Олимп : Мистична прошетка кај боговите - 28 јули 2012
Јули е месец за одмор од горештините - обично одиме покрај некоја вода, блага или солена и се ладиме во неа, а потоа си ги печеме телата на жешкото сонце - годишни одмори. Оваа година за кратко ја напуштивме таа шема - одморот на грчкото приморје во подножјето на Олимп го прекративме со еднодневно искачување на највисоката планина во околината - Олимп - митскотo пребивалиште на античките богови.
Пријателите од Скопје пристигнаа претходниот ден - петокот околу пладне и приквечер - се сместија во подножјето на Олимп - кампови и апартмани на плажата под Литохоро. Рано утро (околу 2:30 по локално време) поаѓаме со автомобилите - вкупно 16 души. Во 3:50 сме на месноста Prionia на околу 1000 м.н.в. каде што ги оставаме колите на паркингот, а ги ставаме ранците на грб и челните лампи на глава. Времето дури е и свежичко - пријатна промена после неколку врели денови покрај морето. Колоната се движи по мракот по добро разработената најстандардна патека на движење на Олимп. Некаде со зазоувањето се прибижуваме кон домот - Ref A : Spilios Agapitos.кој се наоѓа на висина од 2100 m. Тука правиме одмор од половина час - појадок, кафе, фотографирање на првите сончеви зраци и слични активности.
на паркингот на Prionia
одблесок на првите зраци над морето
првите сончеви зраци врз највисоките врвови на Олимп
Околу 7 часот нашето патување продолжува, со искачување на малку пострмната патека над домот. Наскоро сме кај таблата каде се двојат патеките кон Скала и по камењарот Зонариа. Ние, како што од порано бевме договорени, го следиме десното патче - Зонариа - кое се движи под најголемите карпести врвови. Интересно и убаво патче кое од оваа страна постепено не искачува до висина од околу 2750 m. Малку пред местото каде почнува главниот успон по кулоарот кон врвот Митикас здогледуваме помала група дивокози, помеѓу кои има и младунчиња. Времето до сега е сончево, но со повремено надоаѓање на бранови облаци - магла - формирани од испарувањата од подолните делови на планината.
сонце и облаци
Зонариа - патеката под врвовите
Зонариа - поглед наназад
мистичен (замаглен) Олимп
дивокозите мирно се шетаат
почетокот на главното и стрмно искачување кон врвот Митикас
Се фомира колона и полека го започнуваме искачувањето. Патеката е одлично маркирана и ако се следат маркациите, со потребна доза на внимание да не се лизне некој или да не направи одрон на камења - без некој поголем проблем може да се искачи врвот. Притоа се отвараат прекрасни погледи кон длабочините на овие каменести громади. Времето на почетокот на искачувањето беше магливо - облачно - но не многу, а како се приближувавме кон врвот, како што беше договорено - времето почна да се расчистува и да се појавува сонцето и модрото небо над нас како контраст на белите карпи. Има околу нас и групички на грчки планинари - сите заедно околку 9:50 се искачувме на врвот. а таму честитање, фотографии, малку јадење и пиење, запишување во книгата на посетители.
искачувањето по кулоарот
ете се расчисти времето и се отвори темно сино небо
на Митикас (2918 m) - честитање за успешното искачување
целата група на врвот Митикас
поглед кон прекрасниот карпест ѕид на врвот Сколио
на поаѓање надолу
Во 10:10 групата полека поаѓа надолу - по патеката во правец на врвот Скала - патеката Kakoscala - што значи лоша карпа - дел кој е стрмен и бидејќи е спуштање треба повеќе да се внимава тука да не се лизне некој отколку при искачување. Овој терен станува опасен ако е врнежливо времето. Но ние денес имавме среќа - времето убаво не послужи. За околу 50 минути пристигнуваме до врвот Скала каде веќе нема карпи туку се продолжува понатаму по нормална планинарска патека.
поглед надолу од другата страна - пострмната северо-западна страна
спуштањето надолу
еден од пострмните делови при спуштањето
последното искачување пред врвот Скала
Правиме одмор на Скала. Една група од нашите планинари заминува до блискиот врв Сколио - кој е втор по височина на Олимп - 2912 m. Ние остануваме уште малку на Скала па потоа полека тргнуваме надолу - кон домот Spilios Agapitos. Наскоро ни се приклучуваат и нашите пријатели кои беа на врвот Сколио.
нашите планинари на соседниот врв Сколио (2912 m)
спуштање надолу - пак се креваат облаци
За време на спуштањето речиси цело време е облачно времето, па на моменти дури и свежо - тоа е одлично за нас - многу подорбо отколку да не печеше сонцето по овој гол терен. Во домот пристигнуваме во 12:30 и тука повторно правиме половина час пауза пред да продолжиме со последното спуштање - до паркингот кај колите - Prionia. На Prionia последните од нас пристигнаа во 14:55 - така да за околу 11 часа заврши искачувањето и спуштањето од оваа легендарна планина. Не форсиравме, не брзавме премногу така да можеа сите од групата релативно добро да ја поминат патеката - можеби на некои им беше поспоро, на други нешто побрзо - но кога е поголема група секогаш е просекот - сарма. Најважно е дека убаво си поминавме, времето се погоди, имавме прекасни погледи на сите страни - тоа е она што ќе се памети од ова искачување.
детал од пониските делови на Олимп
на крајот не пречеуваат освежувачките води на рекичката Енипеос
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/MntOlimposGreece02#
Текст: Трајче Панковски
Фотографии: Тања Манчева, Петар Герасимов, Марин Стојановски, Александар Буцевски, Трајче Панковски
|