Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Мариово - Trail Run - 1 април 2012

Почеток на април - се ближи периодот кога ќе почнат посериозните ултра-планински трки - пред се Фрушкогорскиот ултрамаратон од 111 km кон крајот на месец април. Затоа планиравме да направиме една од последните групни подготвителни акции (Get Ready For...) Се определив за Мариово од повеќе причини - прво дека многу ми се допаѓа - љубов од младоста, потоа дека многу ретко се оди таму и скоро никој не го познава и - има прекрасни терени каде што можеш да трчаш или да возиш mount bike со денови. Се пријавија 10 тркачи - убава бројка со оглед на тоа што и временската прогноза беше малку сомнителна. Се пријави и една друга група на луѓе кои сакаа да го видат овој терен и да го запознаат преку пешачење. И за нив испланиравме една патека и така на крај испадна група од 19 луѓе.

Поаѓаме од Скопје три коли во 6 часот наутро во недела. Од Штип исто така една кола со 4 тркачи - преку Неготино кон Прилеп. Околу 8 часот сме кај Прилеп - го одминуваме и на блиската клучка се одвојуваме, го минуваме надвозникот и се упатуваме по асфалтот кон село Штавица. Тука - на паркинг над селото застануваме и групата што е за планинарење се симнува. Правиме начелeн договор како да се движат и каде и кога да се сретнеме попладнето. Групна фотографија и секој по својот пат.


групна фотографија на паркингот над село Штавица

Ние се враќаме со колите кон село Старо Лагово - на патот ја среќаваме штипската екипа и заедно одиме до селото. Прашуваме еден чичко каде да ги оставиме колите и тој ни ја посочи ливадата пред школото. Паркираме и се подготвуваме за старт - проверка на облеката, патиките, содржината на малите ранчиња. Во 8:35 почнуваме со трчање : Жико, Миле, Ангел, Фарон, Здравко, Петар, Јовица, Светлана, Данчо, Трајче. Трчаме по селски земјен пат кон село Волково. Во селото сме дочекани со лаеж на поголема група кучиња, но тие не се некои бесни - немаме проблеми со нив. Продолжуваме кон следното село - Прилепец - малку off-road, нешто пак по селски пат. Времето баш е пријатно, малку сонце, малку облаци. Трчаме со добро темпо и наскоро го одминуваме и ова село. Сега патот малку пострмно се качува кон манастирот над селото - ама се гледа дека екипата тренирала во последно време - повеќе трчаат одошто одат - така да многу бргу стигнуваме до манастирот Свети Никола - уживајќи по патот во прекрасните карпи кои се издигаат во околината.


екипата трча низ селото Волково


по патот во близина на село Прилепец


убавите карпи на Селечка Планина


манастирот Свети Никола

Кај манастирот правиме пауза од десетина минути - да каснеме нешто и да се напиеме вода. Со луѓето од манастирот разговараме за патеката кон врвот Две Стени - ни кажуваат од каде да минеме за да излеземe на патеката. Наскоро поаѓаме по таа патека - почнува стрмно да се искачува по ридот - теренот е таков - стрмен, прошаран со карпи, грмушки. Наскоро наидуваме на чешма богата со вода. Од чешмата подолживме нагоре за да по десетина минути сфатиме дека сме требале да свртиме во десно. Сретнавме тука еден овчар (за среќа) кој ни покажа една тесна патека која не однесе кон втор овчар со овци и кучиња, а под нив беше добрата патека. Не дека беше кој знае колку добра, грмушки, трње, па поради топењето на снегот поточиња со вода, теренот мек и намокрен, па нешто погоре поголеми делови со снег - ние со патиките - цап - цап... Некаде по патот видоа мало змиче - шарка. Од последниот овчар ни се придружија две кучиња кои трчаа со нас следните два часа. По некое време излегуваме од густишот и се покажува седлото на врвот Две Стени - се упатуваме кон врвот. Под самиот врв интересни карпи меѓу кои стои нестопен снег, остатоци од некакви градби... Правиме тука пауза - за јадење и да си ги исчистиме чорапите и патиките од пробивањето низ теренот дотука.


излегуваме на седлото кон Две Стени


пауза на врвот Две Стени (1473 m)

На Две Стени дува умерен ветар, па бараме место позади карпите за да се заштитиме. Го гледаме времето во околината - се прибираат облаци, особено на исток, север и запад. Но нашиот пат води кон југ - бегаме од лошото време. На спуштање од врвот пак мала екскурзија по пострмен лизгав терен со грмушки. Но по неколку стотини метри авантура - излегуваме на поубав терен - прекрасно за трчкање надолу - за жал Данчо малку си го извртува зглобот па го боли. Продолжуваме со трчање и стигнуваме во селото Кален - половина куќи се срушени, но во некои се уште има жители. Сретнавме кај чешмата една 60 годишна госпоѓа со позитивен дух и си поразговаравме. Видовме и едно трло полно со мали јагниња. На чешмата ги обновивме резервите со вода и продолживме натаму.


низ селото Кален

Сега трчаме малку по асфалт од селото Кален до главниот мариовски пат - од Лагово кон Дуње и Витолиште. Наскоро пак се одметнуваме на trail - одиме во правец на селото Крушевица. Некаде пред селото пак излегуваме на асфалт. Тука покрај патот забележуваме мртов јазовец. Наскоро се приближуваме до селото - веќе умор почнува да се појавува на лицата на тркачите. Правиме мала пауза кај селската црква каде што има и вода. За пет-десет минути пауза веќе на сите ни станува ладно - и времето е заладено, а изгледа и нивото на енергија во нашите организми е намалено. Се облекуваме и продолжуваме по тесни патчиња над селото - кон сртот на Високо. Тука по принципот - снајди се - бараме патчиња помеѓу соголената ниска шума. Имаме среќа. Но угорницата е прилично стрмна и колоната ни се развлекува. Кон крајот на успонот пак даоѓа еден појас на боцкави растенија кои не гребат по нозете и рацете. Кога излегуваме над дрвјата, не напаѓа студен ветар кој наскоро почнува да ни ги ѕемне рацете. Ставаме се што имаме од облека - но немаат сите баш се што е неопходно. Ветрот е доста силен и почунуваат да прелетуваат снегулки низ воздухот. Се криеме зад една карпа и чекаме да се собере групата. Не може многу да се чека поради студот, па поголемиот дел од групата се договараме да се упати надолу и десно - во правец на село Бонче. Искачувањето на врвот Високо во вакви услови отпадна од агендата. Слабиот снег не следи и следниот половина час како постепено се спуштаме кон ридовите над Бонче.


нагоре кон сртот на Високо


на еден од ридовите над село Бонче

Во телефонски контакт сме неколку пати со групата што замина на планинарење - тие веќе ја беа завршиле својата акција и беа во село Штавица. Свесни за заморот на луѓето, особено по шокот што го доживејаа со студот погоре, се договоривме со Марин - двајца од нив да појдат пешки 5-6 километри до селото Старо Лагово, да земат две коли и да се вратат во близина на Штавица - да добиеме во време за враќање.

Кога стигнавме над Бонче поголемиот дел од тркачката екипа се упати кон селото, но јас ги замолив Данчо и Здраве да го побараме археолошкиот локалитет од 4-ти век п.н.е. Со малку лутање со помош на GPs-от го најдовме. Ние очекувавме барем нешто да биде обележано, истакнато. Ништо. Наидовме на едно мало брденце кое всушност беше таа античка кралска гробница. Кога се приближивме ја сфативме нејзината грандиозност. Големи камени блокови, импозантен влез... се чувствува дека тука имало силна држава, големо кралство во минатото. Навистина ќе ми беше жал ако го пропуштевме ова место да го посетиме.


дел од обиколката на античката гробница близу Бонче


Здравко на влезот во ходникот (дромосот) кон гробницата

Потоа назад кон село Бонче - малку трчање, малку одење. Остатокот од екипата веќе беше стигната до асфалт. Здравко и Данчо добија некоја додатна енергија кога сфатија дека изминале 41 km досега - решија да надминат 42 km 195 m - должината на класичен маратон и да станат ултрамаратонци. Трчавме нагоре по асфалтот над село Бонче и тие двајца изминаа 43 km. Пристигна до нас Перо со колата и не собра - не однесе до остатокот од групата подолу кон Штавица.


екипата спремна за враќање назад

И втората група - планинарите - имале интересни доживувања - и многу убави фотографии. Тој дел од приказната ќе го раскаже некој од нив. За тркачите можам да кажам дека испитот помина успешно - со изминати од 38 до 43 km и околу 2000 m висинска разлика, со временски услови кои во еден момент станаа доста критични - сето тоа беше голем испит за групата и драгоцено искуство за во иднина - да не зборам пред време - ама сметам дека прилично лесно ќе го минат Фрушкогорскиот планински ултрамаратон.


Технички податоци :

Должина на патеката : 42 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 2000 m
Макс.процент.успон : 40 %, просек 8 %


измината патека


профил на патека

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :

trail run - https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/MariovoTrailRun#

Автор: Трајче Панковски

Фотографии: Петар Герасимов, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje