Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Со веселиот автобус на Мусала - 12 - 14 ноември 2010

„Мотори , мотори, моторииииииии“ пееше Зорица на микрофон, додека патниците од автобусот на „Галеб“ од Охрид , кој возеше покрај нас, зачудено гледаа што се случува во нашиот автобус. Во веселиот автобус сите пееја, ракоплескаа и се смееја на музичките изведби на Зорица, докторката Мира, Коле. Се пееше и играше и на “Let ' s twist again “, „Несаница“, „Чакам те да дојдеш“, „Реката Марица ракија да стане“, се играа чочеци, .....


Докторката Мира и Коле во музички занес

Но, ајде по ред.

Планинарските друштва „Макпетрол“, „18 Август“ од Скопје и „Балкан“ од Белград, од 12 до 14 ноември 2010 ја организираа акцијата „Искачување на врвот Мусала (2.925 м.), на Рила во Бугарија“.

За бројноста на групата што тргна кон Боровец помогна очекуваното сончево време во текот на викендот, тоа што ќе бидеме сместени во убавиот хотел „Рила“, тоа што на врвот Мусала ќе се искачуваме во сабота, а не во недела, и тоа што кон врвот (и надолу) ќе користиме жичарница.

Во петокот во 17 часот тргнавме кон Боровец, но после 1 час автобусот се расипа. За среќа дојде уште поголем и покомотен автобус во кого ги заборавивме почетните проблеми и продолживме кон Боровец. Околу 1 часот после полноќ стигнавме во хотелот и се сместивме во комотните соби.

Времето во сабота беше сончево и топло. Утрото околу 7:45 часот ние, триесетина луѓе, се качивме во старите „кабинки“ кои шкрипејќи и тресејќи се не пренесоа од Боровец (1.350 м.) се искачивме до врвот Јастребец (2.368 м).


Пред жичарницата

Од Јастребец се гледаше целата долина по која ќе требаше да се искачуваме од 5 наутро ако не користевме жичарница. Од тука Мусала изгледаше на дофат.


Поглед кон Мусала од Јастребец

За 40-тина минути стигнавме до планинарскиот дом „Мусала“. После краток одмор 23-ца тргнавме кон врвот, а другите шетаа во околината и останаа да уживаат во топлото време покрај езерото.


Домот „Мусала“

Се движeвме по стазата обележана со метални шипки за зимско искачување. Веќе од 2.700 м. газевме по снег. Секој со свое темпо се искачуваше кон врвот, но често погледнувавме во часовниците бидејќи требаше да се вратиме на Јастребец, кај „кабинките“ до 15 часот. Но, тоа не не спречуваше да уживаме во околината. Снежните врвови се огледуваа во совршено мирните планински езера.


Планината се огледува во езерото

Често застанувавме патем, неверувајќи колку убаво време ни се погоди во ноември месец. Некои од планинарите, особено тие од Бугарија, нагоре се искачуваа облечени во куси панталони и маици со прерамки. Поминавме покрај едно, па уште едно езеро. Третото, тоа до планинарскиот дом „Еверест“, беше потполно замрзнато.


Домот „Еверест“ и замрзнатото езеро

Последните 200 висински метри до врвот Мусала беа покриени со снег. Нагоре мораше да се оди внимателно или по патеката на која имаше подмрзнат снег или по сртот од планината држејќи се на сајлите. Дел од планинарите одеа по патеката, а дел по сајлите.

На врвот веќе имаше неколкумина планинари кои во тишина уживаа во околината. Ние 23-ца радосни и развикани, ја разбивме тишината. Едни беа многу горди што за првпат го искачија највисокиот врв на Балканскиот полуостров, други се пресоблекуваа, трети јадеа „Македонска лутеница“, четврти ставаа печат во планинарските книшки, а сите бевме воодушевени од околината и од убавото време.


Љупчо и Соња Бошкови, првпат на Мусала


Пријателите на Бисера

Од Мусала (2.925 м.) јасно се гледаа Пирин планина, врвот Вихрен и петте планински езера под врвот, и градот Самоков и големото езеро Искр во далечина.


Групно на врвот

Направивме неколку групни фотографии и почнавме да слегуваме надолу. Не беше препорачливо слегување по патеката која оди напоредно до сајлите затоа што веќе беше под сенка и снегот беше подмрзнат. Но, затоа посебно атрактивно беше спуштањето по сајлите. Држејќи се цврсто на нив, брзо ги прескокнувавме големите камења и снегот.


Надолу по сајлите

Поминавме покрај планинските езера и домови и со забрзан чекор тргнавме кон Јастребец, каде што во 15 часот требаше да ги фатиме последните „кабинки“. И успеавме. Повеќемината се спуштивме со жичарницата, а најупорните тргнаа пешки кон Боровец каде што стигнаа после 2 часа. Слегувајќи надолу, вцрвенети од сонцето и од напорот, весело ги прераскажувавме доживувањата при искачувањето и симнувањето.


Низ шумата кон Боровец


Деликатес

Долу, во хотелот „Рила“ не чекаше покриениот базен полн со – мајстори кои го поправаа базенот, но во собите не чекаше топла вода од тушот. Вечерта, во исчекување на забавата на Коле, вечеравме во околните ресторани и така најадени и напиени полесно ни одеше пеењето.

Во меѓувреме во хотелот дојдоа планинарите со планинарското друштво „Трансферзалец“ од Скопје кои утредента, во недела, ќе се искачуваат на Мусала. Тие изморени од шетањето низ Софија, а ние изморени од искачувањето на Мусала околу 22 часот се повлековме во собите.

Утрото, во недела, повторно осамна сончев ден. Одморени и наспани ѕиркавме низ балконите кон заспаните ресторани кои полека ги отвараа вратите за туристите. Масите брзо се пополнија со туристи кои уживаа на топлото сонце. Проверивме што нудат спортските продавници во Боровец и околу 11 часот тргнавме кон Самоков. Таму нашата пријателка, Маријана Илиева, планинарка од Самоков, ни организираше посета на најстарата црква во Самоков „Раѓањето на Богородица (Белјова црква)“, и прошетка низ градот Самоков.


Црквата „Раѓањето на Богородица“ (Белјова црква)

Поминавме покрај чешмата од која ако некој маж се напие, станува Самоковски зет, покрај терените за мототрки и тргнавме кон ридот над Самоков каде што има убав ресторан-видиковец.

Околу 15 часот нашите пријатели од Белград заминаа кон Софија, и потоа кон Белград, а ние тргнавме кон Скопје. На враќање кон Македонија, времето помина неосетно со гитарата на Коле кога скоро сите во автобусот пееја, играа и се смееја.

Во Скопје бевме околу 21 часот.

 

Автор: Горан Николоски

Слики: Петар Герасимов, Бранка Илијевски, Горан Николоски

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje