Искачувањето на Пунта Пениа на Мармолада, највисокиот врв на Доломитите претпоставувам дека ке остане долго време предмет на нашите планинарски разговори, да не бидам сфатен погрешно, не поради техничката тежина на акцијата туку поради севкупниот впечаток и импресиите од се она што ни се случи, проживеавме, видовме... Во извештајот на Трајче е веќе опишан голем дел од заедничкиот престој во Cortina d'Ampezzo, затоа јас ќе се задржам само на нашата планинарска акција.
Целата тура од самиот почеток па се до крајот, до нашето враќање во Скопје, едноставно течеше беспрекорно. Ниту по патот, ниту со сместувањето, ниту пак при искачувањето на планината не ни се случи ништо што би ни го намалило нашето расположение или би ја загрозило нашата безбедност, проблемите како да не заобиколуваа... и не случајно, бидејќи потешкиот и посериозниот дел ние веќе го имавме завршено дома. Ги направивме сите потребни припреми: од избор на термин за изведување на акцијата, консултации со поискусни колеги од нашиот матичен клуб кои веќе биле на таа планина, особено ни помогнаа советите на нашиот драг пријател Марин Стојановски. Битно беше да се следи временската прогноза, да не ги заборавиме исклучително важните кондициони и технички тренинзи што ги правевме во претходниот период на нашите планини и уште многу работи кои ни овозможија безбедно и релаксирано искачување тој ден.
30 јуни беше денот, кој според сите показатели, нудеше најповолни услови за нашето искачување. Откако претходниот ден ги извршивме сите потребни припреми - одмор, правилна исхрана и хидратација, пакување на опремата и др., во вечерните часови отидовме да ги испратиме нашите ултра маратонци Трајче Панковски и Жикица Ивановски на стартната позиција на еден од најпрестижните ултра маратони во Европа, присуствувавме на прекрасната свеченост што ја приредија организаторите на Lavaredo Ultra Trail , а која, морам да признам сите не “ здрма до солзи ” , тука се поздравивме, си посакавме успех, тие го започнаа нивното патешествие од 118 км. и 5740 м. вкупен успон, а ние назад на спиење.
Правилото, “по утрото се познава денот” се покажа во прав смисол на зборот, она другото, дека во еден ден на планина можеш да ги доживееш и почувствуваш сите 4 годишни времиња, на наша среќа не се потврди. Како осамна денот, со исклучок на неколкуте облаци што се појавија околу пладне, така и заврши-сончев, топол, со умерен ветер, со еден збор идеален, онаков каков што би посакал секој планинар. Значи се ни одеше во прилог, едноставно немаше место за неуспех, нам ни остануваше само уште да си го одработиме нашето.
Се будиме во 5 ч. и веќе во 6:30 ч. сме во возилата, го напуштаме кампот Rocchetta во кој бевме сместени и се упатуваме во правец на Мармолада каде не води еден живописен планински пат со многу серпентини и на места многу стрмен, во должина од околу 50 км., кој нема ни да се обидам да го опишувам. Се надевам дека направивме доволно добри фотографии кои говорат сами за себе.
Многу брзо се искачуваме до планинскиот премин Passo Giau на околу 2200 мнв. од каде што се пружа поглед од кој застанува здивот. И покрај ограниченото време кое го имавме, едноставно не можевме а да не застанеме и украдеме неколку минути од денешниот тајминг, и не зажаливме бидејќи фотографиите што ги направивме таму по ништо не заостануваат од оние што ги направивме на самиот врв на Мармолада.
Од другата страна се отвори нов поглед. Иако сме за прв пат во овие краеви, без двоумење, на сите во ист момент погледите ни се фиксираа на една пооддалечена планина чии облици ни беа врежани длабоко во нашата меморија како да сме биле таму 100 пати. Конечно ја препознавме нашата денешна цел – Punta Penia. Возбудата почна да расте. Глечерот изгледаше стравично од оваа перспектива. Тука почна да се случува оној познат хаос во главите на сите, кога ќе се измешаат најразличните чувства на страв од непознато, возбуда, среќа и др. и кај секој индивидуално предизвикува различни ефекти. Мене лично таа глетка, ако до тогаш бев поспан и мамурен или пак можеби рамнодушен, направи да се освестам во истиот момент и ми даде до знаење дека овој ден навистина ќе биде нешто исклучително и исполнет со нови предизвици и искуства. Му се предадовме на патот кој, како до тука, така и понатаму не водеше по серпентини, нагоре-надоле, поминувавме прекрасни пасишта, шуми, кањони, рекички, мостови, тунели, мали преубаво уредени селца... и ете не на крајот стигнуваме до езерото Lago Fedaia на 2057 мнв., крајот на нашиот пат на четири тркала. Паркираме на паркингот под жичарницата, ги облекуваме тешките планинарски (високогорски) кондури, ранците со целокупната опрема на грб и одиме да купиме билети кои чинеа 9 евра повратен а 5 евра во еден правец. Се решаваме за повратен од едноставна причина што сме прв пат таму и не можеме да направиме реална проценка колку време ќе ни биде потребно за одење и враќање. Кога би одел следниот пат секако би се одлучил целиот пат да го поминам пешки, но за тоа е потребно да се тргне многу порано, можеби на разденување.
Жичарницата не качи до планинарскиот дом Pian dei Fiacconi на 2626 мнв. од каде се пружаше неверојатен поглед на соседниот врв Piz Boe . Во планинарскиот дом можете да се освежите со најразлични пијалаци, да ги подмирите своите физиолошки потреби за 50 центи, да ги завршите последните припреми и да се упатите кон врвот.
Така направивме и ние, четири члената женска екипа во состав: Татјана Герасимова, Софија К. Панковска, Тања Манчева и Светлана Стојаноска и нивните шерпаси Александар Буцевски и јас, Петар Герасимов, конечно тргнавме во освојување на највисокиот врв на Доломитите Punta Penia 3343 мнв., кој беше токму пред нас и ни посакуваше добредојде. Приодот до глечерот беше карпест и не траеше повеќе од 15-ина минути.
Тука, на самиот почеток од глечерот застануваме да ги ставиме дерезите и да формираме наврска. Како што тоа и претходно го правевме на нашите тренинзи, рутинирано без многу двоумење направивме две наврски по тројца. Во првата наврска бевме јас, Софија и Тања М.
Втората наврска ја формираа: Александар на чело, Тања Г. во средина и Светле на крајот.
Така тргнавме по веќе формираната патека, требаше само да ја следиме, таа најбезбедно не водеше до врвот. Не бевме сами на планината, по моја слободна проценка имаше уште 30-40 планинари кои тој ден решија да го искачат врвот, што ни влеваше дополнително чувство на сигурност. По она како се движеа беше очигледно дека на голем дел од нив не им беше прв пат да го искачуваат врвот.
Површината на глечерот во длабочина од 20-ина см. беше мека од топлото време и се пропаѓаше, подолу веќе можеше да се почувствува цврстата подлога на вечниот мраз. На неколку места се отвараа крeвaси (crevasse) - глечерски процепи на кои на некои места не можеше да име се види дното. Тоа беше, реално, најголемата опасност на ова искачување, во секој момент можеше некој да пропадне во некоја од овие глечерки дупки. Во текот на спуштањето по глечерот на Тања Г. и се случи да си ја заглави ногата, за нејзина среќа, само до глуждот, и по нејзиното раскажување чувството не било воопшто пријатно. Веднаш по нашиот член од екипата пропадна и еден Германец кој се движеше пред нас, но поради неговата поголема телесна тежина тој успеа да пропадне многу подлабоко, скоро до појас и ни беше бескрајно благодарен откако Светлана, која беше најблиску до него, успеа со помош на цепинот по неколку минутно копање да му ја ослободи ногата од мразот.
Должината на глечерот беше околу 1,2-1,3 км. со максимален нагиб од 45.5% , успеваме да го совладаме за час и половина.
Тука на надморска височина од околу 3150 м не чека нов предизвик - via ferrata, карпест дел од околу 100 м. висински. Се одврзуваме од наврската, ги пакуваме јажињата и дерезите во ранците а на појасите го ставаме осигурувањето (комплетите) за ферата. Благодарение на неколкуте алпинистички тренинзи што ги правевме на Плоча - радовишко и Матка и несебичната помош од страна на нашите ментори: Жикица Ивановски, член на алпинистички клуб “Астрајон” од Штип, мојата ќерка Александра Герасимова и дечко и Јордан Атанасовски од алпинистичкиот клуб “Матка”, и оваа препрека ја поминавме како од шала, за 30 мин. во еден здив.
Ги извадивме комплетите за ферата. Помеѓу нас и врвот кој веќе се наѕираше не делеше уште една снежна површина од стотина висински метри, ни се виде блага па решивме да ја поминеме без формирање наврска, овој пат можеби оправдано, но во малку поекстремни временски услови ваквата одлука би можела да биде кобна грешка.
Тоа го увидовме при враќањето па решивме да ја изреспектираме максимално и одлучивме да се врземе во наврска како би ја подигнале безбедноста на највисоко ниво. Самиот врв на овие идеални временски услови делуваше многу питомо со исклучок на вертикалната јужна страна на планината. Стигнавме до железниот крст кој се наоѓа на самиот врв, пресреќни, еуфорични што за прв пат секој од нас искачува височина од над 3000 м., и како што е редот, направивме еден куп “победнички” фотографии.
Под самиот врв се наоѓа една импровизирана куќарка (Alex kafe) во која можете да се закрепнете со топол пијалак, на пример нес кафе за 2,70 евра и на убав сончев ден каков што беше нашиот, кафето да си го испиете надвор, на исто така импровизираните клупи направени од обични талпи и сосема спротивно од скопската шема во ист момент да се чувствувате многу европски, каков парадокс.
И како што се што е убаво кратко трае, така и нашето, не смеевме да дозволиме да потрае подолго, па си станавме, овој пат дисциплинирано во наврска, среќни и задоволни од постигнатото, се упативме назад по истиот пат по снегот, по истата ферата, ниту глечерот не ни се виде многу поразличен од сабајлето, истата жичарница, истите возила, патот, базниот логор-кампот Rocchetta, истиот автопат, наплатни рампи, граници, Словенија, Хрватска, Србија, Македонија … и еве ме после скоро 10 дена, по не знам кој пат се фаќам себе си како носталгично ги разгледувам стотиците фотографии што заеднички, секој од свој агол, ги направивме.
Автор:Петар Герасимов
Фотографии: Тања Манчева, Петар Герасимов, Александар Буцевски
Тања Манчева: „Има немирни души (како нас) кои сакаат да патуваат, да освојуваат нови простори, да доживеат нови авантури, а Доломитите и Мармолада се круна на неколку месечните планирања и припреми кои треба секој љубител на планините да си ги овозможи, да ги почувствува, тие обземаат со моќноста и вие сте веќе заљубени.“
Татјана Герасимова: “Прекрасно искуство, преубава природа, многу дружење. Успех за целата екипа на Макпетрол. Се надевам дека следната година истата екипа ќе раскажува за своите искуства, доживања и успеси, но тогаш за освоена висина од над 4000 м.”
Светлана Стојаноска: “Доломитите со нивната убавина оставија во мене една отворена страница за приказна која не е завршена. Со нетрпение го чекам денот на нашата повторна средба.”