачот Цане со армоника, тарабука и дајре направија забава на плажата и за планинарите и за туристите. Се пееше „Македонско девојче“ среде Грција, се играа ора и кола, им лепеа пари на чело на свирачите, ....

 

     
Мирно утро во Паралиа                                                                            Македонска забава на грчка плажа

Да, ова беше викенд за паметење.

50-тината луѓе од Скопје, Охрид, Битола, Белград, тргнавме кон Грција, кои на планинарење, кои на викенд-одмор покрај море. На едни им се оствари сонот да се искачат на Олимп, други си добија животен партнер, трети си купија бунди и кожни јакни, четврти пливаа во топлото море. Но, дома, сите се вративме во добро расположение.

А, да. Искачувањето на Олимп во септември ќе мора да стане задолжителен дел од нашите Годишни планови за планинарење во следните години. Коле тоа го стави во песната која им ја испеа на двајцата кои си дадоа збор на врвот (основа е народната песна „Сношти сакав да ти дојдам“).

Денес Андреј и Мимоза се верија,
Денес Андреј и Мимоза се усреќија,
Местото беше Митикас,
Планинари сватови,
Зевс и Хера кумови.

......

А, пак ние планинарите,
Голем џумбуш ќе направиме,
Секоја година на Митикас,
Годишнина да славиме.

 

 

Автор: Горан Николоски
Слики: Веселинка Георгиевска, Георге Пирузе, Дамир Смајловиќ, Борче Гелевски, Андреј Манчевски, Иван Трпков, Горан Николоски

ПСД МАКПЕТРОЛ – Скопје www.makpetrol.com.mk/planinari

Телефон: 02/3146 220, 070/725-880 (Никола Доновски, Претседател на ПСД Макпетрол)

E-mail адреса: planinari@makpetrol.com.mk , Nikola.Donovski@gmail.com

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje