Бистра планина : Карбула (2148 m) и Меденица (2163 m) - 06 ноември 2011
Навистина е прекрасна нашата природа. На толку мал географски простор има толку многу планини, долини, клисури... што можеме со години да шетаме и пак да има многу места каде што не сме биле, а кои се исто така убави и вредни за запознавање и истражување. Ете така се случи и со овие два највисоки врва на Бистра планина - Карбула и Меденица. Иако со години по планиниве - некако досега не ми дојде ред да појдам таму - барем на Меденица. Од оваа акција која подолу накратко ќе ја опишам - од вкупно 11 учесници, само двајца досега се имаа искачено на Меденица, а за сите Карбула беше непосетен врв. А и двата се прекрасни - особено Карбула е атрактивен со неговата западна страна која стрмоглаво се спушта надолу - околу 1400 висински метри - до текот реката Радика.
Групата поаѓа од Скопје околу 6 часот наутро. Состав : Билјана Митровска - Шаго, Тања Манчева, Светлана Стојаноска, Татјана Герасимова, Марин Стојановски, Петар Герасимов, Деан Тодоров, Александар Буцевски, Жикица Ивановски, Јовица Јованчев и Трајче Панковски.
Околу 7:15 часот сме во Маврово. Ги оставаме возилата на паркингот кај почетокот на жичарниците и се спремаме за поаѓање. Уште од претходно сме договорени дека ќе се движиме во две групи - првата - поголема група ќе планинари до Меденица и потоа до Карбула, а втората група ќе оди со комбинација на трчање - одење - прво по планираната патека за планинска трка што треба да ја организираме напролет, а потоа прво до врвот Карбула, а потоа до Меденица. Околу 7:30 часот и двете групи поаѓаат - секоја по својата патека.
подготовки за поаѓање на паркингот во Маврово
заминува групата на trail runners
групата на планинари веднаш над Маврово - на стазата на едноседот
Едната група оди по стрмната патека на едноседот директно нагоре, додека другата се упатува во правецот на хотелот Макпетрол и понатаму по шумскиот пат кон месноста Казан. Патот беше делумно покриен од текот на малата планинска рекичка која моравме на два пати да ја прескокнуваме со техниката - од камче на камче. Потоа патеката многу убаво и благо се движи низ шумата за по некои 2 километри да излезе на половина од висината на едноседот. Тука ги здогледуваме нашите пријатели и потоа - пак секој по својата патека - отприлика во исто време - излегуваме на крајот на едноседот.
средба на двете групи на крајот на едноседот
Патот на двете групи води по горното патче кон главното Бачило на ски-центарот. Оттаму групата што трча се искачува кон Смрдливи Вирови и потоа пак се спушта на патеката која води кон Тони Вода. Оттаму го сечеме асфалтниот пат кој оди кон Галичник и продолжуваме веднаш нагоре - кон северо-запад - во правец на Горна Кориа. Другата група оди малку појужно и се упатува кон подножјето на искачувањето кон Меденица. Потоа оваа група го избира потешкиот - подиректен пристап кон Меденица - за да направат добар тренинг. Околу 11:30 часот тие се искачуваат на врвот Меденица - 2163 m.
бачилото на крајот на двоседешницата
на патот кон Тони Вода - прекрасни есенски пејзажи
патот за Галичник
по стрмните падини кон Меденица
поглед кон разиграната Бистра планина и понатаму - Мавровското езеро
последниот стрмен успон пред Меденица
првата група на врвот Меденица - назад се Крчин и Дешат
Втората - нашата група - наидува на едно бачило пред Голема Кориа - малку понатаму го среќаваме и овчарот кој се уште ги пасеше овците во овој дел од планината. Краток разговор со него - му кажавме каде планираме да одиме, а тој ни вели : "ама имате многу одење" на што ние му одговараме дека баш тоа и го бараме. Одиме по сртот во правец на врвот Карбула. Го гледаме врвот, но патот до него води преку неколку мали долинки и одиш - одиш, а врвот се уште ти е далеку. Патот прави еден поголем кружен лак прво на југ а потоа на запад. Некаде под почетокот на гланиот успон кон Карбула наидуваме на убава чешмичка со вода каде си ги обновиваме резервите. Потоа следи еден убав успон нагоре - излегуваме на широкото седло помеѓу Меденица и Карбула - има тука и убав пат во тревата - изгазен од џиповите кои ги возат ловџиите на овие терени. Уште еден мал успон - малку карпи пред самиот врв и - тука сме - на Карбула (2148 m). Убавината на Карбула е во неговата западна стрмна страна - се спушта надолу до текот на реката Радика. Глетката е фантастична. Се гледаат планините отспротива - Крчин, Дешат, целиот масив на Кораб, поназад и некои албански планини. На Карбула стигнуваме во 12 часот. Правиме 15 минути одмор за да каснеме нешто и малку да одмориме. Се слушаме по телефон со другата група и се договараме тие да појдат кон Карбула, а ние кон Меденица.
стрмното искачување на Голема Кориа
поглед кон врвот Карбула од Голема Кориа
на седленцето пред врвот Карбула
на врвот Карбула (2148 m)
- Жико и Јовица
поглед кон Меденица од Карбула
средба на двете групи на половина пат меѓу Меденица и Карбула
Од првата група еден дел поаѓа кон Карбула - Марин, Перо, Тања Манчева и Светле, додека останатите решаваат да останат на Меденица да уживаат во сончевото и тивко време и да не чекаат нас да им се придружиме. Ние од Карбула поаѓаме со лесно трчање по удолнината на седлото и наскоро се среќаваме со групата која се упати кон Карбула. Потоа го започнуваме успонот кон Меденица. Во 13:15 сме на Меденица. Одмараме тука околу половина час и заедно со другите од првата група почнуваме да се спуштаме надолу - за да стигнеме до Маврово пред да се стемни.
Четворката во меѓувреме се искачи на Карбула и направи голема фото-сесија на се и сешто околу - едноставно неможе да си таму со апарат а да не сликаш - сакаш да ја впиеш таа слика во себе, но апаратите ја немаат таа ширина и прецизност тоа толку верно да го пренесат - затоа ќе биде потребно некогаш пак да се помине тука - но можеби по успон од друга страна. И таа група наскоро почнува да се враќа во правец на Маврово - малку се зад нас - но во Маврово пристигнавме во временски растојание од 10-15 минути - точно во 17 часот бевме кај колите - баш кога се смрачи.
втората група пред Карбула
на врвот Карбула : Светле, Тања, Марин
поглед од Карбула кон масивот на Кораб - врвовите : Плоча, Куртово Ќуле, Шупла Стена, Дерза
што рече некој - Кораб си е Кораб - Мал и Голем Кораб
"Децоооо...." - кај сте застанале на стрмново
вечерта се спушта над Бистра планина
на спуштање од Меденица - Тања, Аце и Јоцо
по патеката во камењарот - Шаго, Жико и Тања
пак кај бачилото - овој пат на враќање кон Маврово
Акцијата измина во најдобар можен ред - се како што планиравме - уживањето во природата, во глетките, во прекрасното време што ни се погоди и во пријатното друштво - тоа беше гратис - за сите оние што решија овој пат да дојдат со нас, а не да спијат во недела наутро до 10 часот.
Технички податоци :
Прва патека: (сина боја на сликата)
Должина на патеката: 26,5 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1450 m
Втора патека: (црвена боја на сликата)
Должина на патеката: 36,4 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1850 m
двете изминати патеки - на двете групи
профил на првата патека
профил на втората патека
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/KarbulaMedenica
GPS записот можете да го симнете од :
http://www.stazeibogaze.info/2011/11/08/bistra-planina-medenica-2163m-i-karbula-2148m/
Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Тања Манчева, Петар Герасимов, Марин Стојановски, Трајче Панковски
|