Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

На Олимп со ПСД Макпетрол - 20-22 септември 2013

Каде може да се помине последниот летен викенд во 2013 година, а да е погодно и за планинарење и за пливање? Па, на Олимп, секако. Сино небо и високи врв, сино море и песок.

Од 20 до 22 септември ПСД МАКПЕТРОЛ во соработка ПД Трансверзалец и со ПК БАЛКАН од Белград, веќе традиционално, организира искачување на еден од највисоките врвови на Балканот, Митикас на Олимп. Се собравме 45 и во петокот после пладне тргнавме кон приморското место Неи Пори, Република Грција. Стигнавме таман да се сместиме и одмориме пред саботното поаѓање кон Олимп.

Во саботата, рано, во 4 часот наутро, 39 планинари од Македонија и 9 планинари од Србија тргнавме кон Приониа. Оттаму, од 1.100 метри над морето, тргнавме кон Митикас. Не очекуваше напорен ден, во кого треба да се искачат околу 1.800 метри висинска разлика. Патеката генерално не е тешка за искачување, освен последниот дел, од врвот Скала до врвот Митикас, за кого, за посигурно искачување, е неопходно искуство и користење на техничка опрема.

Планинарската патека по која се движевме, дел од Е4 - Европската планинарска патека, е одлично уредена, на многу места во форма на скали со околна дрвена ограда. Над планинарскиот дом Refuge A (2.066 м), во кого ретко може да се најде место за сместување, водат патеки кон врвовите Скала и Стефани. Најголемиот дел од планинарите продолживме кон Скала, освен нашите пријатели од Белград и Република Српска кои тргнаа кон Стефани. Дента, планината беше полна со планинари. Патем слушавме грчки јазик, српски и македонски, полски, руски, албански, романски јазик.

Се до врвот Скала води досаден и стрмен пат, кој поради ситните камења е непогоден за искачување. Од врвот Скала се гледаше врвот Митикас, скоро на дофат на рацете. За посигурно искачување до врвот Митикас, понесовме и две јажиња со кои осигуривме две делници, едната под врвот Скала, и другата низ кулоарот, кон врвот Митикас. Но, сепак, на неколкумина планинари полесно им беше искачувањето на соседниот врв Сколио (2.912 м.), втор по височина во Грција. Другите, со шлемови на главите и со доверба во тие што ги водеа, тргнаа кон Митикас. Држејќи се цврсто на поставените јажиња внимателно ги слушаа советите на водичите Зоран Костадиновски од ПД Трансверзалец, Миланка Арсиќ од ПК Балкан од Белград, Билјана Митровска Шаго, Горан Филиповски водич во Националниот парк Маврово и Горан Николоски од ПСД МАКПЕТРОЛ, и успешно ги поминаа опасните делници се до врвот. А, опасните делници почнуваа веднаш под врвот Скала. Прво се спуштавме надолу низ тесен камин, потоа со помош на јажето по добро обележан, но изложен дел од лизгави карпи, се до дното на кулоарот, по кого штотуку се спуштаа група планинари од Елбасан, Албанија, во портокалови маички и лесни патики. Се загледуваа под очи во нашите јажиња и шлемови. Од врвот на првиот кулоар, со помош на кратка метална сајла која со триење ја изделкала карпата на која е поставена преминавме до дел низ лизгави карпи и тесен засек, чие дно е далеку долу, во долината. До врвот останаа уште 30-тина висински метри стрмна патека. Најверојатно, вакви и слични делницаки, на Алпите, би биле осигурени со метални сајли. Првата група наши планинари на Митикас се искачи околу 11:30 часот, а последната околу 13 часот. А, од врвот Митикас (2.917 м.), од тие што првпат се искачија на митската планина, дословно се слушаа врисоци на задоволство. И пораките во книгата за впечатоци, беа такви, слични изблици на задоволство; срца, големи букви и извичници. Од врвот Митикас ги видовме и планинарите кои се искачија на врвот Стефани. Следниот пат, веќе се договоривме, ќе организираме спиење во планинарски дом и искачување на врвовите Стефани и Митикас. На Митикас се искачија 23 планинари од ПСД Макпетрол, ПД Трансверзалец и ПК Балкан. 13 планинари се искачија само до врвовите Скала и Сколио.

По истата патека се вративме назад на Скала и, кога почнаа облаци да ги обвиваат околните врвови, тргнавме надолу. Во Неи Пори бевме околу 20 часот. Честитки до сите што се искачија на Олимп и благодарност што дојдоа на нашата акција.


Напишал: Горан Николоски, ПСД МАКПЕТРОЛ - Скопје

Слики: Зоран Костадиновски, Миланка Арсиќ, Магда Манојловска, Влада Мијаиловиќ - Мија, Љупчо Чучуковски, Tomasz Pezold .


Утринско планинарење по Олимп


Е4


Врвовите на Олимп


Refuge A


Кон врвот Скала


Првото јаже


Гужва низ кулоарот


Со второто јаже низ кулоарот


Секцијата после металната сајла


Металната сајла


На врвот Митикас (2.917 м.)


На врвот Митикас (2.917 м.)


Нашите пријатели на врвот Стефани


Успех


Ден после нашето искачување Олимп беше во облаци

Во продолжение е текстот на Валеријан Моневски, учесник на нашата акција, со негови размислувања за искачувањето на Олимп.

И БОГОВИТЕ ПАДНАА НА ТЕМЕ

На 21 септември 2013 година во раните утрински часови тргнавме да го освојуваме Олимп и неговиот највисок врв Митикас, 2917 метри. Походот беше предизвикувачки, несекојдневен и митски, затоа што појдовме да ја освојуваме планината на боговите. Желбата за искачување на врвот кај сите голема, спремноста на завидно ниво, ама ни едното ни другот не не качија на Митикас. На Митикас не качија боговите со дозвола на Зевс, богот на сите богови, врховниот господар на луѓето и боговите, господар на морето, небото, подземјето и земјата. Боговите ни беа наклонети тој ден и не примија во одаите на нивното царство сместени на највисоките врвови, ни дозволија слободно и безгрижно да се шетаме, да ја почувструваме силата на планината, силата на ветриштата што си поигруваат со искривените дрвја, да газиме преку мистичните карпи на кои Зевс и Хера го пиеле својот љубовен нектар и да ја осетиме нивната бурна љубов и непресушна енергија.

На прв поглед чудно, хаотично и диво делуваат сите тие дрвја и карпи расфрлани без ред насекаде, како стално да се на штрек од налетот на опасните и силни ветришта, а токму тие, ветриштата се редари на оваа планина. Но, ако нурнеш подлабоко и ако имаш среќа да ѕирнеш во душата на овие дрвја, карпи, ветришта и облаци, ќе видиш таква хармонија како што само боговите знаат да направат.

Каква природа – такви чувства, додека се качуваме се измешано како турли тава, на куп како со кофа истурено. Страв, храброст, радост, тага, среќа, љубов. А на крајот хармонија, секое нешто си го нашло своето место и нема турканица, нема што да прередуваш, се е под конец средено, нема што да му ја мислиш. Сваќаш дека и ти си бил дел од бурата и си станал дел од хармонијата.

Хармонија во бура, бура во хармонија, можно ли е? О, фала му на Зевс што ми даде можност да го почувствувам тоа.

Беше потребна ноќ за преспивање за да слегне виното што врие, а во зорите рани додека сите спијат шетам покрај разбурканото море по тивко, мирно и благо утро, ветре олимписко ме дува во гради, а сонце ме гали како што мајка си го гали своето новородено дете. Во мислите пробувам да правам некој ред од претходните доживувања ама тешко ми оди. Како Зевс да ми порачува да се препуштам само на овој момент, да не мислам на друго и да ја следам енергијата што од планината доаѓа. И тогаш ја сетив хармонијата што од бурата во која бев, дојде.

Мислам дека можеме да одиме таму пак, кога ќе посакаме, секогаш, нашиот печат е втиснат таму некаде во стените, со убавината на нашите гласови и радосни извици на одушевување. Вратите на Олимп ни се отворени, а боговите наклонети.

Кога ќе види педесетина луѓе на куп, а сите на свој начин позитивни и насмеани, ведри и расположени и ако уморни од тешката патека изодена, секој со своите чувства сеуште докрај неслегнати, кога на разделба секој со секого се поздравува и секој со секого посакува повторна средба, те обзема милина на душата и знаеш дека си ја направил вистинската работа.

А, повторна средба со боговите, само кога тие ќе ти дозволат. Таму не се влегува слободно, секогаш мораш да тропнеш на Зевсовата врата за влез и да бараш, баш така како што прави и неговиот полубрат Хирон.

Херој на денот!!!!

Си мислам кој би можел да биде херој на денот, се преслушувам во себе и сваќам дека херој на денот не е ниту еден од нас што се качивме на Митикас, ниту пак некој од спретните водичи, туку мојот пријател Јован, уметнички лик, дружељубив, говорлив, добронамерен и искрен, помалку мистичен како од филмовите на David Lynch . Тој беше цело време со нас, иако не до највисоките врвови, ни правеше друштво до каде што можеше, не испрати и не пречека со радост, со шала и со полно срце. Неговото присуство ми беше пријатно, а неговите шали и досетки ме распложија на вечерната седенка пред поаѓањето и по доаѓањето од Олимп.

Напишал: Валеријан Моневски, 23 септември 2013

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje