Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Алпи 2014 : Монте Роса и Мон Блан - јули 2014


испраќање


... пред Св. Сава во Белград

Петчлената група планинари од Македонија во состав: Петар Герасимов, Зоран Џидров, Јован Мирчевски, Александар Србиновски и Зоран Успрцов, на 26 јули некаде околу 7 ч. по веќе утврдената програма на ПСД Макпетрол и ПК Балкан од Белград, се најдoвме на меѓуградската автобуска станица. Испратени од најблиските го фативме нишкиот автобус кој не однесе до Белград, каде и се приклучивме на групата планинари од Србија и Босна. Целата група вкупно броеше 18 членови. Комбито кое требаше да не носи дојде во точно закажаниот термин во 22 ч. пред соборниот храм Св. Сава во Белград. Пред самиот влез на црквта ја направивме првата заедничка фотографија, пред тргнување. Околу 22:30 ч. веќе бевме спакувани во комбито и спремни за тргнување, Влеговме во него и така го започнавме нашето патешествие кое траеше се до 4-ти август, ден порано од планираното.

Временските услови беа подносливи за патување, скоро цело време ни врнеше дожд. Во Хрватска во раните утрински часови, пропратено со громови и поројни дождови, тоа малку повеќе личеше на временска непогода. Со мали паузи на бензинските пумпи и една поголема во Италија, за шопинг во Decathlon, наредниот ден некаде во попладневните часови пристигнавме до нашето прво преноќиште во близината на Венеција. За жал, време немаше како што се надевавме дека ќе можеме, 2-3 часа да проведеме во прошетка по мостовите и каналите на Венеција, но затоа пак, домаќините во нашиот хостел сосема случано ни приредија пријатно добредојде. Во дворот од хостелот се одржуваше некаква манифестација на која беше прикажан животот во Италија во средниот век. Чувството беше како да, некоја временска машина, не беше пренела во тоа време... интересно... носии од тоа време, ренесансна музика, импровизирани работилници-занаети карактеристични за тоа време (ковачи, ткајачки итн.). Ние, сосема нормално по исцрпувачкиот пат, го најдовме вистинското место, импровизираната кафеана каде можеше да се најдат единствените вистински работи vo celoto toa slu~uvawe , извонредно црвено вино и пармезан за мезе.


пред жичарницата во Alagna Valsesia


Citta Mantova

Утрото, одморени тргнавме во правец на Alagna Valsesia. Таму стигнавме околу 16 ч. и за малку ќе ја пропуштевме последната жичара која не носи до Punta Indren на околу 3200 мнв. Оттука пешки со тешките ранци, преку една интересна ферата, за околу 2 часа пристигнуваме на височина од 3647 м. каде се наоѓа домот Гнифети, во кој остануваме наредните две ноќи.


патеката која води до Gnifetti


поглед од Gnifetti


Gnifetti 3647 mnv


Gnifetti


македонскиот дел од експедицијата

Првата ноќ беше, за некои помалку но за некои повеќе кошмарна. Nadmorskata visina си го направи своето и како што беше предвидено таа ноќ требаше да ни биде борба со височината, пиење вода што повеќе како би се намалил ефектот од симптомите на висинската болест. Водата тука не беше проблем, ја имаше во изобилие, ја користевме за пиење онаа што ја водеа како техничка вода , koja se dobiva{e od topewe na gle~erite nad samiot dom. Поучени од наши планинари што веќе престојувале во домот неодамна дека иако техничка, таа беше сосема добра за пиење, а за секој случај во неа стававме и активен кислород кој би требало колку толку да не заштити од несакани последици. Со оглед на тоа дека водата таму чини 5 евра за 1.5 л. за нешто повеќе од два дена ни заштеди скоро 20 евра по особа (ако се земе во обзир дека секој во текот на денот требаше да испие најмалку 4 л. вода). Ноќта некако помина, сите успешно ја пребродивме кризата од висинската болест.


аклиматизација над 3800 мнв...


во правец на Vincent Piramide

Утрешниот ден требаше да направиме аклиматизација со искачување на врв висок 4200 м ( Vincent Piramide ) , но бевме оневозможени поради лошо време и тазе напаѓан снег во височина од 50-тина см. Движењето по ваков снег на глечер полн со глечерски пукнатини воопшто не беше безбедно а особено што се немаше никој пред нас искачено. Така, на нешто повеќе од 3800 мнв. се одлучивме да се вратиме во домот и остатокот од денот да го проведеме во него. Втората вечер во домот повеќе никој немаше проблеми со висината, се отспавме убаво, веќе бевме добро аклиматизирани и спремни за совладување поголема висина.


поглед од Gnifetti


глечерот над Gnifetti и Liskam во позадина


колку да се знае што значи строго лето на Алпите

Наредното утро се разбудивме рано. Времето беше прекрасно. Сега веќе се отвори убав поглед на останатите врвови на Алпите во далечината. Глетката беше несекојдневна, го видовме дури и масивот на Мон Блан, доминираше со својата големина. Се беше толку убаво а ние моравме да си одиме. Сепак, планот го исполнивме, аклиматизацијата помина успешно, според сите параметри секој од нас поединечно беше спремен да го продолжи својот пат кон Мон Блан.


враќање кон Alagna Valsesia


кабината од жичарницата


колку да не заборавиме дека сме на алпите

По иделни временски услови почнавме да се спуштаме од Гнифети надолу, овојпат поради ново паднатиот снег, не по фератата по која што дојдовме туку во правец на домот Citta Mantova преку кој водеше заобиколна но многу побезбедна патека до жичарницата која не однесе повторно до Alagna Valsesia. Таму, не пречека нашето комбе со кое се одвезовме до Chamonix во чија непосредна близина имавме резервирано спиење. Тука ни се приклучи уште една планинарка, со која од поодамна се договараме овогодинешното искачување на Мон Блан да го изведеме заедно. Билјана Бјанчи-Шаго која живее во Швајцарија е долгогодишен член на ПСД Макпетрол, редовно ги следи сите случувања во нашето друштво и кога може ни се приклучува на нашите планинарски акции. Таа е искусен алпинист и нејзиното знаење и искуство секогаш се добредојдени. Остатокот од денот го проведовме во планирање на претстојната акција. Временските услови не ни беа баш наклонети и некако не ни се вклопуваа со тајмингот. Наредните два дена се предвидуваше убаво време за успешно искачување на врвот. T ие два дена по планот ни беа за искачување до Du Gouter , а за денот кога требаше да го искачуваме Мон Блан временската прогноза беше многу лоша. Тоа не натера да го промениме планот и за еден ден да ги искачиме двата дома (планирано беше за два дена) со што би го добиле вториот и последниот убав ден за искачување на врвот. Сите едногласно ја прифативме единствената опција која ја имавме. Бевме спремни на било какво компромисно решение само да го оствариме планот. Групата беше добро аклиматизирана, во одлична психо-физичка кондиција, така што ова не требаше да претставува некој проблем. Така и бидна.


монбланска карпа


Aiguille du Midi


Chamonix под облаците

Во четвртокот на 31 јули комбито не одвезе до местото Les Houches од каде се качивме на жичарницата која не is качи до возот кој пак не одвезе до Nid d?Aigle na 2372 mnv. од каде својот пат го продолживме пеш. Времето беше прекрасно, токму онака како беше предвидено за тој ден. Немаше потреба од брзање, полека... полека стигнавме до Tete Rousse, по краток одмор ги ставивме дерезите, ги земавме во раце цепините и се упативме преку малиот глечер во правец на озлогласениот кулоар на смртта.


Кулоарот на смртта


Пауза пред Tete Rousse


Кампери над домот Tete Rousse


Кулоарот на смртта


Фератата на монбланска карпа

Лесно и брзо но крајно внимателно го поминавме без никакви проблеми и продолживме да ја искачуваме монбланската карпа (600 м. висински) која на одредени критични места е обезбедена со сајли (ферата). И оваа препрека сосема успешно ја поминавме.


најудобното и најевтиното спиење, само за 70 евра по особа

Кога стигнавме до домот Du Gouter не чекаше непријатно изненадување. Не ни помисливме дека промената во тајмингот ќе ни го искомплицира до толку престојот во домот. Поради тоа што се појавивме таму еден ден порано од предвиденото, сосема разбирливо, немавме резервации но се надевавме дека сепак ќе успееме да се снајдеме некако. И успеавме, по долготрајно убедување со вработените во домот успеавме да си го обезбедиме „најевтиното“ спиење кој на клупи, кој на под во вреќа. Нашиот неколку часовен престој во vakvi услови не чинеше цели 70 евра од особа + 25 евра за вечера. Имаше и други што се најдоа во слична ситуација, некои се одлучија да ископаат биваци во снегот и да ја поминат ноќта така, други пак се решија да отидат до Valot, лимениот бивак на од прилика пола пат до врвот на 4300 мнв. и таму да ја проведат ноќта. Секој со својата среќа. Ние и понатаму еуфорични, возбудени од она што не чека наредниот ден, едноставно не постоеше нешто што можеше да ни го расипе расположението до доцна во ноќта. Реално, не постоеја услови таа ноќ некој од нас да заспие, па се одлучивме да си ги прекратиме маките. Околу 1 ч. по полноќ станавме и по кратки припреми полека тргнавме накај врвот. Времето не беше онака како беше предвидено со временските прогнози. Ноќта беше темна, магловита со силен ветер и врнежи од снег. Ни тоа не не депримира, се врзавме во наврски од по 3-4 души, имаше и наврски по двајца. Немаше никој пред нас но разгазената патека од претходниот ден беше доволно видлива. Ваквото време не следеше цело време до Valot. Поголемиот дел од групата влезе во лимениот бивак да се одмори. Внатре беше преполно од планинари. Непреспаната ноќ си го зема данокот, бевме толку уморни и толку многу ни се спиеше што гужвата внатре воопшто не ни пречеше. Исполегнавме еден покрај друг (еден врз друг). Малку одморивме, изедовме по нешто и така го дочекавме утрото, кое требаше да донесе повеќе надеж и оптимизам. Но не беше баш така. Надвор и натаму беше многу магловито и ветровито. Сепак, ние веќе одморени и спремни да се соочиме со предизвикот, по двочасовниот престој во бивакот, малку после 6 ч. го продолживме својот пат кон врвот. Ветерот и натаму не стивнуваше. По пат се разминувавме со планинари кои се враќаа од врвот а кои на одење нагоре решиле да продолжат без да свратат во бивакот Valot . Беа целите бели од снег и измрзнати. Ни велеа дека на врвот ништо не се гледа и дека многу дува и многу е ладно. Што е тука е, за тоа сме дошле. Продолжуваме и понатаму, чекор по чекор, споро ама сигурно, онака како што се оди на поголеми височини. Како поминуваше времето така стануваше се посветло се додека не се испостави дека всушност, облачноста почна да се намалува. Едно време се појави сино небо, Мон Блан пред нас како на дланка, величенствен поглед. Пред нас беше монбланскиот нож... па и не е толку нож како го раскажуваа, како кој си го диживеал. Прекрасно беше да се изоди тој дел во добра видливост. Сонцето си го направи своето, малку не загреа и расположението повторно се врати на максимално можно ниво. Ветерот сеуште дуваше прилично силно. Некој од оние кои се враќаа ни кажа дека горе на врвот воопшто не дувало, да не верува човек ама навистина така беше. Како и многу пати до сега овој феномен ме остава без зборови. Многу често ми се случува тоа, да дојдам на врв и таму да нема воопшто ветер, така и овој пат.


на врвот во раните утрински часови


врвот во 10 часот


Мон Блан 4810 мнв

Стигнавме на платото на самиот врв и тука останавме во наредните 40-тина мин. уживајќи во убавото време, убавиот поглед, разменувајќи честитки со останатите. Сите ги извадија знамињата на своите држави и матични клубови, спонзори... направивме заеднички фотографии. Не ни се брзаше никаде, сакавме што повеќе да останеме па така и направивме. За жал на оние пред нас не им се укажа прилика да во вакви услови поуживаат на врвот. Но, како и да е, сите среќни и задоволни од постигнатиот успех се вративме назад во домот.


на враќање од врвот

Враќањето по вакво време беше право уживање. Глетката беше идентична како онаа од авион. Јас, лично го пролонгирав, свесно или несвесно, колку што можам повеќе враќањето назад , сакајќи што подолго да бидам дел од овој ретко убав ден на Алпите. Едно време, опиен од се околу мене, увидов дека нема никој од нашата група, останав сам, немаше каде да брзам но времето секако течеше па морав да стиснам заби и да го прекратам ова уживање. Тргнав накај домот Du Gouter каде требаше сите да се најдеме . Едно време стана толку топло што морав да се соблекувам по кратки ракави. Пред влезот во домот, сосема разбирливо, ме дочекаа насмеани и видно расположени и среќни лица. Си разменивме честитки и остатокот на денот го искористивме во прераскажување на импресиите... а чувството едноставно не се опишува, дефинитивно треба да се доживее.


ова остана во домот Tete Rousse

За таа вечер успеавме да резервираме 9 кревети за во Du Gouter и 9 за во Tete Rousse, така што мораше групата да се подели за таа ноќ. Деветорица тргнаа тоа попладне надолу по монбланска карпа. За нас што останавме на 3800 мнв . во Du Gouter , овој пат во кревети, планината наредното утро ни приреди уште едно изненадување. Се разбудивме во вистински зимски амбиент. Надвор веавица, 20-тина см. нов напаѓан снег. Прогнозите се остварија и не сакавме воопшто да размислуваме за тоа што и како ќе беше да не го поместевме „ Summit day “ за ден порано.


монбланска карпа


монблансак карпа, враќање


во Chamonix

Уште едно искуство пред нас, да се помине монбланска карпа во снежни услови со дерези. И тоа го истеравме, прилично убаво без никакви проблеми. Во долниот дом се состанавме со остатокот од групата и направивме еден работен состанок, да резимираме...

За жал на враќање до нас стигна тажната вест дека двајца белгиски планинари, истиот ден кога и ние тргнавме во правец на врвот, ги изгубиле своите животи во лавина. Малку потоа уште едно потсетување колку сурова може да биде планината, присуствувавме на огромна лавина што се случи токму пред нас на спротивната страна од планината, пропратена со заглушувачка бучава.

Автор: Петар Герасимов

 

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje