Олимп - 27-29 јуни 2014
Овогодишната редовна акција на Олимп ја организиравме во терминот резервиран во годишната програма. Неколку дена пред поаѓање, како и секогаш, најважно од се ни беше да ја следиме временската прогноза. На разочарување на сите кои тој викенд имаа намера да го искачуваат Митикас, прогнозата не ветуваше дека успешно ќе ја изведевме акцијата. За останатите што сакаа да дојдат до Скала и можеби до Сколио и да му се воодушевуваат на величенствениот поглед кој од таму се пружа , и се разбира оние кои сакаа само да се разладат во морето под Олимп, мислам дека тоа не претставуваше некој посериозен проблем. Меѓутоа, оние што требаше да одат до самиот врв од безбедносни причини не смееја да имаат дожд и влажни лизгави карпи, во спротивно искачувањето на самиот врв ќе беше откажано.
Во петокот на 27 јуни на паркингот пред поштата кај железничка станица се собравме 28 души што требаше да патуваме со комбето тој ден. Во четвртокот, ден пред нас со две возила отидоа 6 планинари на кои им организиравме сместување. Со друго комбе пак, од Белград дојдоа 12 планинари кои претходниот ден биле на Кајмакчалан од грчка страна а со кои требаше да се најдеме во Грција. Имаше уште неколку души појдени во своја режија, што сакаа да ни се придружат и да ги водиме бидејќи им беше прв пат на Олимп, така што вкупната бројка на заедничката акција на ПК Балкан и ПСД Макпетрол изнесуваше околу педесетина учесници.
Во Лептокарија пристигнавме околу 22:30 ч. по македонско време, се сместивме во Хотелот за кој претходните денови преку Booking.com направивме резервации и побрзавме да ги направиме потребните припреми за претстојниот ден. отидовме на спиење релативно рано бидејќи 4 ч. во саботата наутро беше договореното време за тргнување со комбето во правец на Приони од каде што се поаѓа по стандардната патека за накај врвовите на Олимп.
Утрото, точно во закажаниот термин се најдовме пред комбето сите учесници од Македонија а со групата од Белград, уште од Скопје претходниот ден, се договоривме да се чекаме пред влезот во Литохоро, последното населено место пред Олимп. Како и секогаш прецизни и точни, се најдовме, се поздравивме срдечно со старите пријатели и сите заедно се упативме кон Приони од каде, токму на разденување го започнавме нашиот поход. Времето беше облачно, во долните делови во шумата малку спарно но стабилно. Така продолжи за целото време на искачувањето се до Скала 2866 мнв. во меѓувреме на секој 1 час правевме паузи од по 5 мин за освежување. Кај планинарскиот дом Агапитос на 2050 мнв. правевме поголема пауза за јадење и собирање на целата група. Околу пладне, кој порано, кој подоцна стигнавме на Скала каде за прв пат тој ден видовме сонце, на наша среќа се појави во правиот момент, токму кога стигнавме горе и кога ни беше најпотребно, за да се исушиме и одмориме, да јадеме, да ги почекаме останатите и да уживаме во глетката. Што се однесува до временската прогноза за тој ден уште еднаш се потврди правилото дека не треба претерано сериозно да ја прифаќаме... времето испадна, како би кажале „како порачано“. Искачувањето го теравме под идеални услови, во овие летни денови тоа можеше да биде вистински пекол. Вака, ја зачувавме енергијата за преостанатиот технички дел до Митикас, каде ни требаше полна концентрација. По кратката пауза јас и Момчило од Белград тргнавме со трите 60-метарски јажиња што ги имавме земено за обезбедување на групата, ги поставивме на најкритичните места и така успешно, движејќи се исклучително внимателно по карпите успеавме во голем број (околу 25 луѓе) да се искачиме до највисокиот врв на Олимп-Митикас, со своите 2917 мнв. втор по височина на балканот, само неколку метри понизок од Мусала 2925 м. во Бугарија.
Дел од групата остана на Скала, некои отидоа до Сколио 2911 мнв. а неколкумина тргнаа од Скала кон Митикас но на пола пат се одлучија да се вратат на Скала. Теренот не е ни малку наивен, многубројните плочки поставени по карпите не влеваат воопшто оптимизам и се многу добро предупредување за оние кои ќе дозволат еуфоријата да надвладее со разумот. Ситуацијата, кога ќе се најдете на тие карпи не дозволува импровизации, бара одредено техничко знаење, соодветна опрема и не дозволува паника, затоа ја поздравувам потполно зрелата одлука на неколкумината што се откажаа, за нив... како што велат, планината секогаш ќе биде таму, кога ќе се почувствуваат спремни, како и сите ќе успеат да се искачат на врвот. Честитки за нив, што го направија вистинскиот избор, за едно големо искуство што го добија тој ден и се разбира до останатите кои успешно се искачија и гордо ги развеаја клубските и државните знамиња. Убава беше глетката во која во исто време се вееја знамињата на Грција, Србија и Македонија... за мене неповторливо чувство... многу космополитско.
Автор на текст и фотографија : Петар Герасимов
|