Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Планинарската Мариовска приказна - 1 април 2012

                Не е срамота да  признаеме дека до сега не сме го посетиле Мариово, ама ќе биде срамота ако тоа не го повториме. Мариово тоа го заслужува, затоа што во себе има толку многу убави, нескриени и скриени, природни, оригинални и вредни нешта кои навистина треба да се посетат. Нашата 9 члена (Лиле, Олга, Маја, Тања, Софија, Тања, Горан, Буце и Марин), расположена и компактна планинарска група на своја кожа, тоа во целост го потврди (ако не ни верувате на зборот, бидејќи акцијата се случи на Први Април), тука се фотографиите тоа да го доловат.

                Имав впечаток како маратонците и ултрамаратонците, наши сопатници, колеги, пријатели сакаа некако што побрзо да не растоварат, за да имаат повеќе време за трчање, па не оставија некако во лет на однапред испланираното место на една височинка после с.Штавица на асфалниот пат кој води се до познатото с.Витолиште, следуваше брз растовар, брза фотка, две, и разделба на групите. Очекував дека ќе ни треба подолго време да се консолидираме, расониме, договориме за текот на нашата планинарско – истражувачка акција, но се излажав. Главен виновник за ова беше самиот амбиент и конфигурацијата на теренот во кој се најдовме и желбата на сите нас што побрзо да се размрдаме и зачекориме по првата Мариовска падина која беше пред нас.


над асфалтниот пат кон Витолиште, запознавање со теренот

                Горан беше подготвен како за на испит, бидејќи во својот ГПС уред, точно ја имаше исцртано испланираната наша патека на движење по дел од Селечка Планина, која беше во кружна форма и тоа беше доволно за сите останати членови на оваа група да се отпуштат и сфатат дека се во сигурни раце и дека и камења да паѓаат безбедно и сигурно ќе ја поминеме испланираната патека на движење, требаше само уште времето да не послужи и се да биде по план но... не испадна така, туку уште подобро. Какви се тоа планинари ако не искачат некој врв, си велам, макар тој да е висок 1322м и се вика ВЕСЛЕЦ, не Веселец – изгледа скратена некоја Мариовска верзија на нешто весело. Веднаш се сетив кога за прв пат во идеални временски услови го искачив највисокиот врв на Бистра – Меденица и сфатив зошто го добил тоа име (од него, се наоколу ми беше слатко и убаво баш како првокласен мед), па очекував дека и од Веслец ќе биде се весело, па предложив да ја смениме трасата, сите прифатија и тргнавме, не кружно, туку височински угоре кон врвот Веслец, без снимен терен во непознато и не погрешивме, затоа што весела атмосфера во групата имавме по целиот успон нагоре, на самото врвче, спуштајќи се од него по едн долг гребен се до с.Подмол, па  јужно по брдото над с. Марул, се до с.Штавица - значи по цел пат. Поука : треба што почесто по убави временски услови, да се посетуваат и откриваат врвчиња, области, терени со ИНТЕРЕСНИ имиња, ако сакате да се чувствувате весели, расположени, насмеани, разиграни... среќни.

                Оправдана беше поголемата врева, разговори, смешки, комуникација меѓу екипата затоа што овој пат женскиот дел од планинарите беше поброен, па секоја промена добро доаѓа, ама без разлика на тоа се видовме, се почуствувавме, скоро се снимивме, само студениот ветер, неговиот звук, некоја капка дожд, останува да го паметат планинарите, а останатото се обидувам да го пренесам во текстов несебично, така да и сите Вие кои ги читате овие редови   да добиете некоја реална слика за акцијава.

                Колку е убаво по широк, благ гребен по ниска сува трева да се движиш отпуштено угоре па на почетокот од искачувањето кон врвот Веслец да ги здогледаш југоисточно – лево од тебе, белите снежни контури на Кожуф Планина, северно на хоризонтот гордиот Злато врв, Марковите кули, а под нив Прилепа града, а меѓу нас и Прилеп се испружила равната Пелагониска низина, а како се качувавме се повисоко кон врвот таа глетека беше уште повпечатлива, а Пелагонија  почна се повеќе и повеќе да станува доминанатна, баш како да е најголема низина во Македонија.Југозападно од нас стрчеше Баба Планина со белите, снежни Пелистерски врвови, додека десно од неа на хоризонтот ја здогледавме и Крушевската корија со градот – музеј Крушево сместен високо, и личеше баш како некое птичјо гнездо, Кожуф го изгубивме (го скрија делови од Селечка Планина), ама затоа се појави Ниџе Планина, на југ од нас со белите снежни врвови и облаците над нив, а меѓу нас и Ниџе се протегаше, големата, гола, разиграна Мариовска конфигурација полна со бројни ридчиња, каде некаде низ таа средина тече реката Црна на која уште од 1976 година има студија и план за изградба на ХЕ Галиште и ХЕ Чебрен (и уште се во план за изградба), а вие си одите, уживате, се насладувате, а гледкава трае ли трае.


дело од екипата - во позадина Прилеп со Злато Врв и Маркови Кули


уште малку па на Веслец


среќни планинари


на пат кон село Подмол


Пелагонија со Пелистерските белини


првоаприлска анализа на теренот

                На самиот врв имаше убави карпи, вертикали, ама за жал и доста изгорена црна трева од некој тазе изгаснат пожар што некако се совпаѓаше со чадот кој излегуваше од оџаците на РЕК Битола пред нас, како и уште еден пожар во таа насока. Од врвот Веслец по краткиот одмор и малото закрепнување сега почнавме да се спуштаме по еден многу убав, долг, обол планински крак кој ми личеше на џиновски октоподски крак право кон с.Подмол, каде решивме да не одиме кон археологиското наоѓалиште, бидејќи убавото време се расипа и секој момент очекувавме дожд, но наместо дожд се појави студен северен ветер. По мене ќе имавме проблем ако не дувнеше, затоа што сигурно ќе исполегневме на идеалните мазни плочкести камења со интересни форми па потоа маратонците, тркачи сигурно пред нас ќе стигнеа во с.Штавица, па тогаш ќе требаше тие нас да не чекаат, а ние да им објаснувавме стручно во стил на Итар Пејо, зошто толку многу доцниме, вака ние си го продолживме нашето патување низ овие предели по онаа однапред исцртана ГПС патека кон с.Марул, па над него низ густите борови пошумени шумички, движејќи се по изохипси стигнавме до почетокот/крајот на овој круг во с.Штавица, следуваше заслужен одмор, разгледување на селото со Холивудски шмек па вешто, итро, стручно комбинирано организирање (Буце знае како) и достава на 4 те возила од с.Лагово до с.Штавица (2+1+2-1)=4. Дојде и моментот кога срдечно ги дочекавме маратонците и ултра маратонците (без музика и медали), меѓусебна размена на впечатоците од оваа прикаска и на +2 степени надворешна температура гарнирана со студен ветер во одлично затоплените возила (Буце знае како) си тргнавме дома задоволни од се ова.


село Подмол


убавото мало езерце кај село Марул


премин преку "Мариовското блато"


погоди кој е кој ?


целта - село Штавица - пред нас


запознавање со холивудскиот шмек во Штавица

                Вториот дел од Мариовската приказна си го замислувам лете во некој топол, убав, ведар ден каде исполегнати планинари како гуштери си лежат на специфичните Мариовски камени плочи, апсорбираат сончева топлина и енергија од нив, се полнат како испразнети мобилки  за да ја обноват потрошената енергија од претходното извршеното истражување на некој друг дел од големото и чисто Мариово, кое изгледа секојпат знае пријатно да ги изненади сите оние кои го посетуваат.


Мариово без магаренце не бива...


Технички податоци
:

Должина на патеката : 19 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 820 m
Макс.процент.успон : 31,2 %, просек 9,2 %


измината патека


профил на патека

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :

планинарење - https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/MariovoHiking#

Автор: Марин Стојановски

Фотографии: Лиле Кекеновска, Горан Стојановиќ, Марин Стојановски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje