Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Бистра планина : Карбула и Меденица, плус тура за родители и деца - 25 август 2013


Меденица и Карбула

Со силен аплауз на отворена сцена и насмеани и задоволни лица на 10 планинари на празниот паркинг на  Ски Центарот Заре Лазарески – Маврово во 17,30 часот, заврши овогодишната планинарска акција Меденица/Карбула 2013 година. Аплаузот, заслужено сами си го дадоа  сите 10 учесници во оваа акција (немаше публика), а најмногу се однесуваше за Ерина, затоа што беше единствената девојка меѓу 9 те момци. Долго се памти искачување на врв, посебно ако е првенец, ако временските услови се идеални, ако се оди по предвидениот план, ако не си во некој временски теснец, ако екипата е хомогена, ако владее меѓусебно разбирање и доверба, ако можеш 10 тина часови да уживаш во се наоколу тебе, ако можеш да фотографираш колку сакаш, се што сакаш, а ако искачиш и два врва во истата акција, тогаш навистина СИ заслужил да се наградиш со искрен аплауз.


Екипата на патот што води за Галичник со Меденица во позадина

Искачувањето започна во 07,15 часот од паркингот на Ски Центарот и се одвиваше долж ски патеката од двоседот, а тоа беше на некој начин и меѓусебно запознавање на оваа 10 ка, бидејќи поголемиот дел од планинарите сега прв пат се заедно како група во планинарска акција. Првата кратка пауза ја направивме на  1650 метра високото бачило на крајот од двоседот. Потоа се упативме кон второто бачило на почетокот на Галичкиот ски лифт, одкаде има пат кој води низ месноста Тони Вода се до вкрстувањето со асфалтниот пат до с. Галичник. Одтука Благој и јас прв пат на останатите членови на акцијата им покажавме каде се наоѓа врвот Меденица, највисока кота на Планината Бистра.


прекрасната природа на Бистра планина


кон врвот

Во планинарењето како и во други работи од секојдневниот живот, кога ќе се здогледа целта, потоа некако се оди  полесно до остварување на истата. Ни преостануваше уште еден подолг успон за да стигнеме до билото или гребенот кон врвот, одкаде на запад се отвори убав поглед кон Кораб во позадина (Шара беше во магла) и целата западна граница со Албанија со врвовите (Шупља стена, Дерза, Плоча, Веливар, Голем Крчин, Рудина, Црвена Плоча...) и Стогово на југ со Стогово и Биг Дорук. На половина пат од овој успон падна договор Ерина, Александар и јас да одиме право на Меденица, а останатите планинари (Горан, Влатко, Горан, Влатко, Дуле и Љубомир) со Благој на чело да се искачат на Карбула, а од таму на Меденица. Договорено и сторено, скоро во исто време околку 12 часот, едната група стоеше на Карабула, а другата на Меденица, каде имаше голема група расположени планинари од ПСД Љуботен од Тетово на чело со Јован. По вообичаените честитки, насмеани и среќни лица, фото сеанси, следуваше заслужен одмор на топлото сонце. Откако си заминаа кон Галичник Јован со екипата, останавме сами и одморот го продолживме  за половина час, бидејќи Трајче (тој исто така беше на Бистра со силна екипа ДЕЦА – идни планинари) ни јави дека за кратко време горе треба да се појави најпознатот камперски расположен четверец без кормилар  на ПСД Макпетрол (Тања, Светле, Буце и Жика). Се случи и таа средба на 2163 м, височина па, повторно гушки, честитања и резултат на тоа беше како на филм врачување на две нови планинарски книшки за Ерина и Александар кои посакаа да станат членови на нашето друштво.


на врвот Меденица


екипата која спиеше во шатори претходната ноќ


ѓоа странци овие двајцава...

Во 13 часот почнавме да се враќаме назад и кога бевме близу патот за Галичник горе на Меденица видовме 7 фигури, од онаа најсилната и највредна денес планинарски искачувачка екипа која по Карбула стигна и на Меденица. Како беа засилeни и расположени ќе искачеа сигурно уште некој врв, ако беше ставен во програмата. Нашата тројка по истиот пат полека си тргнавме назад на паркингот на 1250 м, со таа разлика што сега времето се наоблачи, почна ветре да дувка но дожд не заврна, ама затоа ги пробавме шумските малини и капини, а го видовме и Петре клукајдрвчето како проверува кој се крие под кората на една сува бука.

Влатко стана трет член од оваа група со нова планинарска книшка кое се случи на паркингот пред самото поаѓање назад кон Скопје, за потоа сите некако  тажно, малку уморно, некој поуморно, но задоволни и среќни од гостопримството на Бистра си тргнавме назад за Скопје.

Текст и фотографии : Марин Стојановски


овој пат секогаш ме асоцира на бесконечност и безвременост

 

 

Родители и деца - Смрдливи Вирови


Нашата група се состоеше од 7 возрасни и 8 деца - на возраст од 6 години па нагоре. Се собравме на паркингот кај ски-центарот и околу 8:30 појдовме полека нагоре по стрмниот успон. Иако имаше помали дечиња, сепак групата добро напредуваше и за околу 1 час бевме на бачилото кај крајот на седешницата. Тука направивме малку подолга пауза за појадок, па продолживме полека надолу - кај второто бачило. Од таму почнавме план за искачување кон Смрдливи Вирови - убаво камено врвче (поточно неколку врвчиња со слична висина) - место од кое се протега многу убава глетка на целата област. Со повремени одмори, околу 11:30 часот бевме на врвот - и тоа децата први се искачија. На каменестиот врв децата си играа градејќи накакви градби од камењата. Времето беше добро - сончево, но на моменти дувкаше ветре и дури стануваше ладничко. Се гледаше и езерото, и Меденица со своите камени сипари и кулоари, и Карбула, а поназад Голем и Мал Кораб и дел од врвчињата на Крчин.


на првиот но стрмен успон


убавото Мавровско езеро


децата на врвот


радоста при искачувањето на некој врв


голема група деца со своите родители на врвовите на Бистра планина

По одморот почнавме да се спуштаме од другата страна на ридот - кон бачилото кое е во правец на патот за Галичник. Наскоро се симнавме до едно седленце од каде свртивме во десно и почнавме да се спуштаме кон патот на Тони Вода. Иако имавме во план да се искачиме уште малку - сепак дел од децата веќе се чувствуваа изморени, а сонцето прилично силно печеше, така да продолживме по широкиот пат назад до бачилото. Тука направивме уште еден одмор па се спуштивме долу кај автомобилите. Долу бевме нешто пред 15 часот.

Оваа акција беше одлична прилика со една тура прилагодена на можностите на децата - 12 km, 700 метри висинска разлика - да се помине убав ден во планина и тука родителите и децата да се дружат, како меѓу себе така и со други родители и деца. Сите беа задоволни на крајот на акцијата што не мотивира и во иднина да планираме вакви акции.

Текст : Трајче Панковски, Фотофрафии : Софија Костова Панковска и Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje