Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Матка - качување по карпи - 24 март 2012

За овој викенд се одлучивме да правиме акција нешто поразлична од вообичаените. Убавиот саботен ден решивме да го поминеме во кањонот Матка близу до Скопје, на алпинистичкиот локалитет во близината на манастирот Св. Никола Шишевски. Идејата беше новите членови на нашето друштво да имаат можност да ги направат своите први обиди за искачување на карпа. За таа цел акцијата ја договоривме и координиравме со неколку членови од нашиот пријателски алпинистички клуб "Матка". Не беше планирано како некој почетен алпинистички курс, туку најосновно запознавање и пробно искачување на некој од поедноставните - почетни вежбалишта на овој локалитет. Затоа ги понесовме и нашите дечиња, и тие да пробаат и да им ја поттикнеме љубовта кон овој убав спорт. Кога на враќање малиот 7-годишен Дарон рече дека сака секоја недела тука да доаѓаме - јасно беше дека целта ја постигнавме.

Поаѓаме околу 8 часот од Скопје - организирани со свои возила - вкупниот број беше околу 17 што луѓе - што деца. Потоа во текот на денот се појавија и други членови на АК Матка кои си искачија некои насоки во карпите. Нашата - планинарска група појде по патеката преку кајакарскиот мост па нагоре кон манастирот - по подолгата планинарска патека. Друга група отиде до ман. Свети Андреја и оттаму со чамец преку езерцето и нагоре по стрмната патека до ман. Св Никола. Ние ја избравме подолгата патека поради децата и бабата - да не ги измориме многу по стрмниот успон. Но децата, па дури и бабата одлично се покажаа и релативно бргу стигнавме до одредишната точка - прекрасниот манастир Св. Никола Шишевски - сместен како во камено гнездо помеѓу карпите на Матка.


по патеката кон ман. Св Никола Шишевски


манастирот од патот кој води до него

Кога пристигнавме кај манастирот, ја симнавме опремата во близина на црквата. Веднаш до црквата се наоѓаат двете вежбалишта - каминчиња од дваесетина метри височина кои обично се користат за запознавање на новите членови со алпинизмот. Александра, Јоцо и Виктор веќе имаа поставено две јажиња - Top Rope - што значи дека јажето е поставено на врвот на насоката и обезбедувањето на тие што ќе се качуваат е "од горе" - техника која се користи за почетниците и која е безбедна за оние што се качуваат.


подготвување на вежбалиштата во близината на црквата


двете вежбалишта - едно до друго


качување по карпи во прекрасен амбиент


и најмалите се обидоа да се искачат


а најкрупните беа многу успешни


триумфален поздрав по успешното искачување

Сите пробаа по еднаш на едниот па на другиот камин. Имавме доволен број на појаси, шлемови и друга опрема така да можеше да се работи во неколку групи. Нешто подоцна дел од алпинистите заминаа на искачување на некои од подолгите насоки на карпата на Матка - "Борник", "Нина" додека ние останавме со нашата група на вежбалиштата. Нашите релативно понови членови имаа можност да видат како функционира опремата, како се врши обезбедување на партнерот на карпа, некои техники кои се користат при качувањето. И децата пробаа и тоа со доста голем успех искачија некои од овие вежбалишта. Потоа направивме вежбалиште и кај карпата "Дулфер" па и таму неколкумина пробаа да се качат.


на "Дулфер"


детал од качувањето


за Игор ова беше многу успешен ден


имаше и друга група помали дечиња - овој ден на Матка измина во знакот на идните генерации во алпинизмот

Така до кај 16 часот се качувавме и пробувавме разни работи, притоа дружејќи се со ретките посетители на овој локалитет. Покрај алпинистите овој ден беа дојдени и неколу деца од едно меѓународно основно училиште - тие ги правеа своите искачувања по вежбалиштата и беше навистина пријатна слика да се видат мали дечиња во толкав број на карпа - навистина ретка глетка кај нас.

Потоа како што и времето почна да се менува во се пооблачно и ветровито, ние се спакувавме и полека се спуштивме по патеката надолу - наспроти манастирот Св. Андреја - со чамец не пренесоа на другата страна и потоа полека по патеката до паркингот каде што не чекаа нашите коли.


чекајќи го чамецот да не пренесе од другата страна

Сите присутни беа многу задоволни од акцијата - повеќе пати на враќање повторуваа колку убаво им поминал денот и сите изразија желба пак да дојдеме и да се искачуваме по карпите. Ветивме дека ќе се потрудиме да го повториме ова искуство, со тоа што следниот пат некои делови од алпинистичката техника би почнале малку посистематски да се предаваат и практикуваат, секако - во соработка со нашите пријатели од АК "Матка".

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/MatkaFamilyFriendsClimbing#

Автор: Трајче Панковски

Фотографии: Петар Герасимов, Тања Манчева


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje