Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Trail running : Лозово - Хисар - 31 март 2013

Мала група ентузијасти желни да трчаат по диви патеки се собра во ова облачно неделно утро на еден паркинг во село Лозово - на патот Велес - Штип близу до Свети Николе. Вкупно 7 души од кои една девојка - ги ставивме ранците на грб и појдовме со лесно трчање по тревните ливади на овчеполието. Прогнозата за денешниот ден ветуваше и дожд, па среќни што се уште го нема дождот трчавме по ливадите во правец на селото Ќоселари - полека приближувајќи се кон ридовите по кои сакавме да ја истераме денес нашата рута. По селото Ќоселари полека почнуваме да се креваме нагоре, а почнува и ситно да роси. Тоа е пријатно, не освежува. Како што ја зголемуваме висината, и дождот засилува, така да по отрилика еден час од поаѓањето веќе не фаќа константен умерен дожд. Се облекуваме во шушкавци и јакни, некои продолжуваат така. Се качуваме на првото брдо и пред нас се отвара еден огромен простор на мали брда испресечени со уште поголем број клисурички, кањончиња, карпи ѕиркаат од по некоја страна. Многу разигран терен. Ова требаше да биде македонската пустина, но се изненадивме дека беше прилично зелено, а најмногу вирееја мали џбунови и трња кои постојано не гребеа додека трчавме покрај нив.


во почетниот рамен дел


поглед кон ридот Богословец - Свети Јовански Рид - највисока точка во околината


пределот што не чекаше да го поминеме

Се спуштивме во внатрешноста на оваа област - дождот почна да престанува, но остана кал по патеките, така да кога трчавме патиките ни беа речиси двојно потешки од обично. Се обидувавме да трчаме од страна - каде што има трева и повремено ја гребевме калта од патиките, но релативно добро се движевме. Разубавувањето на времето позитивно влијаеше врз нас, па весели почнавме да талкаме по теренот и да бараме интересни места за поминување, а такви имаше прилично. Потоа излеговме на еден широк пат што всушност беше корито на некој порој - се уште имаше вода во некои делови па со малку маневрирање и шлапкање се приближивме до текот на реката Брегалница. Од спротивната страна видовме куќи - селото Црешка. Кога ја видовме Бегалница - брза и со многу вода, ни стана јасно дека пропаѓа нашиот план за наредниот пат - кога сакавме на два пати да ја прегазиме реката за да отидеме од другата страна - тоа ќе биде можно веројатно во лето, но во рана пролет нема шанси.


пристигнуваме до реката Брегалница

Трчаме малку по мокрите патчиња околу Брегалница, па потоа, за да не биде монотоно, се искачуваме на еден од ридовите - одејќи во спротивна насока - кон север. Теренот испадна доста стрмничок, така да на некои места требаше да си помагаме со рацете. По излегувањето на гребенот, почнавме да се спуштаме од другата страна. Се спуштивме по стрмен но релативно лесен терен. Кога дојдовме долу видовме дека всушност тука не е пат, туку тече еден поток. Се договоривме да појдеме по текот на потокот - тој беше до пола со вода, ама од страните можеше да се движиме. Со прескокнување лево - десно, од камен на камен, па малку од страните по песок - пак се вративме до реката Брегалница, само што сега дојдовме близу до ридот Хисар - маркантен рид од спротивната страна. Тој се издига стрмно над реката - некои 200 m надморска височина повисоко и доминира на овој дел, особено затоа што горниот дел од ридот е карпест. Реката Брегалница тука прави интересна кривина околу ридот, така да е тој од три страни обиколен од реката, а по суво е пристапен само од една страна. Тука во далечното минато - 3 век п.н.е. имало населба - се уште горе имало остатоци од ѕидини, кули... Во оваа област се ископувала железна руда. Дури и имало мост преку реката во јужниот дел. Ех, да имаше сега некаков мост...


малку надолу - малку нагоре


текот на река Брегалница и ридот Хисар малку подалеку


спуштање по текот на потокот


ридот Хисар

Кога стигнавме кај Хисар пак почна да си врне. Тука имавме интересни моменти на буткање низ густи грмушки и минување на еден поток, но се се заврши успешно. Групата почна да покажува знаци на замор - и од теренот и од променливото време, па решивме малку да ја скратиме патекаа и полека да почнеме да се враќаме назад. Почнавме со стрмно искачување на еден рид за да го фатиме правецот кон село Кишино - но до таму минавме уште две - три - четири брда. Дождот пак престана, па дури огреа и сонце.


стрмно искачување


на пат кон село Кишино

Теренот различен - низ шумичка, па убава трева, па еродирани површiни со ситен камен и песок, мали провалиички кои треба или да се забиколат или да се симнат и да се искачат. Во селото Кишино не пречекаа неколку кучиња - тоа беа првите живи суштества (освен два полжави) што за цел ден досега ги сретнавме. Ретко ни се случува да наидеме на волку ненаселен терен. Од селото пак продолжуваме во правец на Дорфулија - густи мали шумички и повремено такви мали шанци за преминување - го баравме патот ваму - таму но со помош на GPS-ите успешно го држевме главниот правец, Уплашивме еден голем зајак кој почна да трча како луд кога му се приближивме. Конечно се покажа рамното Овче Поле и ние се упативме кон селата под нас - прво во Дорфулија и потоа од него по асфалтниот пат до блиското село Лозово - каде што ни беа колите. Така, за вкупно 8 часа доживеавме многу интересни моменти - се изнатрчавме, се изнагребавме и пак бевме среќни и весели. На крајот кај колите Александар носеше со себе шише вино - со него го прославивме тоа што тој и Валдет ни се приклучија на нашата trail running екипа. Потоа во колите и назад до Скопје - низ улиците на Скопје го видовме и ние прекрасното виножито што се појави над градот после дождот - како капак на низата интересни работи што ги доживеавме во текот на овој ден.


еродирани подрачја


пак во рамницата - селата Дорфулија и Лозово



Технички податоци :

Должина на патеката: 38 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1320 m
Максимален успон : 35 %, просечен успон : 6,6 %



патеката на движење


висински профил на патеката


Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/LozovoTrail

Автор: Трајче Панковски
Фотографии:
Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje