Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Рила : Мусала - 08-11 март 2013

„Ајде, со заеднички сили да се искачиме на Мусала“ им викнав на двајцата бугарски планинари кои одеа зад нас. Се насмеаа и повторија на бугарски „Със съвместни сили да се изкачим на връх Мусала“. Бевме први кои тоа утро се искачуваа кон врвот. Новиот снег ги прекрил претходните траги и единствен патоказ беа металните шипки кои црнееја во белиот снег. Се менувавме во водењето на групата од Мусаленските езера до врвот.

Единаесет планинари од Планинарско-спортското друштво МАКПЕТРОЛ – Скопје, на 8 март, петок, од Скопје тргна кон Боровец, Бугарија. Компактна група, која ја почитуваше саатницата. Тргнавме 5 минути порано, паузите ги завршувавме навреме, во Боровец стигнавме предвреме. „Ваква прецизна група не сум имал досега“, рече возачот и ни пушти одлична музика.

Во групата беа и пет планинарки, од кои две, Ангелина и Даниела, за празникот 8 март се почестија со повеќечасовно искачување на највисокиот врв на Балканот; други две планинарки, Марлена и Дијана, се почестија со искачување на врвот Јастребец и посета на базени, сауни и џакузи во Боровец, а Натка се почести со дводневно скијање.

Во сабота наутро, во 7:45 гондолите веќе не возеа кон врвот Јастребец. Во тишина седевме во кабината и уживавме во погледот: градот Самоков и најголемото вештачко езеро во Бугарија – Искр во далечина, ски стази рамни како тепсија, бескрајна зимзелена шума. Зоран Алексов не поучи дека дрвјата се викаат Pseudotsuga, или народски, Дуглазија. Високо зимзелено дрво со висечки шишарки.

Маријана Илиева, претседателката на ТД „Рилски турист“ од Самоков, домаќинка во планинарскиот дом „Шумнатица“ и пријателка на нашиот клуб, не посоветува дека поради можни лавини по горната патека меѓу врвот Јастребец и планинарскиот дом „Мусала“, најдобро е да се спуштиме во долината и да се искачиме до домот по зимската патека обележана со високи метални шипки. Така и направивме. Од 2.369 м. по уредените ски стази, се спуштивме до 2.163 м. и повторно почнавме да се искачуваме кон планинарскиот дом „Мусала“ по патека по која поминала моторна санка. Снегот беше тврд и погоден за одење. Еден од планинарите во групата, Борко, на грбот носеше и скијачка даска и искрено му завидувавме, затоа што надолу, од домот „Мусала“ до Боровец, ќе стигне многу брзо.

Пред домот „Мусала“ на 2 . 389 м. се собравме 3 групи планинари. И сите чекавме другите да тргнат први. Но, никој од нив не стануваше, и видовме-невидовме, тргнавме први. Не следеа двајца бугарски планинари, кои, како што ни кажаа, првпат оделе нагоре во зимски услови. Мусаленските езера беа покриени со снег и не се разликуваа од околината.

По првата стрмнина над Мусаленските езера, цврстиот снег над огромните камења ни го олесна искачувањето. Пред нас се појави врвот Мусала, сеуште видлив на сонцето.

Снегот под домот „Ледено езеро“ беше подлабок и растресит и ја пропуштивме групата планинари која користеше снегохотки. Домот „Ледено езеро“ беше скоро прекриен со снег, како и езерото покрај него. Времето кон врвот полека се менуваше и врвот го обвија облаци.

Не беше лесно ниту искачувањето по сајлите. Снегот беше цврст, на места и лизгав и беше неопходно користење на дерези. Двајцата бугарски планинари со кои се менувавме при водењето нагоре, , на 50-тина висински метри пред врвот се откажаа од искачување на Мусала, бидејќи немаа дерези.

Во метеоролошката станица на врвот влеговме преку прозор, бидејќи влезот беше затрупан со снег. Околу масата во малата просторија на метеоролошката станица се собравме 15-тина планинари. Изморени, полека закрепнувавме со храна и чај што ни го свари дежурниот метеоролог. На Даниела, Кире, и на Борко, ова им беше прво искачување на Мусала и беа горди на успехот.

Маријана Илиева ни кажа дека на врвот има поставено плоча на која што ја пишува новата височина на врвот Мусала - 2.971, 40 м. Приказната била следна: откако Бугарија влегла во Европската Унија, било извршено усогласување на височината на врвот врз основа на светските океани, а не врз основа на нивото на Црното море. Ние во маглата не ја видовме плочата.

Пред симнување, на врвот, се сликавме покрај бетонскиот столб. Со дерези на чизмите, во компактна група, еден по друг тргнавме надолу по сајлите. Симнувањето по сајлите беше брзо, дури и забавно, цврсто држејќи се за сајлите и внимавајќи на растојанието меѓу планинарите.

Цврстиот снег ни помогна брзо да се симнеме до домот „Мусала“ од каде што после краток одмор, тргнавме надолу. Борко, се качи на ски даската, и насмеан, пролета покрај нас и го снема меѓу дрвјата. Тој стигнал во Боровец за 15-тина минути, додека ние пешачевме околу 2 часа. Е, ако ова не не убеди да почнеме со користење на турно скии ( Ski /Alpine touring), не знам што друго би не убедило.

Во Боровец стигнавме околу 17 часот и отидовме во домот „Шумнатица“ (на 4 км од центарот на градот). Таму веќе беа дојдени планинари од Скопје (од планинарскиот клуб „Кораб“) кои се подготвуваа утредента, во недела, да се искачат на Мусала.

Од врвот Јастребец до врвот Мусала, со слегување во долината и со одморите, по патека долга 7 км., ни требаа помалку од 4 часа. За надолу, од врвот Мусала до Боровец, по патека долга околу 12 км. ни требаа околу 3:30 часа.

Зимското искачување на врвот Мусала беше одлична проверка на кондицијата, на планинарската облека и опрема во зимски услови, како и на вештините на движење во група.

Во саботата вечер го прославивме искачувањето на Мусала во кафеаната „Блгарска гозба“ во Боровец, со вистинска гозба и жива музика. Дури и вкочанетата пеачка ги размрда колковите кога ја виде нашата весела група.


Поглед кон врвот Мусала (2.925 м.) од врвот Јастребец (2.369 м.)


По скијачките патеки од врвот Јастребец, кон долината.


Покрај Мусаленските езера


По зимската патека меѓу Мусаленските езера


Го избегнуваме длабокиот снег


Краток одмор – во далечина планинарскиот дом „Ледено езеро“ и врвот Мусала


По сајлите кон врвот Мусала


Почеток на сајлите


Пред врвот


На врв на Балканскиот полуостров (Мусала – 2.925 м.)


Шипка скоро покриена од снег


Нормална височина на шипката


Планинарски дом „Шумнатица“, на 4 км од центарот на Боровец


Нови членови во ПСД МАКПЕТРОЛ


Google Earth приказ на патеката (од Јастребец до Мусала)


Висински профил на искачувањето

Автор : Горан Николоски



© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje